Сигурност во љубовта

Адвентен дом

Семејна поврзаност

Моќта на љубовта. – Делата на љубовта имаат чудесна моќ, затоа што се Божји. Кога би ја сфатиле поуката дека „благиот одговор го уништува гневот“ дека „љубовта е долготрпелива и слатка“, дека „добрината покрива многу гревови“ каква исцелителна сила би добил нашиот живот! Колку животот би бил преобратен, а Земјата би станала слична на небото, што уште сега би се видело и почувствувало! {АД 195.1}

Овие скапоцени поуки можат толку едноставно да се искажат, што ќе можат да ги разберат дури и малите деца. Детското срце е нежно и на него може лесно да се влијае; и кога ние, кои сме постари, ќе станеме како „мали деца“; кога ќе се научиме на едноставноста, благоста и нежната љубов на Спасителот, нема да ни биде тешко да се приближиме до срцата на малечките и да ги научиме на исцелителната служба на љубовта. {АД 195.2}

Во очите на овој свет парите се моќ; а од христијанско гледиште љубовта е моќ. Интелектуалната и духовна сила потекнува од ова начело. Чистата љубов има моќ да прави добро и ништо друго освен добро. Таа го спречува несогласувањето и неволјата и ни носи најголема среќа. Богатството често расипува и уништува, силата ранува, но вистината и добрината се обележје на чистата љубов. {АД 195.3}

Љубовта е била којашто треба да се негува. – Домот треба да биде центар на најчистите и највозвишени чувства. Мирот, согласувањето, љубовта и среќата треба секој ден истрајно да се негуваат, додека овие вредности не ги заземат срцата на членовите на семејството. Билката на љубовта треба грижливо да се негува, инаку ќе овене. Ако сакаме да живее во нашето срце, секое добро начело треба да се негува. Она што сатаната го сади во срцето, мора да се искорне: завист, љубомора, сомнеж, клеветење, нетрпеливост, предрасуди, себичност, алчност и разгаленост. Ако дозволиме ова зло да остане во душата, тоа ќе донесе род којшто ќе расипе мнозина. Колкумина се оние кои ги негуваат овие отровни билки, кои ги уништуваат скапоцените плодови на љубовта и ја валкаат душата! {АД 195.4}

Сетете се на своето детство. – Не постапувајте со своите деца секогаш строго; не заборавајте да се сетите на своето детство и не заборавајте дека тие се само деца. Не очекувајте да бидат совршени и не барајте од нив одеднаш да се однесуваат како возрасни. Ако така постапувате, ќе го затворите пристапот кој би можеле да го имате и ќе ги натерате да ја отворат вратата на штетните влијанија, така што другите можат да го затрујат нивниот млад ум пред да забележите во каква опасност се… {АД 196.1}

Родителите не би требало да заборават на своето детство, колку копнееле за љубов и нежност и колку се чувствувале несреќни, кога биле казнувани и злобно укорени. Тие би требало повторно да се чувствуваат млади, а својот ум да го прилагодат на сфаќањата на своите деца. {АД 196.2}

Нежните и охрабрувачки зборови им се потребни на децата. Колку лесно мајките можат да ги изговорат зборовите на нежност и љубов кои како сончев зрак ќе го осветлат срцето на малечките и ќе направат да заборават на своите тешкотии. {АД 196.3}

Родители, пружете им љубов на своите деца: љубов додека се малечки, љубов во раното детство и љубов во младоста. Не им се муртете, а на вашето лице секогаш нека блеска расположението. {АД 196.4}

Чувајте ги децата во сончева атмосфера. Кога ќе западнат во проблеми, малечките треба внимателно да се смират. Во времето додека децата се мали, па до полнолетството обично не им се посветува доволно внимание. Затоа на децата им се потребни мајки кои ќе ги водат така што ќе се чувствуваат дел од семејството. Мајката треба да разговара со своите деца за нивните надежи и нивните проблеми. Родителите треба да имаат на ум дека за своите деца мораат да се грижат повеќе отколку за гостите. Чувајте ги во атмосфера исполнета со сонце под мајчиното око. {АД 197.1}

Помогнете им на своите деца да бидат победници… Опкружете ги во атмосфера на љубов. Така најлесно ќе ја покорите нивната нескротлива природа. {АД 197.2}

Кога на децата повеќе им е потребна љубовта отколку храната. – Многу мајки срамно ги запоставуваат своите деца за да можат да добијат време за украсување на облеката или за на облеките на своите деца да сошијат непотребни украси. Меѓутоа, кога децата се уморни и кога навистина им е потребна нега, родителите ги запоставуваат или им даваат нешто да јадат. Таа храна не само што е непотребна туку е и штетна. Наместо тоа, на децата им е потребна мајчината смирувачка прегратка. Секоја мајка треба на своите деца да им ги пружи тие мали нежности кои и на малите и на постарите деца им се потребни. На овој начин мајката ќе го поврзе детското срце и среќа со својата. Таа е за нив она што Бог е за нас. {АД 197.3}

Оправданите детски желби треба да се задоволат. – Секогаш покажи им на своите деца дека ги сакаш, дека постапуваш во нивен интерес, дека нивната среќа ти е приоритет и дека секогаш го правиш само она што е за нивно добро. Исполни ги нивните мали желби кога се разумни. {АД 197.4}

Во воспитувањето на децата никогаш немојте да постапувате според моменталните чувства. Авторитетот и љубовта треба да се соединат. Чувајте и негувајте го она што е убаво и добро и кога ќе им го откриете Христа, предизвикајте ја желбата во нив за повозвишено добро. Не им го дозволувајте она што е штетно за нив, покажете им дека ги сакате и сакате да бидат среќни. Колку се понемирни, толку поголем труд морате да вложите за да им ја откриете својата љубов. Кога детето ќе види дека сакате да биде среќно, љубовта ќе ја сруши секоја ограда. Ова е начело на Спасителовото однесување со човекот. Тоа е начело кое мора да се внесе во животот на црквата. {АД 198.1}

Љубовта треба да се изрази. – Во многу семејства постои голем недостаток од изразување на меѓусебна љубов. Иако претерана чувствителност не е потребна, сепак е потребно љубовта и нежноста да се искажуваат на убав, чист и достоинствен начин. За жал, многумина негуваат тврдо срце, а со зборовите и постапките ја откриваат сатанската страна на својот карактер. Помеѓу мажот и жената, родителите и децата, браќата и сестрите, секогаш треба да се негува нежна љубов. Не изговарајте остар збор и чувајте се од недостаток на љубов. Должност на секој член на семејството е да биде пријатен, изговарајќи љубезни зборови. {АД 198.2}

Негувајте љубезна нежност, чувствителност и љубов, која треба да се види во малите љубезности, во говорот, во грижливото внимание. {АД 198.3}

Најдобар начин на воспитување на децата за да ги почитуваат таткото и мајката е можноста да видат како таткото љубезно постапува со мајката, а мајката му укажува љубов и почит на таткото. Набљудувајќи ја љубовта помеѓу родителите, децата можат да се наведат да ја послушаат петтата заповед и да го прифатат советот: „Деца, слушајте ги своите родители како Господа, затоа што тоа е добро“. {АД 198.4}

Исусовата љубов треба да се види на родителите. – Кога мајката стекнала доверба кај своите деца и ги научила да ја сакаат и да ја слушаат, таа им ја дала првата поука од христијанскиот живот. Тие треба да Го сакаат својот Спасител, да имаат доверба во Него и да Го слушаат, како што ги сакаат, имаат доверба и ги слушаат своите родители. Љубовта која родителите ја покажуваат на детето грижејќи се за него и воспитувајќи го, може само донекаде да ја открие Исусовата љубов кон Неговиот верен народ. {АД 199.1}