Награда и на земјата и на небото
Адвентен дом
Примамливоста на уживањето
Богата награда ги очекува верните родители. – Ако родителите добро ги воспитаат своите деца, тие и самите ќе бидат среќни кога ќе го видат плодот на својот труд во христијанскиот карактер на своите деца. Тие ќе ја исполнат највозвишената служба за Бога ако на светот му ги предадат среќните и добро изградени семејства, кои не само што се плашат од Господа туку и Го почитуваат и Го прославуваат со своето влијание на другите семејства; тие ќе примат награда. {АД 533.1}
Христијански родители, ваша должност е да управувате со чекорите на вашите деца и со нивниот духовен живот. Ако навистина го сакаат Бога, децата ќе ве благословуваат и почитуваат за грижата која сте им ја укажале и за вашата верност во скротувањето на нивните желби и потчинување на нивната волја. {АД 533.2}
Наградата ги чека оние кои рано го сеат семето на вистината во срцето и го негуваат. {АД 533.3}
Родителите треба да работат, имајќи ја на ум идната жетва. Тие треба сериозно да се молат, додека со солзи сеат и покрај многуте обесхрабрувања. Можеби ја гледаат само доцната и слаба жетва, но тоа не треба да ги спречи да сеат. Нека сеат покрај секоја вода, користејќи ја секоја можност да станат подобри и покорисни за своите деца. Таквото сеење нема да биде напразно. Во времето на жетва многу родители ќе се враќаат со радост, носејќи ги своите снопови. {АД 533.4}
Облагородете го умот на своите деца и морално подигнете ги. Зацврстете ги нивните млади умови со цврсти и чисти начела. И додека имате можност, поставете темел на благородната темелна човечност. Вашиот труд ќе биде повеќекратно награден. {АД 534.1}
Спасени деца – награда за родителите. – Во Божјата реч наоѓаме прекрасен опис на среќен дом и на жени кои управуваат со него. „Нејзините синови се креваат и ја благословуваат; мажот нејзин исто така ја фали”. Може ли господарката на домот да посака поголема пофалба од оваа? {АД 534.2}
Ако таа (вистинската сопруга и мајка) бара од Бога сила и утеха и во Негова мудрост и страв настојува да ги изврши своите секојдневни должности, таа ќе го врзе својот маж за своето срце и ќе види како нејзините деца стануваат чесни мажи и жени, кои имаат морална сила да го следат примерот на својата мајка. {АД 534.3}
Секое правилно воспитувано дете, чија внатрешност е украсена со кроток и мирен дух е подготвено да свети во Господовите дворови, ќе биде голем поттик за вредната и оптоварена мајка. {АД 534.4}
Радоста на небото почнува во домот. – Оддалеченоста помеѓу небото и земјата не е денес поголема отколку во времето кога пастирите ја слушале ангелската песна. Небото и денес се грижи за човештвото со исто толку љубов како и тогаш кога луѓето од понизок род, пастири, ги среќавале ангелите среде ноќ и разговарале со небесните гласници, одејќи по полињата и лозјата. Небото може да ни биде многу блиску додека одиме по патеките на своето секојдневие. Ангелите од небесните дворови ќе ги следат чекорите на оние кои се покоруваат на Божјите заповеди. {АД 534.5}
Животот на Земјата е почеток на животот на небото; воспитувањето на Земјата е запознавање на начелата на небото; животниот повик овде, нѐ подготвува за животниот повик таму. Она што сме сега во карактерот и во светата служба, однапред јасно ни открива што ќе бидеме. {АД 535.1}
Службата која ја извршуваме со искрено срце има голема плата. „Таткото твој кој гледа тајно, ќе ти плати јавно“. Карактерот се обликува со животот кој го живееме, благодарејќи на Христовата милост. Во душата почнува да се обновува првобитната убавина. Човекот ги прима обележјата на Христовиот карактер и започнува да зрачи со она што е божествено. Лицата на мажите и на жените кои одат и работат со Бога отсјајуваат со небесен мир. Тие се опкружени со небесна атмосфера. За тие души почнало Божјото царство. Тие имаат Христова радост, радост која може да биде на благослов на човештвото. Тие живеат во чест што Учителот ги примал во својата служба; ним им е доверено да го работат Неговото дело во Негово име. {АД 535.2}
Подготвени за Небото. – Бог сака да се исполни небесниот план и во секое семејство, во секоја црква и во секоја установа да преовладува небесниот ред и складност. Кога оваа љубов се провлекува во општеството, ние ќе видиме дејствување на благородните начела во христијанското однесување и љубезност и христијанска љубов кон оние кои се откупени со Христовата крв. Во сите наши семејства, нашите установи и нашите цркви ќе настапи духовна преобразба. Кога ќе настапи таа преобразба, домовите, установите и црквите ќе станат орудие со кое Бог ќе се послужи со небесна светлина да го осветли светот и така, со божествен ред и воспитување, да ги оспособи мажите и жените за небесното друштво. {АД 535.3}
Награда во последниот голем ден. – Во својата работа за своите деца фати се за моќната Божја рака. Во молитва довери ги своите деца на Господа. Работи за нив сериозно и неуморно. Бог ќе ги слушне твоите молитви и ќе ги привлече кон себе. И тогаш, во оној последен голем ден, можеш да ги донесеш кај Бога со зборовите: „Еве ме мене и децата кои ми ги даде Господ“. {АД 536.1}
Кога Самоил ќе го прими венецот на слава, тој ќе го подигне пред престолот во чест и радосно ќе признае дека верните поуки на неговата мајка, со Христовата милост, го крунисале со бесмртна слава. {АД 536.2}
Светот нема да го цени делото на мудрите, но кога судот ќе заседава и книгите ќе се отворат, нивното дело ќе се прикаже пред луѓето и ангелите онака како што Бог го гледа. Тогаш ќе се види дека едно дете, кое е верно одгледано, било светлина за светот. Тоа чинело солзи, грижа и непроспиени ноќи, за да може да се следи изградувањето на карактерот на тоа дете, но делото е мудро направено и на родителите Учителот ќе им рече: „Добро“. {АД 536.3}
Достојни да влезат во дворот на небесниот Цар. – Младите и децата нека научат за себе да си изберат царско руво, исткаено на небесниот разбој „свила чиста и бела“ (Откровение 19:8), кое ќе го носат сите свети на Земјата. Ова руво, Христовиот неизвалкан карактер, бесплатно е понудено на секое човечко создание. Но, сите кои го примаат, ќе го примат и ќе го носат уште тука. {АД 536.4}
Објаснете им на децата да се облекуваат во прекрасното руво на Христовиот карактер кога се занимаваат со непорочни мисли, кои се вдахнати со љубов и кога прават полезни и љубезни дела. Таа облека ќе ги направи убави и омилени овде, а во вечноста ќе им даде право да влезат во палатата на Владетелот. Неговото ветување гласи: {АД 536.5}
„Тие ќе одат со мене во белина, бидејќи се достојни”. Откровение 3:4. {АД 537.1}
Божествено добредојде за спасените. – Видов голем број на ангели кои од градот носеа славни круни по една за секој свет, на која било запишано Неговото име. Кога Исус дал знак да се донесат круните, ангелите пристапиле и со Својата десна рака милиот Исус ги ставил круните на главите на светиите. Потоа ангелите донеле харфи, па и нив Исус им ги предал на светите. Ангелите водачи го дале првиот тон, а тогаш сите гласови се подигнале, слевајќи се во среќна фалбена песна. Секоја рака вешто управувала со харфените жици, создавајќи богата и складна музика. {АД 537.2}
Видов како Исус спасените светии ги повел до градските порти. Тој ја допрел вратата и тие се отвориле на своите сјајни шарки, повикувајќи ги народите кои ја одржале вистината да влезат. Совршената убавина на градот била уживање за очите. Тогаш Исус погледнал во спасените светии; нивното лице отсјајувало со слава; кога ги погледнал со Своите очи полни со љубов рекол со Својот мелодичен глас: „Го гледам трудот на своите души и сум задоволен. Во оваа слава вечно ќе уживате. Дојде крај на вашите таги. Смрт повеќе нема да има, ниту тага, ниту плачење, повеќе нема да има болка”. Видов како спасените се поклониле и своите сјајни круни ги ставиле пред Исусовите нозе; а потоа кога Неговата мила рака ги подигнала, тие ги допреле своите златни харфи и го исполниле небото со своја музика и со песни за Јагнето… {АД 537.3}
Јазикот е премногу слаб за да го опише небото. И како глетката сѐ повеќе се развиваше пред мене, јас останав занемена. Понесена со ненадминлив сјај и слава, го спуштив перото и извикав:
„Ох, каква љубов! Каква чудесна љубов!“ Највозвишениот јазик не е во состојба да ја опише славата на небото или неспоредливата длабочина на љубовта на Спасителот. {АД 538.1}

