Помошници на мајката
Адвентен дом
Како небото ги цени децата
Децата како партнери во семејната заедница. – Децата како и родителите имаат важни должности во домот. Тие треба да знаат дека се дел од семејната заедница. Тука ги хранат, облекуваат, сакаат и се грижат за нив. Тие треба да возвратат за сето ова, со носење на својот дел од товарот во домот, внесувајќи среќа во семејството во кое припаѓаат. {АД 282.1}
Секоја мајка треба да им открие на своите деца дека се членови на семејната заедница и дека во неа мораат да го носат својот дел од одговорноста. Секој член на семејството треба да ги носи овие одговорности толку верно како што верниците на црквата ги носат одговорностите во црквата. {АД 282.2}
Децата треба да знаат дека со извршување на малите должности им помагаат на таткото и на мајката. Дајте им да извршат некоја работа и потоа кажете им дека можат да си играат. {АД 282.3}
Децата имаат активен ум и затоа треба да ги вработите со носење на товар од секојдневниот живот… никогаш не треба да ги оставите самите да си најдат работа. Родителите мораат свесно да се грижат за ова. {АД 282.4}
Родителите и децата имаат обврски. – Родителите се должни да ги хранат, облекуваат и воспитуваат своите деца, а децата се должни да им служат на своите родители со радосна и сериозна верност. Ако децата сметаат дека не се должни да ги поделат грижите и товарот со родителите, можат ли да очекуваат родителите да ги исполнат своите обврски кон нив? Кога децата не се грижат за должноста да бидат полезни на своите родители, да им ги олеснат нивните товари, извршувајќи ги непријатните и тешки работи, тие ја губат можноста да стекнат најдобро воспитание, кое би ги подготвило за служба во иднината. {АД 282.5}
Бог сака децата на сите верници, од својата најрана младост, да бидат поучени да носат товари кои нивните родители мораат да ги носат и да се грижат за нив. Во домот добиле свои простории и право и предност да седат на семејната маса. Бог очекува од родителите да ги хранат и облекуваат своите деца. Според тоа, обврските на родителите и на децата се заеднички. Од децата се очекува да ги почитуваат своите родители. {АД 283.1}
Родителите не треба да бидат робови на своите деца, жртвувајќи сѐ, додека нивните деца безгрижно и рамнодушно растат, препуштајќи им на нив да ги носат сите товари. {АД 283.2}
Погрешно насочена добрина води кон неуспех. – Од малечки учете ги децата да бидат полезни, да помагаат за себе и за другите. Многу девојки од нашето време можат без грижа на совест да ги гледаат своите мајки како се трудат, готват, перат или пеглаат, додека тие седат во соба и читаат приказни, плетат или везат. Нивните срца се бесчувствителни како камен. {АД 283.3}
Од каде потекнува злото? Кога треба да обвиниме за ова? Сироти, изневерени родители. Тие го предвиделе идното добро за своите деца и благодарејќи на нивната погрешно насочена добрина, ги оставиле да седат невработени или да го работат она што нема вредност, што не бара напор за умот и мускулите, а тогаш ги оправдуваат слабостите на своите ќерки. Што ги направило слабаци? Во многу случаи тоа било погрешната родителска постапка. Работата во домот и околу неа би делувала оживувачки на умот и на телото. Меѓутоа, тоа им е ускратено на децата поради погрешните родителски сфаќања, додека еден ден не ја замразат секоја работа. {АД 283.4}
Ако вашите деца не се навикнати да работат, тие набргу ќе се уморат. Ќе почнат да се жалат на болки во слабината и во грбот и на уморните колкови, а вие од сочувство ќе се најдете во опасност самите да ја извршите работата само тие воопшто да не страдаат. Товарот, кој на почетокот ќе го ставате на своите деца нека биде лесен, а потоа секој ден помалку зголемувајте го, сѐ додека не станат способни да извршат една работа без замор. {АД 284.1}
Опасност од мрзеливост. – Покажано ми е дека мрзеливоста е причина за многу гревови. Оние кои имаат активен дух и раце не наоѓаат време да обрнат внимание на секое непријателското искушение, но мрзливите раце и ум се склони да паднат под власта на сатаната. Кога умот не е вработен како што треба, тој се занимава со она што не е добро. Родителите треба да ги учат децата дека мрзеливоста е грев. {АД 284.2}
Не постои ништо што толку сигурно води кон злото, како кога децата ги ослободуваме од сите товари, препуштајќи ги на мрзеливост, бесцелен живот во кој ништо не работат или го работат само она што им се допаѓа. Детскиот ум е активен и ако не биде вработен со она што е добро и полезно, неминовно е дека тие ќе се свртат кон злото. Иако е исправно и потребно децата да имаат разонода, тие треба да се научат на работа, да имаат одредено часови за физичка работа, а и за читање и учење. Настојувајте да им одредите работа којашто одговара на нивните години и дајте им полезни и интересни книги. {АД 284.3}
Полезната работа–најсигурна заштита. – Полезната работа е најсигурната заштита за младите. Ако во младите е развиено вниманието своите часови да ги употребуваат полезно, тие не би имале време да се занимаваат со нереалното фантазирање и не би биле незадоволни со својата судбина. Тие не би се нашле во опасност да создадат лоши навики или друштво. {АД 284.4}
Ако родителите се толку окупирани со други обврски, што не можат да ги вработат своите деца со некоја полезна работа, сатаната ќе им најде работа. {АД 285.1}
Децата треба да ги носат товарите. – Родителите мораат да бидат свесни за фактот дека најважната поука што мораат да ја научат нивните деца е поуката за носење на својот дел од товарот во домот… Родителите треба да ги научат своите деца правилно да гледаат на животот, да сфатат дека во светот мораат да бидат полезни. Во домот, под контрола на разумната мајка, момчињата и девојчињата треба да ги примат првите упатства за носење на животните товари. {АД 285.2}
Насочувањето на детето кон доброто или злото започнува уште во првите години од неговиот живот… Како што растат постарите деца, така треба да помогнат во подигање на помладите членови на семејството. Мајката не би требало да се исцрпува работејќи го она што нејзините деца би можеле и би требало да го направат. {АД 285.3}
Поделбата на товарот нуди задоволство. – Родители, помогнете им на своите деца да ја остваруваат Божјата волја со верно извршување на должностите кои им припаѓаат како членови на семејството. Тоа ќе им помогне да го стекнат најскапоценото искуство. Тоа ќе ги научи да не мислат само на себе, за своето задоволство или за својата забава. Трпеливо учете ги да ги извршуваат своите должности кои ги имаат во семејниот круг, успешно да вложуваат напори во носењето на товарот со таткото, мајката, браќата и сестрите, така ќе доживеат задоволство кога ќе видат дека се полезни. {АД 285.4}
Децата можеме да ги научиме да бидат корисни. Тие по природа се активни и склони кон активности. Таа активност е погодно тло за развој на нивното успешно воспитание и изведување на прав пат. Уште додека се малечки, децата можат да се научат секојдневно да ги носат своите мали товари, така што секое дете ќе има по некоја одредена задача за која ќе им одговара на своите родители или старатели. Така тие уште во младоста ќе научат да го носат јаремот на должностите, а извршувањето на нивните мали должности ќе им пружи задоволство, донесувајќи им среќа која настанува кога се прави добро. Тие ќе се навикнат да работат, да носат одговорности и да уживаат во работата, затоа што ќе сфатат дека во животот има поважни работи од разонодата… {АД 286.1}
Работата е корисна за децата; тие се посреќни кога подолго време се корисно вработени; бидејќи успешно ги завршуваат своите работи, тие со поголемо воодушевување учествуваат во своите наивни задоволства. Работата го јакне умот и мускулите. Мајките од своите деца можат да создадат скапоцени мали помошници додека ги учат да бидат корисни, тие самите можат да стекнат знаење за човечката природа, за начинот на постапување со овие млади суштества и за чување на топлината и младоста на своето срце во дружењето со децата. Како што нивните деца гледаат во нив со љубов и доверба, така и тие можат да бараат од добриот Спасител помош и водство. Децата кои се правилно одгледани, со годините кои одминуваат ќе научат да ја сакаат работата со која ќе ги олеснат товарите на своите пријатели. {АД 286.2}
Воспоставува умствена рамнотежа. – Со извршување на должностите кои им се доверени, децата можат да го зајакнат помнењето и да воспостават рамнотежа на умот, а покрај тоа ќе стекнат постојан карактер во работата. Секој ден, исполнет со повеќе мали должности, бара размислување, проценување и план за работа. Колку децата стануваат постари, од нив може сѐ повеќе да се бара. Тоа не треба да биде работа која ги исцрпува, или која трае толку долго да ги заморува и обесхрабрува; туку треба внимателно да се одбере имајќи го во предвид нивниот најдобар физички развој и правилно негување на умот и карактерот. {АД 286.3}
Работата ги поврзува со небесните работници. – Кога своите деца би ги поучувале така што на едноставните секојдневни должности гледаат како на работа која им ја одредил Господ, како училиште во кое мораат да се научат да бидат верни и вредни, за да може попријатно и почесно да изгледа нивната работа! Да се извршуваат секојдневните должности како за Господа, значи да се засака најскромната работа и да се поврзеш себе си со светите суштества, кои ја создаваат Божјата волја на небесата. {АД 287.1}
На небото постојано се работи. Таму нема невработени. „Тоа што го прави Мојот Татко, го правам и јас“ рекол Христос. Не можеме да замислиме дека неработењето ќе биде наш дел од животот и дека ќе почиваме во блажено неработење, кога ќе дојде последната победа и ќе влеземе во становите кои ни се подготвени. {АД 287.2}
Работата ги зајакнува семејните врски. – Во домашното воспитание на младите начелото на соработка има непроценлива вредност… Постарите би требало да бидат помошници на родителите, да ги познаваат нивните намери и да учествуваат во нивните одговорности и товари. Татковците и мајките нека одвојат време да ги учат своите деца, да им покажат дека ја ценат нивната помош, да ја сакаат нивната доверба, да чувствуваат задоволство во нивното друштво и децата нема да се двоумат да им возвратат. Не само што родителскиот товар ќе биде олеснет и децата ќе примат практично воспитание од непроценлива вредност, туку така ќе се зајакнат и семејните врски и ќе се продлабочи и самиот темел на карактерот. {АД 287.3}
Подигнување на умствен, морален и духовен живот. – Децата и младите со уживање треба да се трудат да го олеснат товарот кој го носат таткото и мајката, покажувајќи несебична грижа за домот. Преземајќи го радосно својот дел од товарот, тие се подготвуваат за полезна служба на одговорни положби. Тие треба да напредуваат од година во година, постепено, но сигурно, своето детско неискуство да го заменат со искуство на зрели луѓе. Со верно извршување на секојдневните должности во домот, момчињата и девојчињата го поставуваат темелот на менталното, душевното, моралното и духовното совршенство. {АД 288.1}
Работата–здравје за телото и мир за душата. – Бог со наклонетост гледа на децата кои радосно ги прифаќаат своите домашни должности, делејќи ги товарите со таткото и мајката. Тие ќе бидат наградени со здраво тело и мир во душата; тие ќе се радуваат кога ќе ги видат своите родители како учествуваат во општествениот живот и во корисната разонода, продолжувајќи си го така својот живот. Децата кои се подготвени да ги исполнуваат реалните животни должности, ќе излезат од домот како корисни членови на општеството, со образование кое го надминува она што се стекнува во првите години во затворените училишни простории, кога ниту умот ниту телото не се доволно силни да понесат таков напор. {АД 288.2}
Во некои случаи би било подобро кога децата би имале помалку училишни обврски, а поголема можност за извршување на домашните должности. Пред сѐ, тие треба да научат да бидат внимателни и услужни. Поголемиот дел од она што ќе се научи во книгата е помалку корисно од поуките за практичната трудољубивост и дисциплина. {АД 288.3}
Обезбедува мирен сон. – Мајките треба да ги однесат своите ќерки во кујната и таму трпеливо да ги поучуваат. Ваквата работа ќе го зајакне нивното здравје и ќе ги зацврсти неговите мускули; нивните мисли на крајот на денот ќе бидат поздрави и повозвишени. Тие можат да се изморат, но колку е сладок одморот подобро извршената работа! Сонот е природно средство за обновување, го освежува уморното тело и го подготвува за нови должности. Не дозволувајте вашите деца да мислат дека е сеедно дали си вработен или не. Учете ги дека нивната помош ви е потребна, дека нивното време е скапоцено и дека вие се потпирате на нивната работа. {АД 289.1}
Грев е да им се дозволи на децата да растат во безделничење. Настојувајте тие да ги вежбаат екстремитетите и мускулите, дури и тогаш кога тоа ги изморува. Ако не работеле премногу, како уморот може да им наштети повеќе отколку на вас? Постои голема разлика помеѓу уморот и исцрпеноста. На децата им е потребна честа промена помеѓу работата и одморот отколку на постарите; уште додека се мали, тие можат да научат да работат, а сознанието за личната корисност ќе ги направи среќни. По полезната работа, нивниот сон ќе биде посладок, што ќе ги освежи за работата што ги очекува следниот ден. {АД 289.2}
„Децата ми создаваат проблеми“. – Некои мајки велат: „Кога се обидуваат да ми помогнат, децата ми создаваат хаос“. И моите го правеа тоа, но, мислите ли дека јас на тоа сум им укажувала? Пофалете ги своите деца. Учете ги малку ова, малку она, правило поправило. Тоа е подобро од читање на романи, подобро од одење на гости, подобро од прифаќање на световни обичаи. {АД 289.3}
Наш пример. – За едно небесно време Величеството, Царот на славата, бил само дете во Витлеем, дете кое седело во мајчиниот скут. Во детството можел да ги извршува работите коишто му припаѓаат на послушно дете. Исполнувајќи ги желбите на своите родители, Тој ги извршувал должностите кои одговарале на Неговите детски можности. Децата можат да го направат тоа и така треба да се воспитаат и да се поучат да можат да го следат Христовиот пример. Христос постапувал така и бил благослов на својот дом, затоа што бил покорен на своите родители и така во своето семејство го извршувал мисионерското дело. Напишано е: „А, детето растеше и јакнеше во духот и се полнеше со премудрост и благодатта Божја беше на Него”. „И Исус напредуваше во премудроста и во растот и во милоста кај Бога и кај луѓето“. {АД 290.1}
Скапоцена е предноста што ја имаат учителите и родителите соработувајќи во поучувањето на децата како да го следат Христовиот пример, прифаќајќи ја радоста на Неговиот живот. Првите години од животот на Спасителот биле плодни. Тој и помагал на мајката во домот. Извршувајќи ги домашните работи и работејќи дрводелски занает, Тој ја извршувал својата задача, исто така како кога ја извршувал својата јавна работа. {АД 290.2}
Со својот земен живот Христос дал пример на сите човечки семејства; во домот бил послушен и услужлив. Го изучил дрводелскиот занает и работел со свои раце во малата работилница во Назарет… Работејќи како дете и подоцна како момче, Тој го развивал умот и телото. Својата физичка сила не ја трошел непотребно туку ја користел така што го сочувал своето здравје и благодарение на тоа бил во состојба најдобро да ја изврши секоја работа. {АД 290.3}

