Забранета венчавка
Адвентен дом
Забранета венчавка
Венчавка на христијани со неверници. – Во христијанскиот свет постои запрепастувачка, вознемирувачка рамнодушност кон учењето на Божјите зборови застапувањето во брак на христијаните со неверниците. Мнозина кои велат дека го сакаат Бога и дека се плашат од Него, повеќе сакаат да се управуваат според сопственото мислење отколку да бараат совет од бескрајната Мудрост. Во прашањата кои се од животно значење за среќата и благосостојбата на двете страни, како во овој така и во идниот свет, се отфрла разумот, расудувањето и Божјиот страв и се дозволува да завладеат слепите нагони и тврдоглавата решеност. {АД 61.1}
Мажите и жените кои обично се разумни и совесни, ги затвораат ушите на советите; тие се глуви на повиците и преколнувањето на пријателите, роднините и Божјите слуги. Изразувањето на загриженост или предупредувањето се смета за невкусно мешање, а верниот пријател кој се осмелува да го изрази својот приговор се смета за непријател. Сето тоа е всушност она што сатаната го посакува. Тој плете мрежа со своите магии околу душата сѐ додека не ја маѓепса и заслепи. Разумот дозволува уздите на самоконтрола да паднат на вратот на страста, непросветените склоности земаат замав додека најпосле, премногу доцна, жртвата не ја отрезни бедниот живот и ропството. Ова не е слика која ја нацртала фантазијата, туку приказ на реалноста. Божјиот благослов не се дава на браковите кои Тој особено ги забранил. {АД 61.2}
Божјите заповеди се јасни. – Господ заповедал на стариот Израел да не склопува бракови со околните идолопоклонички народи. „Ниту ќе склопуваш бракови со нив; нема да ги даваш своите ќерки за нивните синови, ниту пак ќерките нивни ќе ги земаш за своите синови“. Дадено е и образложение. Бесконечната мудрост, предвидувајќи ги последиците од таквите бракови вели: „Затоа што би го одвоила синот твој од Мене, и би им служел на други богови, па Господ би се разгневил на вас и би ве сотрел брзо… Затоа што ти си народ свет на Господа, Богот свој, тебе те избрал Господ Бог да му бидеш народ посебен од сите останати народи на Земјата“. {АД 61.3}
Во Новиот завет постојат слични забрани во поглед на бракот на христијани со неверници. Апостол Павле во своето прво послание до Коринтјаните вели: „Жената е врзана со законот сѐ додека ѝ е жив мажот; а кога ќе ѝ умре мажот, слободна е да се омажи за кого сака, „само во Господа“. Во своето второ послание пишува: „Не влечете јарем со неверниците: зошто што има праведноста со беззаконието или каква заедница има светлината со темнината? Како ли се согласува Христос со Велиар, или каков дел има верникот со неверникот? Како ли се согласува храмот Божји со идолите? Затоа што ние сме храм на живиот Бог“, како што кажа и самиот Бог: „Ќе престојувам и ќе живеам помеѓу нив, и ќе им бидам Бог, и тие ќе бидат Мој народ. Затоа одете од нив и одвојте се, зборува Господ, и до нечистиот не се допирајте; и тогаш ќе ве примам, и ќе ви бидам Татко, и вие ќе бидете Мои синови и ќерки, зборува Бог Семоќниот“. {АД 62.1}
Божјото проклетство почива на многу предвремени и несоодветни брачни заедници, кои денес се склопуваат во светот. Библијата не го оставила неразрешено или нејасно ова прашање, и за тоа многу момчиња и девојки не можат да ја оправдаат својата меѓусебна врска. Библиските барања не се половични закони; тие бараат совршено чисти мисли, зборови и дела. Можеме да му заблагодариме на Бога што Неговиот збор е светлина за нашите нозе и никој не мора да згреши на патеката на своите должности. Младите треба да се навикнат да ги погледнат нејзините страници и да ги прифатат нејзините совети, затоа што секогаш се прават жални грешки кога се отстапува од нејзините правила. {АД 62.2}
Бог не ги одобрува браковите помеѓу верниците и неверниците. – Божјиот народ никогаш не треба да оди на забрането подрачје. Бог забранува бракови помеѓу верните и неверните. Меѓутоа, необратеното срце често ги следи своите желби и така се склучуваат бракови кои Бог не може да ги одобри. Затоа во овој свет многу мажи и жени се без надеж и без Бога. Нивните облагородени тежнеења се мртви. Поради сплет на околности, тие се наоѓаат во сатанската мрежа. Оние со кои управуваат страстите и нагоните ќе пожнеат горчлива жетва во овој живот, а на својот пат може да ја изгубат и самата душа. {АД 63.1}
Оние кои ја признаваат вистината, ја погазуваат Божјата волја кога во бракот се врзуваат со неверници; тие ја губат Неговата наклонетост и еден ден горко ќе се каат. Неверната страна може да има извонреден морален карактер; но фактот дека не ги слуша Божјите барања и го одбива големото спасение е доволна причина да не се стапи во таков брак. Карактерот на неверниот може да биде сличен на карактерот на она момче на кое Исус му ги упатил зборовите: „Уште едно нешто ти недостасува“. А тоа едно било многу потребно. {АД 63.2}
Соломоновиот пример. – Има луѓе коишто живеат во сиромаштија и одвоеност од луѓето, чиј живот Бог би можел да го прифати и целосно искористи на Земјата и во небесната слава, но сатаната упорно работи за да ги осуети Неговите намери и да ги повлече во пропаст со склопување на бракови со оние чиј карактер не може да се одржи на патот на животот. Малкумина се такви кои од ова можат да излезат како победници. {АД 63.3}
Сатаната добро ги познава резултатите од послушноста. Во првите години на Соломоновото владеење славните години на мудроста, великодушноста и чесниот живот сатаната настојувал со своето влијание подмолно да ја поткопа неговата верност кон начелата за да го одвои од Бог. Од извештајот ни е познато дека непријателот успеал во своите напори: „Соломон се спријателил со фараонот царот египетски, и се оженил со ќерката на фараонот, и ја довел во Давидовиот град“. {АД 64.1}
Склучувајќи сојуз со незнабожечкиот народ и потврдувајќи го со венчавката со идолопоклоничката принцеза, Соломон непромислено ги отфрлил мудрите закони кои Бог ги дал за да ја сочува чистотата на Својот народ. Надежта дека оваа Египќанка ќе се обрати, претставувала блед изговор за грев. Со престапот на јасните Божји заповеди, за поврзувањето со другите народи, царот ја соединил својата сила со телесноста на овој свет. {АД 64.2}
Во Својата бескрајна милост, Бог извесен период преминувал преку овие страшни грешки. Соломоновата жена се обратила; а царот, со мудри постапки, можел да ги спречи злите сили кои се поттикнати од неговата непромисленост. Меѓутоа, Соломон почнал да го губи од вид Изворот на својата сила и слава. Склоноста ја зела власта над разумот. Колку повеќе растела неговата самодоверба, тој сѐ повеќе настојувал Господовите намери да ги спроведе на свој начин… {АД 64.3}
Многу христијани мислат како и Соломон дека можат да склучат заедница со неверниците, затоа што веруваат дека нивното влијание на нив ќе биде полезно. Но многу често, надитрени и победени ја оставаат својата света вера, жртвувајќи ги начелата и одвојувајќи се од Бога. Еден погрешен чекор го условува следниот, сѐ до еден ден кога ќе се најдат во ситуација во која не можат да се надеваат на ослободување од оковите со кои се врзани. {АД 64.4}
„Тој е побожен“. – Понекогаш се вели дека неверната страна е наклонета кон религијата и тоа е сѐ што треба да се очекува од неа, освен едно тој не е христијанин. Иако здравиот разум на верната страна може да укаже на непогодност за брачна врска со неверните, во девет од десет случаи победуваат склоностите. Духовното опаѓање почнува од оној час кога пред олтарот ќе се склучи заветот. Од тој момент почнува сѐ повеќе и повеќе да слабее ревноста за верата и исчезнува еден поттик по друг, сѐ додека и двајцата не застанат под црното сатанско знаме. Уште со свадбената свеченост духот на светот ликува над совеста, верата и вистината. Во новиот дом не се почитува часот на молитва. Младоженецот и невестата се избрале еден со друг, а го напуштиле Исуса. {АД 65.1}
Се менува верната страна. – Во прво време неверната страна често не покажува никаков знак на спротивставување. Но штом стане збор за библиските вистини, неверникот вели: „Ти ме зема знаејќи кој сум јас. Затоа не сакам да ме вознемируваш. Од денес сакам да знаеш дека не смее да има никакви разговори за твојата вера!“ Кога верната страна би се обидела да ја брани вистината, другата страна тоа би го сметала за неучтивост, бидејќи не се грижи за христијанското искуство. {АД 65.2}
Верната страна смета дека во првите денови од бракот мора донекаде да попушти на партнерот кој го избрала. Тие заедно ги посетуваат световните пријатели и забави. Внатрешните чувства на верниот се бунтуваат против таквите постапки, но љубовта кон вистината сѐ повеќе и повеќе слабее, за на крајот верата да се смени во сомнеж и неверство. Никој не се надевал дека толку цврста христијанка, совесна и посветена на Христа сега одеднаш почнува да се сомнева и да се колеба. О, каква промена настанала поради ваквиот неразумен брак! {АД 66.1}
Значи, опасно е да се стапи во брачна врска со неверни. Сатаната многу добро знае дека таквиот брак на многу момчиња и девојки претставува крај за нивното верско искуство и даровите. Тие се изгубени за Христа. Тие можат да се обидат извесно време да живеат христијански живот, но сите нивни напори ги уништува силното влијание на спротивната страна. Некогаш тие се радувале на можноста да зборуваат за својата вера и надеж, но сега немаат желба да зборуваат за тоа, бидејќи се свесни дека оној со кој си ја поврзале својата судбина не се грижи за тоа. На крајот верата во скапоцената вистина умира во нивните срца, а сатаната лукаво ја плете својата мрежа на неверство околу нив. {АД 66.2}
Жртвување на небесните радости. – „Дали двајцата ќе одат заедно ако не се сретнат?“ „Ако двајца од вас на земјата се сложат во она што им е мило, што и да молат, ќе им го даде Таткото Мој кој е на небесата“. Каква е таа чудна ситуација! Додека едниот од оние кои се толку тесно врзани, се моли на Бога, другиот е толку рамнодушен и незаинтересиран; додека едниот го бара патот до вечниот живот, другиот е на широкиот пат кој води во смрт. {АД 66.3}
Стотици Го жртвувале Христа и небото затоа што склучиле брак со необратени личности. Зар за нив љубовта и заедницата со Христа е од толку мала важност, што повеќе би сакале да ѝ дадат предност на заедницата со сиротите смртници? Зар тие толку малку го ценат небото, што доброволно ги ставаат на коцка неговите вечни радости заради оној кој не го сака добриот Спасител? {АД 66.4}
Да се здружиш со неверник значи да застанеш на територија на сатаната. Ти го разжалостуваш Божјиот Дух и ја одбиваш Неговата заштита. Зар можеш да си дозволиш да се ставиш во таква застрашувачка подредена положба додека ја водиш битката за вечниот живот? {АД 67.1}
Запрашај се: „Дали неверниот сопруг може да ги одврати моите мисли од Исуса? Тој повеќе сака да ужива отколку да го сака Бога; нема ли тој да ме наведе да уживам во она во што тој ужива?“ Патеката до вечниот живот е стрмна и нерамна. Немој да се оптоваруваш себеси со нов товар којшто ќе го успори твојот напредок. {АД 67.2}
Дом од кој сенките не се креваат никогаш. – Срцето копнее за човечката љубов, но таа љубов не е ниту доволно силна ниту доволно чиста, ниту доволно вредна за да може да го заземе местото на Исусовата љубов. Единствено во својот Спасител жената може да најде мудрост, сила и способност да ги понесе животните грижи, одговорности и обврски. Тој треба да биде нејзина Сила и нејзин Водач. Жената треба да му се довери на Христа пред да се довери на било кој земен пријател, и нека не склопува никаква врска која би ја попречувала врската со Бога. Оние коишто сакаат да најдат вистинска среќа мораат да добијат благослов од небото за сѐ што имаат и што прават. Непослушноста кон Бога унесреќува многу срца и домови. Сестро моја, ако не сакаш да имаш дом од кој сенките никогаш не се креваат, не се соединувај со оној кој е Божји непријател. {АД 67.3}
Христијанско гледиште. – Што треба да прави секој христијанин кога ќе дојде во ситуација да се испроба цврстината на неговите верски начела? Тој би требало цврсто и одлучно да каже: „Јас сум совесен христијанин. Верувам дека саботата е библиски ден за одмор. Мојата и твојата вера, моите и твоите начела, не можат да се согласат. Ние заедно не можеме да бидеме среќни, затоа што ако тежнеам подобро да ја запознаам Божјата волја, тогаш сѐ повеќе и повеќе ќе бидам сличен на Христа, а сѐ помалку на светот. Ако не видиш ништо убаво во Христа, ако тие вистини не те привлекуваат, ти ќе го сакаш светот којшто јас не можам да го сакам, додека јас ќе го сакам она што е Божјо, што ти не можеш да го сакаш. За духовното се расудува духовно. Лишен од духовното расудување не ќе можеш да сфатиш што сака Бог од мене, ниту да ги согледаш моите обврски кон Учителот на кој му служам. Најпосле ќе заклучиш дека те запоставувам поради своите верски должности. Нема да бидеш среќен; ќе станеш љубоморен затоа што своите чувства ги подарувам на Бога и на тој начин ќе останам осамена во својата вера. Ако пак ги смениш своите погледи и ако твоето срце ти одговори на Божјите барања и ако научиш да го сакаш мојот Спасител, тогаш нашата заедница може да се обнови!“ {АД 67.4}
Така верната страна му ја принесува жртвата на Христа која е одобрена од нејзината совест и која покажува дека таа пред сѐ го цени вечниот живот и не се изложува на опасноста да го изгуби. Верната страна смета дека подобро е да остане сама во животот, отколку своите интереси да ги поврзе со интересите на онаа страна која повеќе го сака светот отколку Исус и која би ја одвоила од Исусовиот крст. {АД 68.1}
Сигурна брачна заедница. – Само во Христа може со сигурност да се основа брачна заедница. Човечката љубов мора да произлегува од Божјата љубов. Само таму каде што Христос владее може да постои длабока, вистинска и несебична љубов. {АД 68.2}
Случај кога неверната страна се обраќа на Бога по венчавката. – Личноста која влегла во брачната заедница додека сѐ уште не била обратена, со своето обраќање презема голема обврска кон својот брачен партнер, без оглед на степенот на разлика во нивниот верски живот. Но барањата коишто Бог ги поставува мораат да стојат над сите земни односи, дури и тогаш кога тоа предизвикува неволји и прогонства. Со духот на љубов и кротост, верната страна може да го придобие својот неверен пријател. {АД 69.1}

