Живот во Едемскиот дом
Адвентен дом
Поучете ги младите за вистинската разонода
Едем ќе биде обновен. – Едемската градина долго останала на Земјата по човековото прогонство од неговите патишта. На отпаднатиот човечки род долго му било дозволено да го набљудува домот на невиноста, чиј влез го чувале ангелите. Божествената слава се откривала на вратите на рајот која ја чувале херувимите. Тука Адам и неговите синови доаѓале да се молат на Бога. Тука ги извршувале своите завети на послушност кон Законот, кој о престапиле и поради тоа го напуштиле Едем Кога плимата на беззаконие го преплавила светот и кога човечката злоба го запечатила нивното уништување со потопот, раката која го создала Едем се повлекла од Земјата. Но при конечното обновување, кога ќе биде воспоставено „ново небо и нова земја“, Едем ќе биде обновен да биде по славен отколку на почетокот. {АД 539.1}
Тогаш сите оние кои ги држеле Божјите заповеди ќе имаат бесмртна сила од дрвото на животот; во текот на бесконечните векови жителите на безгрешните светови, во таа градина на славата, ќе го набљудуваат примерот на совршеното дело на Божјото создавање, недопрено со проклетството на гревот, пример за она што целата земја би станала, ако човекот го исполни славниот план на Создателот. {АД 539.2}
Големиот план на спасение најпосле ќе се исполни и светот ќе се помири со Бога. Сѐ што било со грев изгубено, ќе биде обновено. Освен човекот, ќе биде спасена и Земјата, која ќе стане вечно живеалиште на послушните. Шест илјади години сатаната се борел Земјата да ја задржи во своја власт. Конечно Божјата првобитна цел на создавање е исполнета. „Но светците на Севишниот ќе го преземат царството и ќе го држат царството за век и векови”. {АД 539.3}
Наследството на спасените. – Божјата првобитна намера со создавањето на Земјата ќе се исполни кога таа ќе стане вечно престојувалиште на спасените. „Праведниците ќе ја наследат Земјата и ќе живеат на неа довека“. Пристигнало времето кое светите луѓе желно го очекувале, од оној ден кога првиот пар со огнен меч бил истеран од Едем време за „своето наследство ослободената татковина“. Со големиот план на спасението се враќа земјата, која на почетокот му била дадена на човекот како негово царство, кое тој го предал во рацете на сатаната и кое силниот непријател толку цврсто го држел. {АД 540.1}
Сѐ што изгубил првиот Адам, вториот ќе го обнови. Пророкот рекол: „И ти Стражарнице на стадата, Тврдино на Сионската Ќерка, пак ќе ти се врати тебе поранешната власт“. {АД 540.2}
Бог ја создал Земјата да биде престојувалиште на светите и среќни битија. Овој цел ќе се исполни кога обновена со Божјата сила и ослободена од гревот и страдањето, таа ќе стане вечен дом на спасените. {АД 540.3}
Адам се враќа во едемскиот дом. – По истерувањето од Едем, Адамовиот живот на земјата бил исполнет со тага. Секој овенат лист, секоја принесена жртва, секое несовршенство во природата, која некогаш била толку убава, секоја дамка во човековиот карактер го потсетувала постојано на неговиот грев. Страшна била болката на каење кога видел како беззаконието се размножува и кога на своите опомени како одговор добивал само префрлање дека тој го предизвикал гревот. Со трпелива понизност ја поднесувал речиси илјада години, казната за својот престап. Искрено се каел за својот грев и верувал во заслугите на ветениот Спасител и така умрел со надеж за воскресение. Божјиот Син го открил неговиот пад и сега Адам, преку делото на очистување, повторно ја добива својата прва власт. {АД 540.4}
Вон себе од радост, тој го набљудува дрвото кое некогаш му пружало радост истото дрво од кое берел род во деновите на својата невиност и среќа. Го видел лозјето кое го одгледувале неговите раце, истото цвеќе кое некогаш со љубов го негувал. Неговиот дух ја сфаќа сета реалност на сцената. Тој сфаќа дека ова е навистина обновениот Едем, само сега уште многу поубав отколку кога бил истеран од него. Спасителот го води кон дрвото на животот, одбира прекрасен плод и му нуди да јаде. Тој гледа околу себе и го гледа мноштвото од своето спасено семејство во Божјиот рај. Тогаш ја остава својата сјајна круна пред Исусовите нозе и фрлајќи се на Неговите гради, го прегрнува Откупителот. Тој ја зема во раце златната харфа и на небесниот свод одекнува победоносната песна: „Достојно, достојно, достојно е Јагнето што е заклано и повторно живее!“ Адамовото семејство ја прифаќа мелодијата и, полагајќи ги своите круни пред нозете на Спасителот, сите се поклонуваат пред Него, оддавајќи Му слава. {АД 541.1}
Ова повторно соединување го набљудуваат ангелите кои плачеле кога Адам паднал и се радувале кога Исус по Своето воскресение, се вознел на небото, отворајќи излез од гробот на сите кои ќе веруваат во Него. Сега тие го гледаат делото на спасение довршено и ги соединуваат своите гласови во песна на благодарност. {АД 541.2}
Становите подготвени за земните патници. – Од страв идното наследство да не изгледа премногу материјално, многумина симболично ги претставуваат баш оние вистини кои ни овозможуваат ова наследство да го сметаме за свој дом. Христос ги уверувал Своите ученици дека Тој оди да им подготви станови во Татковата куќа. Оние кои го прифаќаат учењето на Божјите зборови нема да бидат во незнаење кога се во прашање небесните домови… Со човечки јазик е невозможно да се опише наградата наменета за праведниците. Тоа ќе биде возможно само за оние кои ќе ги видат. Ниту еден ограничен разум не е во состојба да ја сфати славата на Божјиот рај. {АД 541.3}
Во Библијата наследството на спасените се нарекува татковина. Таму небесниот Пастир го води Своето стадо на изворите на жива вода. Дрвото на живот го дава својот род секој месец, а лисјата од дрвото служат за здравје на народот. Таму потоците кои вечно жуборат, се бистри како кристал, на чии брегови лелеави дрва ја фрлаат својата сенка на патеките кои Господ ги подготвил за откупените. Таму пространите рамнини продолжуваат во прекрасни ритчиња, а Божјите гори ги подигаат своите возвишени врвови. На оние тивки висорамнини, покрај оние живи потоци, Божјиот народ кој толку долго бил патник и дојденец, ќе го најде својот дом. {АД 542.1}
За земните патници и дојденци подготвени се домови. За праведните се подготвени облеки, со круни за слава и палми за победа. Во светот кој ќе дојде ќе ни биде објаснето она што било тешко да го разбереме. Пред нас ќе се откријат тајните на милоста. Таму каде што нашиот ограничен разум видел само збрка и неисполнети ветувања, ќе видиме најсовршена и најубава складност. Тогаш ќе разбереме дека бесконечната љубов ги одредила искуствата кои ни се чинеле претешки. Кога ќе ја сфатиме нежната грижа од Оној Кој прави сѐ да ни оди на добро, ние ќе се радуваме со силна неискажана радост… {АД 542.2}
Ние сме на пат кон домот. Оној кој толку многу нѐ сакал, што умрел за нас, ни изградил град. Новиот Ерусалим е нашето место за одмор. Во Божјиот град нема да има тага. Никогаш повеќе нема да се слушнат воздишките и тагата ниту јадосување поради изневерените надежи и невозвратена љубов. Наскоро облеката на јадосување ќе ја замениме со свадбена облека. Наскоро ќе бидеме сведоци на крунисувањето на нашиот небесен Цар. Оние чии животи биле сокриени во Христа, кои на оваа Земја воделе добра борба, ќе зрачат со Создателовата слава во Божјото царство. {АД 542.3}
Предноста на спасените. – Небото е прекрасно место. Сакам да бидам таму, да го видам својот мил Исус, Кој го дал Својот живот за мене, за да бидам преобразена во Неговото славно обличје. О, колку би сакала да можам да ја опишам славата на светот кој ќе дојде! Јас сум жедна за водата од живите извори, кои се во градот на нашиот Бог. {АД 543.1}
Господ ми дал да ги видам останатите светови. Добив крилја и еден ангел ме водеше од градот до светлото и славно место. Тревата на тоа место беше со живо зелена боја, а птиците црцореа слатка песна. Жителите на тоа место беа со различна висина; беа благородни, величествени и убави. Носеа обличје на Исуса Христа, а нивните лица зрачеа со света радост, изразувајќи ја така слободата и среќата на тоа место. Запрашав еден од нив зошто се по убави од жителите на Земјата. Одговорот гласеше: „Ние живеевме во целосна послушност на Божјите заповеди, не паднавме на непослушност како жителите на Земјата”…. го замолив ангелот кој ме водеше да ми дозволи да останам на тоа место. Не можев да ја поднесам мислата дека морам да се вратам во овој темен свет. Ангелот ми рече: „Мораш да се вратиш и така да останеш верна, ти со 144. 000 свети ќе имаш предност да ги посетуваш сите светови и да ги набљудуваш сите дела на Божјата рака”. {АД 543.2}
Обединети небесните и земните семејства повторно заедно. – Таму откупените ќе го познаваат Бога. Чистата врска со светите суштества, складниот општествен живот со возвишените ангели и со верните од сите времиња, кои ги испрале своите облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето; светата врска, која меѓусебно ги соединува сите „чеда на небесата и на земјата“, сето ова придонесува за среќата на откупените. {АД 544.1}
Спасените народи нема да познаваат никаков друг закон освен небесниот закон. Сите ќе бидат среќно обединето семејство, облечени во облеката на прославувањето и благодарноста. Над оваа слика заедно ќе запеат утринските ѕвезди и Божјите синови ќе кликаат од радост, додека Бог и Христос ќе се обединат во објавувањето: „Грев повеќе нема да има ниту смрт повеќе нема да има”. {АД 544.2}
Од сцената на небесната радост (при Христовото вознесување) ни се враќа на Земјата одекот на Христовите прекрасни зборови:
„Се враќам кај Таткото свој и кај Таткото ваш, и кај Богот свој и Богот ваш”. Небесното и земното семејство се едно. Нашиот Господ се вознел за нас и Тој живее за нас. „Затоа и може секогаш да ги спаси оние кои преку Него доаѓаат кај Бога, кога секогаш живее за да може да се моли за нив”. {АД 544.3}
Иако доцни, ветувањето е сигурно. – Долго го чекавме враќањето на нашиот Спасител. Но Неговото ветување не е ништо помалку сигурно. Наскоро ќе бидеме во својот ветен дом. Таму Исус ќе нѐ понесе покрај жива вода која тече од Божјиот престол; Тој ќе ни ги објасни темните моменти низ кои поминал на оваа Земја, за да го усоврши нашиот карактер. Таму со непоматен поглед ќе ги набљудуваме убавините на обновениот Едем. Ќе ги ставиме пред нозете на Откупителот круните кои Тој ги ставил на нашата глава и свирејќи на златни харфи, ќе го исполниме небото со славата на Оној кој седи на престолот. {АД 544.4}
Сето она што е убаво во нашите земни домови нека нѐ потсетува на кристалната река и зелените полиња, на тенките дрвја и живите извори, на сјајниот град и во бело облечени пејачи, на нашиот небесен дом тој свет на убавина кој ниту еден уметник не може да го наслика, ниту еден смртен јазик не може да го опише. „Што окото не видело, што увото не чуло и во срцето на човекот не дошло, тоа им го подготвил Бог на оние кои Го љубат”. {АД 545.1}

