Заземи ја градината на срцето

Адвентен дом

Сигурност во љубовта

Родителите како градинари. – Господ на родителите им доверил свечено и свето дело. Тие треба внимателно да го обработуваат тлото на срцето. На тој начин стануваат Божји соработници. Тој очекува од нив внимателно да ја чуваат и обработуваат градината на срцето на своите деца. Тие треба да сеат добро семе и да го исплеват лошиот плевел. Од таа градина треба да се отстрани секоја слабост на карактерот, секоја грешка во природата, затоа што ако тоа остане, ќе ја уништи убавината на карактерот. {АД 200.1}

Родители, вашиот дом е првата нива во која сте повикани да работите. Скапоцените билки во градината на вашиот дом имаат потреба од вашата најголема грижа. Должни сте да ги чувате душите како оние што ќе дадат одговор. Размислете добро за својата работа, за нејзината природа и за последиците. {АД 200.2}

Пред самата врата на својот дом имате парче земја кое треба да го обработувате, а Бог ќе ве смета за одговорни за делото кое ви го предал. {АД 200.3}

Обработување на градината. – Во светот преовладува мислењето дека на децата треба да им се дозволи да ги следат природните желби на својот ум. Иако децата во почетокот се многу недисциплинирани, родителите тврдат дека тие подоцна ќе се сменат и дека кога ќе имаат шеснаесет или осумнаесет години, ќе станат поразумни, ќе ги остават лошите навики и на крајот ќе станат полезни мажи и жени. Каква заблуда! На овој начин, тие му дозволуваат на непријателот со години да сее плевел во детските срца. Така се развиваат лошите склоности, кои во поголем број од случаите, покрај сите напори, подоцна е невозможно да се отстранат… {АД 200.4}

Некои родители им дозволиле на своите деца да создадат лоши навики од коишто не можат да се ослободат во текот на целиот живот. Тоа е грев на родителите. Нивните деца можат да се сметаат за христијани, но ако не го доживеат значајното дело на милоста во срцето и вистинската реформа во животот, нивните навики секогаш ќе се забележуваат и ќе се открива карактер каков што родителите им дозволиле да изградат. {АД 201.1}

На младите не треба да им се дозволи да научат да прават добро или зло без правење разлика, мислејќи дека некаде во иднината доброто ќе преовлада, а злото ќе го изгуби своето влијание. Напротив, злото ќе се развива побргу од доброто. Возможно е по многу години злото што го прифатиле да биде искоренето, но кој смее да ризикува? Времето е кратко. Многу сме посигурни кога сееме чисто и добро семе во срцата на нашите деца, отколку подоцна да плевиме плевел. Впечатоците кои се создадени во разумот на младите тешко може да се избришат. Колку е тогаш важно тие впечатоци да бидат исправни и способноста на младите да се насочи во добар правец. {АД 201.2}

Сеењето на семе и корнењето на плевелот. – Во првите години од животот на детето, тлото на срцето треба внимателно да се подготви за дождовите на Божјата милост. Потоа треба внимателно да се сее и грижливо да се негува семето на вистината. А Бог, кој го наградува секој труд направен во Негово име, ќе го оживее посеаното семе и најпрво ќе се јави трева, потоа клас и потоа ќе се исполни со пченица во класот. {АД 201.3}

Многу често поради страшната незаинтересираност на родителите, сатаната го сее своето семе во детските срца, по што доаѓа жетвата на срамот и очајот. На светот денес му недостасува вистинската добрина затоа што родителите пропуштиле да ги приврзат своите деца за себе. Тие не ги задржале од дружењето со невнимателните и безобѕирните. Поради тоа децата тргнале во светот да го сеат семето на смртта. {АД 201.4}

Најважната работа е давање на упатства и искорнување на непотребниот и отровен плевел. Ако плевелот се остави да расте, тој ќе ги задуши скапоцените билки на моралните начела и вистината. {АД 202.1}

Ако полето остане необработено, набрзо се појавува штетниот плевел, кој тешко се корне. Затоа земјата мора да се изора и плевелот да се искорне пред да се посее добро семе. Пред да изникне доброто семе тоа мора внимателно да се посее. Ако мајките го запоставуваат сеењето на скапоценото семе, а очекуваат да го ожнеат скапоценото зрно, тие ќе се разочараат, затоа што ќе пожнеат чичок и трње. Сатаната будно внимава, подготвен да посее семе, кое ќе никне и ќе донесе обилен род сличен на неговиот сатански карактер. {АД 202.2}

Нашите деца мораат да бидат опкружени со постојана будност. Штом се родат, сатаната со многуте свои замки почнува да дејствува на нивната природа и волја. Нивната сигурност зависи од мудроста и неуморната грижа на родителите. Родителите мораат да се борат во Божји страв да ја заземат градината на срцето, сеејќи добро семе на вистинскиот Дух, на добри навики, љубовта и стравот Божји. {АД 202.3}

Откријте ја природната убавина. – Родителите и учителите треба најсериозно да бараат мудрост којашто Исус е подготвен да ја даде; затоа што тие се занимаваат со човечкиот ум во најинтересниот и најчувствителен период од неговиот развој. Нивна цел треба да биде да ги негуваат склоностите на младите, така што тие во секој период од својот живот ќе ја задржат природната убавина која одговара на тој период, развивајќи се постепено како што се развиваат билките и цвеќињата во градината. {АД 202.4}