Големина на семејството
Адвентен дом
Големина на семејството
Голема неправда кон мајките, децата и општеството. – Има родители коишто не мислат многу дали ќе бидат праведни ако подигнат големо семејство и своите домови ги наполнат со овие немоќни, мали суштества, кои целосно се зависни од родителската грижа и воспитување… Ова е голема неправда не само кон мајката туку и кон нејзините деца и општеството… {АД 162.1}
Родителите треба секогаш да го имаат на ум идното добро на своите деца. Тие не би требало да се почувствуваат толку обврзани, што секој час ќе го минуваат во напорна работа, за да го обезбедат она што е потребно за живот. {АД 162.2}
Пред да го зголемат своето семејство, родителите треба да размислат за тоа дали, раѓајќи деца, ќе го прослават или осрамотат Бога. Тие треба да настојуваат да го прослават Бога од самиот почеток на својот брак и во текот на секоја година од постоењето на својата заедница. {АД 162.3}
Важноста на мајчиното здравје. – Со оглед на одговорноста која почива на родителите, треба добро да се размисли дали е најдобро да се донесат децата на свет. Дали мајката има доволно сила да се грижи за своите деца? Може ли таткото да овозможи услови за правилно обликување и воспитување на децата? Колку малку се мисли за иднината на детето! Единствена мисла е задоволување на страстите, додека на жената и мајката ѝ се наметнува товар кој ја поткопува нејзината сила и ја парализира нејзината духовна моќ! Со ослабено здравје и разочаран дух, се нашла опкружена со мало стадо на кое не може да му го пружи она што му е потребно, па бидејќи им недостасуваат потребните упатства, тие растат срамејќи го Бога, пренесувајќи го на другите злото од своето нерасположение и така се создава војска со која сатаната прави што сака. {АД 162.4}
Да се разгледаат сите факти. – Бог сака родителите да расудуваат како разумни суштества и да живеат така што секој на своето дете ќе му го даде потребното воспитание, па мајката ќе има доволно сила и време да ја стегне својата умствена сила во подготовка на своите мали за друштво на ангелите. Таа треба да има храброст благородно да го изврши својот дел од должностите и во Божја љубов и страв да ја доврши својата работа, така што нејзините деца ќе бидат благослов за семејството и општеството. {АД 163.1}
Сопругот и татко треба сето ова да го земе во обѕир, за неговата сопруга и мајката на неговите деца да не се преоптовари и така да падне во очајување. Тој треба да се погрижи мајката на неговите деца да не се доведе во состојба да не може да направи сѐ што е потребно за нејзините многубројни малечки, така што тие би пораснале без правилно воспитание. {АД 163.2}
Родителите не треба да го зголемуваат своето семејство толку брзо, што нема да бидат во состојба да се грижат за воспитувањето на своите деца. Голема неправда кон мајката е ако секоја година држи мало дете во раце. Тоа ја намалува и често ја руши радоста на нејзиното семејно живеење и ја зголемува несреќата во домот. Со тоа на децата им се ускратува негата, образованието и среќата, кои родителите се должни да им ги пружат. {АД 163.3}
Совет за родители со големо семејство. – Прашањето на кое мораш да одговориш гласи: „Дали на свет донесувам деца со намера да го зајакнам влијанието и да ги зголемам редовите на силите на темнината или ги раѓам за Христа“?{АД 163.4}
Ако не управувате со своите деца и не го изградувате нивниот карактер да биде во согласност со Божјата волја, тогаш ќе биде подобро за вас како родители и за општеството да имате што помалку деца, кои ќе страдаат затоа што неправилно сте ги воспитале. Да се зголемува семејството е грев, ако децата уште од мали нема да ги воспитува мудра и разумна мајка, совесна и разумна, која во Господов страв управува со својот дом, изградувајќи го и обликувајќи го нивниот карактер во согласност со начелата на правдата. Бог ви дал разум и Тој бара да се служите со него. {АД 164.1}
Татковци и мајки, кога знаете дека ви недостасува знаење за воспитувањето на своите деца за Учителот, зошто не учите од сопственото искуство? Зошто и понатаму раѓате деца и со тоа ги зајакнувате сатанските редови? Дали Бог е задоволен со ова? Кога гледате дека големото семејство сериозно ќе ја оптовари вашата сила, кога гледате дека мајката е опкружена со голем број на деца и дека нема време помеѓу раѓањата да ја изврши потребната работа која секоја мајка треба да ја направи, зошто не мислите на последиците? Секое дете ја исцрпува мајчината сила и кога татковците и мајките во ова не го употребуваат својот разум, каква можност им преостанува да им пружат правилно воспитание на децата? Господ ги повикува родителите да го разгледаат овој предмет во светлината на вечните вредности. {АД 164.2}
Материјални услови. – Родителите треба мирно да размислат за можностите коишто можат да им ги пружат на своите деца. Тие немаат право да донесат деца на свет кои би биле товар на другите. Дали имаат работа со која ќе можат да го издржуваат семејството, за децата да не паднат на товар на другите? Ако немаат таква работа, тие вршат злосторство раѓајќи деца кои ќе страдаат поради недостаток на грижа, храна и облека. {АД 164.3}
Оние на кои работата не им оди од рака и кои не умеат да се снајдат во животот, обично ги полнат своите домови со деца; додека луѓето кои умеат да заработат, обично имаат само толку деца колку што можат да ги издржуваат. Оние кои не се способни да се грижат за себе, не треба да имаат деца. {АД 165.1}
Создавање тешкотии за црквата. – Мнозина кои и самите едвај живеат, одлучуваат да стапат во брак и да подигнат семејство, иако знаат дека не се во состојба да го издржуваат. Уште полошо е што не знаат да управуваат со семејството. Нивниот однос кон семејството е нанижан со невнимателни и лоши навики. Тие тешко владеат со себе, и затоа се избувливи, нетрпеливи и раздразливи. Кога таквите ќе ја прифатат веста, тие мислат дека имаат право на помош од своите побогати браќа. Кога нивните очекувања нема да се исполнат, тие се жалат на црквата и ги обвинуваат дека не живеат во согласност со својата вера. Меѓутоа, кој треба да трпи во таков случај? Зар Божјото дело треба да се наруши и на различни места да се потрошат парите, за да се помогне на овие големи сиромашни семејства? Не. родителите треба да го поднесат товарот. Кога таквите ќе ја прифатат саботата, тие обично не сакаат да живеат онака како што живееле претходно. {АД 165.2}
Ограничување во проповедање на евангелието. – Кога се праќаат евангелисти во други земји, тоа треба да бидат луѓе кои знаат да управуваат со средствата, кои немаат големи семејства, кои се свесни за краткото време и големата работа која стои пред нив, кои нема да ги наполнат своите домови и раце со деца туку ќе се трудат да бидат слободни од сѐ што ги одвраќа нивните мисли од големата задача. Ако е посветена и слободна, сопругата може, стоејќи покрај својот сопруг, да постигне исто колку и тој. Бог ја благословил жената со дарови кои треба да ги употреби за Него на слава, доведувајќи кај Бога многу синови и ќерки. За жал, многу жени коишто би можеле да бидат успешни работници, остануваат во домот да се грижат за своите деца. {АД 165.3}
Нам ни се потребни проповедници кои се евангелисти во вистинска смисла на зборот, кои ќе ги остават настрана себичните интереси, а на Божјото дело ќе му го дадат првото место и кои ќе ја имаат само Божјата слава на ум, ќе бидат подготвени да одат каде што ги праќа Тој и во секоја работа ќе се трудат да го шират познавањето на вистината. За Божјото дело потребни се мажи чиишто сопруги го сакаат Бога и се плашат од Него, и коишто можат да им помогнат во работата. Мнозина кои имаат семејства одат на работа, но целосно не се посветуваат на работата. Нивните мисли се на друга страна. Жената и децата ги одвлекуваат од нивната работа и често ги држат што подалеку од местото каде што би влегле кога не би морале да останат во близина на својот дом. {АД 166.1}

