Чести постапки во додворувањето
Адвентен дом
Чести постапки во додворувањето
Погрешни сфаќања за додворувањето и бракот. – Сфаќањата за додворувањето имаат свој темел во погрешниот пристап кон бракот. Тие дозволуваат да се следат нагоните и слепата страст. Додворувањето се заснова на флертот. Двете страни често ги кршат правилата за скромност и воздржаност, и ако не го престапуваат Божјиот закон, виновни се за невнимателно однесување. Тие не знаат за возвишената, света и благородна смисла на брачната установа; и затоа не ги развиваат чистите чувства на своето срце и благородните црти на карактерот. {АД 55.1}
Не смеете да изговорите ниту еден збор и да направите ниту едно дело, кое не би сакале да го видат и забележат светите ангели во небесните книги. Секогаш мислете на тоа да го прославите Бога. Во срцето треба да живеат само чисти посветени чувства, достојни за Христовите следбеници, возвишени во својата природа, повеќе небесни отколку земни. Сѐ што е поинаку од ова го понижува и обезвреднува додворувањето. Така ни бракот, ако не е основан на возвишените начела на Библијата не може да биде свет и чесен во очите на чистиот и свет Бог. {АД 55.2}
Младите премногу си попуштаат на своите желби. Тие не би требало лесно да се препуштат на влијанието на својот избраник. Додворувањето во ова време е основано на измама и лицемерство, во што непријателот на душите повеќе учествува отколку Господ. И тука е потребен здрав разум, но факт е дека тој е многу малку присутен во овие постапки. {АД 55.3}
Доцна во ноќта. – Навиката да се седи до доцна во ноќта станала обичај; но со тоа не се угодува на Бога, дури и кога и двајцата се христијани. Доцните часови му нанесуваат штета на здравјето, го онеспособуваат умот за должностите во наредниот ден, а сето тоа е лошо. Драг брате, се надевам дека ќе имаш доволно самопочитување за да се чуваш од ваков облик на додворување. Ако сакаш да го прославиш Бога ќе постапуваш внимателно и разумно. Тогаш нема да дозволиш болната чувствителност да те заслепи за да не можеш да ги видиш возвишените барања кои Бог ги става пред тебе како христијанин. {АД 56.1}
Сатанските ангели бдеат заедно со оние кои голем дел од ноќта го посветуваат на додворувањето. Кога очите би им биле отворени, би го виделе ангелот кој ги забележува нивните зборови и постапки. На тој начин се кршат законите на здравјето и пристојноста. Би било многу поправилно таквите часови на додворување да се сочуваат за подоцнежниот брачен живот. Поради тоа венчавката и бракот често претставуваат крај на вниманието кое се покажувало за време на додворувањето. {АД 56.2}
Ова расипување на времето во долгите ноќни часови во ова време на пороци, многу често води до пропаст за двете страни. Кога момчето и девојката се понижуваат самите себе си, сатаната се воздигнува, а Бог се срамоти. Во својата заслепеност тие го жртвуваат доброто име, а бракот на таквите личности Бог не може да им го одобри. Таквите стапуваат во брак водени од своите страсти, и кога новиот заеднички живот ќе застари, тие почнуваат да сфаќаат што направиле. {АД 56.3}
Сатаната добро знае со какви луѓе има работа, и затоа со сета своја пеколна мудрост и моќ создава различни стапици, за да ги одведе во пропаст. Тој внимава на секој нивен чекор и им ги дава своите совети, кои често повеќе ги прифаќаат отколку советите од Божјата реч. Оваа вешто исткаена и опасна мрежа е толку добро поставена за да може да ги фати младите и неискусни луѓе. Таа често се крие под превезот на светлината; но оние кои така станале нејзина жртва, по своја вина, доживуваат многу трагични тешкотии. Последицата од таквиот живот е тоа што насекаде околу себе гледаме пропаднати човечки суштества. {АД 56.4}
Поигрување со чувствата. – Пред светиот Бог поигрувањето со чувствата не е мал грев. Но сепак, има момчиња кои несериозно постапуваат со младите девојки и ги предизвикуваат нивните чувства, а потоа ќе отидат и ќе заборават на сѐ што кажале, не размислувајќи за последиците. Нив сега ги привлекува ново лице, и тие ги повторуваат истите зборови и на втората ѝ посветуваат исто внимание. {АД 57.1}
Ваквото расположение ќе се открие дури во бракот. Брачниот живот не може секогаш да го зацврсти колебливиот ум, а непостојаниот човек да го направи постојан и верен на начелата. На таквите им здосадува семејното секојдневие, а несветите мисли ќе се покажат во несветите постапки. Колку е тогаш важно младите да го приберат својот ум и да внимаваат на своето однесување, за сатаната да не ги заведе од патот на праведноста. {АД 57.2}
Нечесни постапки. – Момчето кое се дружи со млада девојка и го придобива нејзиното пријателство, а за тоа ништо не знаат нејзините родители, не постапува христијански ниту кон неа, ниту кон нејзините родители. Со тајните состаноци тој може да влијае на нејзиниот ум, но во тоа нема да покаже ниту благородност ни почит кон душата, што секое Божје дете треба да ги поседува. За да ги исполнат своите цели, многу момчиња го прават она што не е чесно и искрено и што не е во согласност со библиските начела, и така докажуваат дека не се верни на оние кои ги сакаат и кои се трудат да бидат нивни верни заштитници. Вака склопените бракови не се во согласност со Божјата реч. Момчето кое е подготвено да ја одвои девојката од нејзините обврски, кој ќе ѝ ги помати нејзините сознанија за јасните и позитивни Божји заповеди да ги слуша и почитува своите родители не е човек којшто може да биде верен на брачните обврски… {АД 57.3}
„Не кради“ така гласи заповедта, која самиот Бог ја напишал со Својот прст на камена плоча; но сепак, колку пати се краде и оправдува кражбата на туѓите чувства! Неискреното додворување продолжува, се одржуваат тајни состаноци, сѐ додека чувствата на неискусната девојка која не знае каде води тоа, не се одвојат од нејзините родители и се предадат на оној, кој со своите постапки покажува дека не е достоен за нејзината љубов. Библијата го осудува секој облик на непочитување… {АД 58.1}
Таквиот скриен начин на додворување и склопување на брак е причина за големи неволји, чијашто тежина е позната само на Бога. На оваа карпа илјадници го доживеале својот душевен бродолом. Оние кои тврдат дека се христијани, чиј живот е одбележан со почитување, за кои може да се рече дека се свесни за сѐ останато, тие прават страшни грешки. Таквите покажуваат упорност на која разумот не може да влијае. Тие се толку преокупирани со човечките чувства и побуди, што немаат желба да ја истражуваат Библијата и да живеат во блиска заедница со Бога. {АД 58.2}
Избегнете го првиот чекор кој води во пропаст. – Кога ќе се прекрши една заповед од Декалогот, веќе е направен првиот чекор кон пропаста. Кога еднаш ќе исчезнат вредностите на женската скромност, ни најголемата разузданост не личи на грев. За жал, денес во светот може да се видат страшните последици од грешното влијание на жените! Привлечноста кон „туѓите жени” одвеле илјадници во затворски ќелии, мнозина завршуваат со самоубиство, а на многу други им го одземаат животот. Колку се вистинити пророчките зборови: „Затоа што во смрт води нејзиниот дом и патиштата нејзини кон мртвите“. {АД 58.3}
Факелите на опомените се ставени и од едната и од другата страна на животниот пат за да ги спречат луѓето да зачекорат на опасно, забрането место; но, и покрај тоа, мнозина го бираат патот кон пропаста, спротивставувајќи се на здравиот разум, не грижејќи се за Божјиот закон, пркосејќи на Неговата осуда. {АД 59.1}
Оние кои сакаат да го сочуваат своето здравје, бистриот ум и здравиот морал, мораат да бегаат „од желбите на младоста”. Тие кои ќе вложат сериозни и одлучни напори да го спречат злото, кое смело ја крева својата злобна глава во нашата средина, ќе бидат изложени на омраза и клевети од сите оние коишто прават зло, меѓутоа, Бог ќе ги награди. {АД 59.2}
Она што го сееш, тоа и ќе го пожнееш. – Не доведувајте ги во опасност своите души со сеење на какол. Не бидете невнимателни во изборот на своите другари. {АД 59.3}
Драги млади пријатели, малку време поминато во сеење на какол, ќе даде жетва која ќе го загорчи целиот ваш живот; Еден час на невнимателност, попуштање на искушението, може целиот ваш живот да го насочи во погрешен правец. Само еднаш сте млади; искористете го тоа. Кога веќе еднаш нешто си направил, не можеш да се вратиш и да ја поправиш направената грешка. Оној кој не сака да има заедница со Бога, кој свесно стои на патот на искушението, сигурно ќе падне. Бог го испитува секој млад живот. Мнозина се обиделе да го оправдаат своето невнимание и непочитување, повикувајќи се на лошиот пример кој му го дале неговите искусни претходници. Но тоа не смее никого да спречи да го прави она што е добро. На денот на конечната пресметка нема да можете да ги искористите изговорите кои денес ги употребувате. {АД 59.4}

