Управување со домот

Адвентен дом

Совети за децата

Начелото според кое родителите треба да работат. – Многумина во светот го сакаат она што само по себе е добро, но нивните мисли се преокупирани со тоа и не бараат поголемо и повозвишено добро кое Христос сака да им го даде. Меѓутоа, ние не смееме грубо да ги лишиме од она што им е убаво. Откријте им ја убавината и скапоценоста на вистината. Учете ги да гледаат во Христа и во Неговата добрина; тогаш ќе го остават сето она што ги спречува да Го сакаат. Тоа е начело кое родителите мораат да го почитуваат во воспитувањето на своите деца. Со Христовата милост и начинот на постапување со децата можете да го обликувате нивниот карактер за вечен живот. {АД 305.1}

На татковците и мајките животна цел треба да им биде нивните деца да добијат колку што се може посовршен карактер, колку што дозволува човечкиот напор соединет со божествената помош. Со тоа што донеле деца на свет, тие ја прифатиле оваа важна и одговорна работа. {АД 305.2}

Потребни начела за управување со домот. – Во секој христијански дом треба да постојат правила; со своите зборови и меѓусебниот однос, родителите треба да бидат жив пример за децата во она што тие треба да бидат… учете ги децата и младите да го почитуваат и слушаат Божјиот закон. Тогаш овие начела ќе управуваат со нивниот живот и ќе се пренесат во нивните постапки со другите. {АД 305.3}

Следете ги библиските начела. – Не ги запоставувајте начелата кои што се основа за управување со семејството. Господ одредил семејствата на Земјата да бидат претслика на небесните семејства. Кога со земното семејство се управува во согласност со начелата тоа исто посветување со Духот ќе влезе во црквата. {АД 306.1}

Самите родители треба да бидат обратени и од искуство да знаат што значи да се покориш на Божјата волја, како мали деца, водејќи ги сите свои мисли во покорност на волјата на Исуса Христа, а сето тоа ќе го покаже управувањето за кое Бог рекол дека треба да постои во семејството. {АД 306.2}

Самиот Бог воспоставил семејни односи. Неговата реч е единствениот сигурен водач во постапувањето со децата. Човечката мудрост не открила повеќе од она што Бог го знае ниту создала подобар план за постапување со децата од оној што ни го дал нашиот Господ. Кој може подобро од Создателот да ги сфати сите детски потреби? Кој може подобро да се залага за нивното добро од Оној кој ги откупил со Својата крв? Кога Божјата реч повнимателно би се проучувала и поверно би се извршувала, би имало помалку душевни страдања поради расипаното однесување на лошите деца. {АД 306.3}

Почитувајте ги детските права. – Не заборавајте дека децата имаат права кои мораат да се почитуваат. {АД 306.4}

Децата имаат барања кои нивните родители мораат да ги признаат и да ги почитуваат. Тие имаат право да добијат образование и воспитание, кое ќе ги оспособи да бидат корисни, почитувани и сакани членови на современото човечко општество, а во исто време да ги направи морално подготвени за идното општество на чисти и свети суштества. Младите треба да се поучуваат дека нивното сегашно и идно добро во голема мера зависи од навиките кои ги стекнуваат во детството и младоста. Тие уште од најраните денови треба да се навикнат на покорност, самоодрекување и почитување на среќата на другите. Тие треба да научат како да ја контролираат својата избувливост, да се воздржат од непристојното однесување, да покажат неколеблива љубезност, учтивост и владеење со самиот себе. {АД 306.5}

На заслепениот родител. – Слепата чувствителност, евтината изјава на љубов, постојано те следи. Лесно е да го прегрнеш; но воздржи се од вакви постапки, ако не се поткрепени со вредноста на совршената послушност. Твоето попуштање и твоето непочитување на Божјите барања се вистинска грубост. Ти самиот го поддржуваш и ја оправдуваш непослушноста велејќи: „Мојот син ме сака“. Таквата љубов е евтина и лажна. Тоа воопшто не е љубов. Љубовта, вистинската љубов, која треба да се негува во семејството, има своја вредност кога е потврдена со послушност… {АД 307.1}

Ако ги сакаш душите на своите деца, стави ги во ред. Многу бакнежи и изрази на љубов заслепуваат, а твоите деца го знаат тоа. Помалку обраќајте внимание на овие надворешни знаци на нежност и подлабоко проникнете во тоа, па ќе можеш да покажеш што е вистинска детска љубов. Отфрли ги овие знаци на нежност како израз на итрина и измама ако не се потврдени со послушност и почитување на твоите налози. {АД 307.2}

Чувајте се од слепата љубов и претераната строгост. – Додека од една страна не смееме да и попуштаме на слепата љубов, од друга страна не треба да покажеме претерана строгост. Децата не можеме на сила да ги доведеме кај Господа. Нив можеме да ги водиме, а не да ги принудуваме. „Моите овци го слушаат Мојот глас, и Јас ги познавам нив и тие одат по Мене,“ вели Христос. Тој не рекол: Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги туркам по патот на послушноста. Во водењето на децата треба да се покаже љубов. Со грубоста или со неразумните барања, родителите никогаш не смеат да им нанесат болка на своите деца. Грубоста ги турка душите во сатанската мрежа. {АД 307.3}

Усогласеното влијание на авторитетот и љубовта ќе ви овозможи цврсто, но и нежно да ги држите уздите на семејното управување. Кога ја имаме во обѕир Божјата слава и она што нашите деца Му го должат, ќе се сочуваме од опуштеност и попуштање во злото. {АД 308.1}

Грубоста не донесува послушност. – Никој нека не мисли… дека грубоста и строгоста ќе обезбедат послушност. Познавам успешно семејство во кое редот не се одржува со груби зборови и погледи. Познавам и други семејства во кои постојано со заповеднички тон се издаваат наредби и често се делат остри укори и строги казни. Во првиот случај децата ги следеле родителите и ретко со груб тон се обраќале еден кон друг. Во другиот случај децата исто така го следат примерот на родителите, па од утро до вечер можеле да се слушнат остри зборови, осудување и расправии. {АД 308.2}

Отстранувајте се од зборовите кои заплашуваат, кои создаваат страв и ја отстрануваат љубовта од срцето. Мудар, нежен и побожен татко нема во домот да внесува ропски страв туку топлина на љубов. Ако пиеме од водата на животот, ќе станеме извор на слатка, а не на горчлива вода. {АД 308.3}

Острите зборови ја расипуваат природата и ги рануваат детските срца, а во некои случаи овие рани тешко зараснуваат. Децата се чувствителни и на најмалата неправда и поради неа остануваат обесхрабрени; тие нема да обрнуваат внимание на гласната и гневна заповед ниту ќе се грижат на заканите дека ќе бидат казнети. {АД 308.4}

Во опасност сме престрого да ги оценуваме ситниците. Престрогото оценување, грубите правила водат кон непочитување на сите прописи; и малку помалку, така воспитаните деца ќе покажат исто такво непочитување и кон Христовите закони. {АД 308.5}

Кажи го смирено она што мислиш дека е добро. – Децата имаат чувствителна, нежна природа. Нив лесно може да ги задоволиш, но и лесно може да ги направиш несреќни. Со нежни совети, кои ги следат љубезните зборови и постапки, мајките можат да ги врзат своите деца за своите срца. Голема грешка е на децата да им се поставуваат строги барања. Редот во секое семејство може да се изгради со постојаност и ненаметлива контрола. Кажи го мирно она што мислиш дека е добро, разумно постапувај и тоа што си го рекол примени го без отстапки. {АД 309.1}

Љубовта која ја покажувате во дружење со своите деца има голема вредност. Не ги одвраќајте поради недостаток на сочувство за нивните детски игри, радости и таги. Никогаш не дозволувајте да бидете намуртени или груб збор да излезе од вашите усти. Бог ги запишува сите овие зборови во Своите книги. {АД 309.2}

Само опоменувањето не е доволно. – Мили браќа, вие како црква жалосно сте ја запоставиле својата должност кон децата и младите. Кога им поставувате ограничувања и правила, морате да бидете подготвени во својот карактер да ја покажете Христовата, а не сатанската страна. На децата им е потребна постојана грижа и нежна љубов. Врзете ги за своето срце и во нивните очи постојано подигајте ја Божјата љубов и Неговиот страв. Татковците и мајките не владеат со себе и затоа не се подготвени да ги водат другите. Смирувањето и опомените не се сѐ што можете да го направите за своите деца. Уште ви е потребно да сфатите што значи да се прави она што е добро и да се сака милоста и да се оди со Бога. {АД 309.3}

Совет за мајката кон своеволното дете. – Твоето дете не ти припаѓа на тебе; со него не можеш да постапуваш како што сакаш, затоа што тоа е Господова своина. Постојано грижи се за нив; покажи им дека припаѓаат на Бога. Ако така ги воспитуваш, тие ќе станат благослов за својата околина. Тебе ти е потребно остроумно размислување, за да можеш да ја отстраниш нивната склоност да владее над вас двајца, да постапува како сака и да прави што сака. {АД 309.4}

Урамнотежено и умерено управување. – Видов дека многу семејства се упропастени од престрогиот начин на управување, иако сѐ можело да се усогласи со договор и разбирање. {АД 310.1}

Несигурноста во управувањето со семејството нанесува голема штета, затоа што е речиси исто така неполезно како и безвластието. Често се поставува прашањето: Зошто децата на побожните родители се толку често тврдоглави, инаетчии и гневни? Причината за тоа е семејното воспитание. Многу често родителите не се единствени во управувањето со своето семејство. {АД 310.2}

Непостојаното управување кое за одредено време ги држи цврсто уздите, а потоа го дозволува она што претходно го осудувал тоа е пропаст за детето. {АД 310.3}

Ист закон и за родителите и за децата. – Бог е нашиот Законодавец и Цар и родителите треба да ја признаат Неговата власт. Оваа власт не дозволува никакво расфрлање ниту детска непослушност. Господ е полн со љубов, милост и вистина. Неговиот закон е свет, праведен и добар, родителите и децата мораат да го почитуваат. Правилата кои треба да управуваат со животот на родителите и децата извираат од срцето на бесконечната љубов и Божјите обилни благослови ќе почиваат на оние родители кои го применуваат Неговиот закон во својот дом и на децата кои Го слушаат. Треба да се чувствува заедничкото влијание на милоста и правдата. „Милоста и вистината ќе се сретнат, а правдата и мирот ќе се бакнат“. Семејствата кои имаат вакво управување ќе одат по Господовиот пат, создавајќи правда и суд. {АД 310.4}