Обединети напори

Адвентен дом

Управување со домот

Поделба на одговорностите. – Обединети и со молитва Таткото и мајката кои се молат, заедно треба да носат тешки одговорности во водење на своите деца по прав пат. {АД 312.1}

Родителите треба да работат во совршено единство. Поделби не смее да има. Меѓутоа, многу родители не се усогласени, а тоа ги расипува децата… Понекогаш се случува или мајката или Таткото да се или премногу попустливи или премногу строги. Оваа несогласност не дава добри резултати во обликувањето на карактерот на нивните деца. Во спроведувањето на реформите не треба да се прибегнува кон употреба на груба сила, но во исто време не смее да се попушти. Мајката не смее да ги заслепи очите на Таткото за детските грешки ниту смее да ги поттикнува да го прават она што го забранил таткото. Мајката не смее да посее никакво семе на сомнеж во разумното татково управување. Со своите постапки таа не смее да ја осудува татковата работа. {АД 312.2}

Ако татковците и мајките, не се согласуваат и го осудуваат влијанието еден на друг, семејството ќе биде обесхрабрено, а на родителите нема да им биде укажано почитување и доверба, која е значајна за добро управување со семејството… Децата брзо го воочуваат сето она што фрла сенка на правилата и прописите во домот, особено оние прописи кои ги ограничуваат нивните постапки. {АД 312.3}

Таткото и мајката мораат да бидат единствени во воспитувањето на своите деца; секој треба да го носи својот дел од одговорноста, двајцата признавајќи дека свечено се обврзале кон Бога дека своите деца ќе ги воспитуваат така, колку што е возможно да им обезбедат добро физичко здравје и правилно развиен карактер. {АД 313.1}

Лоши поуки. – Некои заслепени мајки во животот на своите деца го трпат она што не би требало да го трпат ниту еден момент. Понекогаш ги кријат грешките на децата од таткото. Тие дозволуваат децата да носат облека или да прават нешто друго, под услов Таткото за тоа ништо да не дознае, затоа што за тоа би реагирал. {АД 313.2}

На овој начин децата се учат да лажат. Ако таткото ги открие овие грешки, мајката бара изговори и не ја кажува целата вистина. Мајката не е искрена. Таа заборава дека и таткото се грижи за своите деца исто колку неа, и не би требало да му останат непознати нивните грешки и склоности кои би требало да се искоренат додека се сѐ уште млади. Настаните се премолчуваат. Децата знаат за несогласувањата на своите родители и тоа остава последици. Децата почнуваат да лажат, да кријат, изнесувајќи ги фактите кои се спротивни на сознанијата на нивните мајки и нивните татковци. Тие се навикнуваат да претеруваат и буквално лажат, а притоа совеста многу не ги вознемирува. {АД 313.3}

Ова зло започнало оној ден кога мајката почнала да ја крие вистинската состојба пред таткото, кој има еднаков удел во обликувањето на карактерот на своите деца. Со таткото требало отворено да се разговара и тој треба да биде известен за сѐ. Спротивниот став, сокривањето на детските грешки, ги охрабрува во нивната склоност да лажат, да бидат лицемерни и нечесни. {АД 313.4}

Видов дека родителите христијани секогаш треба да се држат до одреден принцип да бидат сложни во водењето на своите деца. Некои родители грешат во тоа, затоа што не се единствени. Понекогаш за тоа е виновен таткото, но почесто е виновна мајката. Заслепената мајка ги гали своите деца и им дозволува да прават што сакаат. Таткото поради работата често е отсутен од дома и од друштвото на своите деца. Затоа влијанието и примерот на мајката е од пресудно значење за изградување на детскиот карактер. {АД 314.1}

Родителското несогласување ги збунува децата. – Семејната заедница мора да биде добро организирана. Таткото и мајката мораат заедно да ги проучуваат своите одговорности и свесно да прифатат одредена задача. Не смее да има несогласување. Во присуство на своите деца таткото и мајката никогаш не треба да ги критикуваат плановите и размислувањата еден на друг. {АД 314.2}

Ако мајката нема искуство во познавање на Бога, таа треба да размисли дали нејзината постапка кон децата ќе ги зголеми татковите тешкотии додека работи на нивното спасение. Дали се држам за Господовиот пат? Тоа мора да биде најважното прашање. {АД 314.3}

Ако родителите во нешто не се согласуваат, нека се повлечат од своите деца додека не се усогласат. {АД 314.4}

Често родителите не се согласуваат во водењето на своето семејство. Таткото кој е многу малку со своите деца и ништо не знае за нивните склоности е груб и строг. Тој не управува со својата природа туку казнува остро. Детето го знае тоа и наместо да биде смирено, казната го исполнува со гнев. Мајката пропушта да го казни детето за прекршокот за подоцна за истиот строго да го казни. Децата никогаш не знаат што ги чека и доаѓаат во искушение да дознаат до каде можат така да постапуваат, а да не бидат казнети. Така е посеано семето на зло кое расте и донесува род. {АД 314.5}

Ако родителите се единствени во овој дел на воспитувањето, детето ќе знае што да се очекува од него. Меѓутоа ако таткото, со зборови или со поглед, покажува дека не ги одобрува мајчините воспитни постапки, ако смета дека таа е премногу строга и се обидува да ја замени нејзината строгост со нежност и попуштање, ќе го упропасти детето. Детето набрзо ќе сфати дека може да прави сѐ што му се допаѓа. Родителите кои го прават овој грев во односот кон своите деца, ќе бидат виновни за пропаѓањето на нивните души. {АД 315.1}

Ангелите со најголемо внимание го набљудуваат секое семејство за да видат како родителите, старателите и пријателите постапуваат со децата. Во семејството, во кое нема слога помеѓу родителите, тие се сведоци на лошо управување. Бојата на татковиот и мајчиниот глас, нивните погледи, нивните зборови сето тоа покажува дека тие не се единствени во водењето на своите деца. Таткото ја укорува мајката и ги наведува децата да не ја почитуваат мајчината нежност и љубов. Мајката мисли дека е должна да покаже повеќе љубов кон децата, да им удоволува и попушта, затоа што смета дека таткото е груб и нетрпелив, а таа мора да го осуети влијанието на неговата строгост. {АД 315.2}

Молитва и трезвено размислување. – Љубовта не може долго да трае, дури ни во семејниот круг, ако домашните не се покорат на Божјата волја. Сите способности и чувства мораат да се усогласат со особините на Исус Христос. Ако таткото и мајката во Божји страв ги соединат своите желби да го исполнат авторитетот во домот, ќе почувствуваат дека им се потребни многу молитви и трезвено размислување. И кога ќе го бараат Бога, нивните очи ќе се отворат за да ги видат небесните весници кои им дошле на помош како одговор на молитвата на вера. Тие ќе ги совладаат слабите страни на својот карактер и ќе тргнат кон совршенство. {АД 315.3}

Срцата поврзани со златни нишки на љубов. – Татко и мајко, поврзете ги своите срца со најтесна, најсреќна заедница. Не живејте секој за себе туку бидете поблиски еден кон друг; тогаш ќе бидете подготвени со златни нишки на љубовта да ги врзете за себе срцата на своите деца. {АД 316.1}

Продолжете да сеете за времето и за вечноста. Цело небо ги набљудува напорите на родителите христијани. {АД 316.2}