← Назад кон лекцијата

5. Сведоштво

Елена Вајт · Оригинални страници 167–177; 477–490

Оригинална страница 167Гледајќи колку е мало бремето за делото кое почива на проповедниците и на народот, се прашуваме, ќе најде ли Господ вера на земјата кога ќе дојде? Бог изобилува со сила и благодат кои чекаат да бидат побарани. Но ние не го чувствуваме својот голем недостаток, бидејќи гледаме на себе, а не на Христа. Ние не Го воздигаме Христа ниту целосно се потпираме на Неговите заслуги. {5С 167.1}

Би сакала, кога би можела, да им укажам на нашите проповедници и на целиот народ дека делото на благодатта треба да изврши подлабоко дејство во нивните срца и да се подготват подобро за да можат да се соживеат со духот и начинот на работа на нашите црковни собори. Само тогаш ќе можат да ја примат најголемата можна корист од овие состаноци. Годишните собири можат да бидат голем благослов, но исто така можат да му нанесат голема штета на нашиот духовен живот. Какви ќе бидат за тебе, драги читателе? Останува секој да одлучи за себеси. {5С 167.2}

„По тоа светот ќе познае дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе”. Колку сме послични на Христовиот карактер толку ќе биде поголема нашата љубов за оние за коишто Тој умрел. Христијаните кои покажуваат дух на несебична љубов еден за друг, изнесуваат сведоштво за Христа на кое неверниците не можат да се спротивстават ниту да го одречат. Не е можно да се процени силата на ваквиот пример. Ништо не може толку успешно да ги победи сите лукавства на сатаната и на неговите помошници, ништо не може толку брзо да го изгради царството на Откупителот како Христовата љубов во срцата на членовите на црквата. Мирот и среќата владеат само таму каде што има љубов и благост. {5С 167.3}

Оригинална страница 168Во првото послание до Коринтјаните, апостол Павле укажува на значењето на љубовта која Христовите следбеници треба да ја негуваат: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар што ѕвони или кимвал, што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да преместувам - ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори, - штом љубов немам, ништо не ми користи” (1. Коринтјаните 13:1-3). {5С 168.1}

Човекот што не е исполнет со љубов кон Бог и кон ближните не е Христов ученик, колку и да е возвишена верата која ја исповеда. Тој може да има силна вера, може дури да има сила да прави чуда, но без љубов неговата вера нема вредност. Тој може да биде многу дарежлив, може својот имот да го раздаде на сиромаси, но ако дава од некоја друга побуда, а не од чиста љубов, сепак нема да наиде на Божјо одобрување. Може во својата ревност да оди дури и до маченичка смрт; но ако во него го нема златото на љубовта, Бог на него ќе гледа како на измамен занесеник или славољубив лицемер. {5С 168.2}

Апостолот понатаму ги опишува плодовите на љубовта: „Љубовта долго трпи и е љубезна; љубовта не завидува” (Стих 4). Ако во срцето владее божествена љубов, во него повеќе не може да има гордост и себичност. „Љубовта не се превознесува, не е горделива” (Стих 4). Најчистата радост извира од најдлабокото понижување. Најсилниот и најблагородниот карактер се изградува на темелите на трпеливоста и љубовта, на целосното доверување и покорување на Божјата волја. {5С 168.3}

„Не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло” (Стих 5). Срцето во кое владее Божјата љубов нема да биде исполнето со страст и одмаздољубивост доколку му се нанесат навреди кои гордоста и самољубието би ги сметале како неподносливи. Љубовта не се сомнева. Таа секогаш на најдобар начин ги толкува побудите и постапките на другите. Љубовта никогаш нема без потреба да укажува на грешките на другите. Таа не ги слуша желно клеветите, туку секогаш настојува да потсети на некои добри особини на оклеветениот. {5С 168.4}

Оригинална страница 169Љубовта „не се радува на неправда, туку се радува на вистина” (Стих 6). Оној, чиешто срце е проникнато со љубов, со болка гледа на маните и грешките на другите, но се радува кога победува вистината, кога исчезнува облакот кој го помрачувал светлиот глас на некој друг, кога луѓето ги признаваат своите гревови и ги искоренуваат своите мани. {5С 169.1}

„Сѐ покрива, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ поднесува” (Стих 7). Љубовта не само што ги проштева туѓите грешки туку се потчинува на сите маки и незгоди кои тоа проштевање ги повлекува со себе. Таа „љубов никогаш не престанува” (Стих 8). Таа никогаш не може да ја загуби својата вредност, бидејќи е дар од небото. Тие што ќе ја имаат како драгоцено богатство ќе ја внесат низ вратата на Божјиот град. {5С 169.2}

Родовите на Духот се љубов, радост и мир. Неслогата и раздорот се дело на сатаната и родови на гревот. Ако, како народ, сакаме да уживаме мир и љубов, мораме да се откажеме од своите гревови, да се помириме со Бога и да живееме во мир еден со друг. Секој нека се запраша: Ја имам ли благодатта на љубовта? Дали научив да бидам трпелив и благ? Без тој небесен дар, даровите, ученоста и слаткоречивоста ќе бидат како ѕвонче што ѕвони или кимвал што ѕвечи. За жал, мнозина кои ја исповедаат верата малку го ценат ова драгоцено богатство и не копнеат за него. {5С 169.3}

Павле им пишува на Колосјаните: „И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост; трпете се еден со друг и проштевајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете! А над сето тоа облечете се во љубов, која сѐ сврзува во совршенството, и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни”. „И сѐ што правите со збор или со дело, правете го во името на Господ Исус Христос, благодарејќи Му преку Него на Бога и Таткото” (Колосјаните 3:12-15, 17). {5С 169.4}

Оригинална страница 170Фактот дека сме под толку голема обврска кон Христа ни наметнува најсвета обврска кон оние за кои Тој умрел да ги откупи. Кон нив мораме да ја покажеме истата сомилост, истото нежно милосрдие и несебична љубов кои Христос ги покажал кон нас. Кога Христос ќе завладее со нашите чувства, себичното славољубие и желбата за превласт ќе изумрат. {5С 170.1}

Нашиот Спасител ги учел Своите ученици да се молат: „И прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници” (Матеј 6:12). Овде се бара голем благослов, но под услов. Ние сами го наведуваме тој услов. Ние бараме Бог да биде милосрден кон нас во таа мера во која ние сме милосрдни спрема другите. Христос кажува дека Господ според ова правило ќе постапува со нас: „Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Татко небесен. Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Татко нема да ви ги прости вашите” (Стихови 14 и 15). Чудесни услови! Но колку се малку тие што ги разбираат и кои пазат на нив! Еден од најчестите гревови, кој доведува до најтешки последици е духот на непростување. Колку се оние кои негуваат омраза и одмазда во своето срце, а сепак се поклонуваат пред Бога и бараат да им прости како и тие што простиле. Тие, несомнено, не го сфаќаат вистинското значење на оваа молитва, инаку не би се осмелиле да ја изговорат. Секој ден и секој час ние зависиме од Божјото милосрдие кое проштева. Како тогаш можеме да негуваме омраза и злоба кон своите ближни кои се грешници како и ние! Кога христијаните во секојдневниот живот би ги спроведувале начелата на оваа молитва, каква благотворна промена би се извршила во црквата и во светот! Тоа би било најубедливото сведоштво коешто може да се даде за вистинитоста на библиската вера. {5С 170.2}

Оригинална страница 171Бог бара многу повеќе од Своите следбеници отколку што тоа мнозина си замислуваат. Ако сакаме нашата надеж за небото да не ја градиме на лажни темели, мораме да ги прифатиме зборовите на Библијата како што гласат, и да веруваме дека Господ го мисли тоа што го кажува. Тој од нас не бара ништо, а истовремено да не ни подари благодат да го направиме тоа. Ако не успееме да се издигнеме на висината што ја одредил во Својата Реч, со ништо нема да можеме да се оправдаме на Божјиот ден. {5С 171.1}

Апостолот нѐ советува: „Љубовта нека не биде лицемерна; стојте настрана од злото, прилепувајте се кон доброто; Со својата братска љубов сакајте се срдечно едни со други; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг” (Римјаните 12:9,10). Павле сака да правиме разлика меѓу чистата, несебична љубов која е плод на Светиот Дух и празната и лажна љубов со која изобилува светот. Оваа ниска и измамна љубов завела многу души. Таа сака да ја избрише разликата меѓу доброто и злото, сожалувајќи го престапникот, наместо верно да му укаже на неговите грешки. Ваквото постапување никогаш не е плод на вистинско пријателство. Духот од кој се раѓа таа живее само во телесното срце. Христијанинот кој сака да биде благ и милосрден и кој сака да проштева не може да се чувствува во хармонија со гревот. Тој ќе се гнаси од злото и ќе се држи до она што е добро, дури и кога заради тоа би морал да го жртвува пријателството на безбожниците. Христовиот Дух нѐ учи да го мразиме гревот, но да бидеме подготвени за секаква жртва за да го спасиме грешникот. {5С 171.2}

„Ова, пак, го зборувам и сведочам во Господ; да не живеете повеќе како што живеат и другите незнабошци, по суетата на својот ум; помрачени во разумот, отуѓени од Божјиот живот поради нивното незнаење и тврдокорноста на нивното срце; дојдени до бесчувство, тие се предадоа на разврат и ненаситно вршат секаква нечистота” (Ефесјаните 4:17-19). Апостолот ги опоменува своите браќа во името и авторитетот на Господа Исуса, ако го исповедаат евангелието дека не смеат да се однесуваат како безбожници, туку со својот секојдневен живот да покажат дека навистина се обратиле. {5С 171.3}

Оригинална страница 172„Тогаш отфрлете го од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби, за да се обновите со духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост” (Стихови 22-24). Тие некогаш биле расипани, понижени и робови на телесните страсти, опиени со светското вино, ослепени, заведени и измамени од страна на сатаната. А сега, кога биле поучени во вистината на Исуса, мораат да извршат одлучна промена во својот живот и карактер. {5С 172.1}

Изворот на слабост во црквата е тоа што прима членови кои не се обновени во срцето и не го реформирале својот живот. Овој факт често се занемарува. Некои проповедници и цркви, во копнежот што повеќе да го зголемат бројот на своите членови, не го изнесуваат верно сведоштвото против нехристијанските навики и постапки. Тие не ги учат оние што ја примаат вистината дека не можат да живеат светски живот, а истовремено да се нарекуваат христијани. Дотогаш биле поданици на сатаната, отсега се поданици на Христа. Промената на водачот мора да се одрази со сведоштво и во животот. Јавното мнение е наклонето кон христијанството само по име. Само со малку самоодрекување и пожртвуваност добиваме изглед на побожни луѓе и своите имиња можеме да ги ставиме во црковните книги. Затоа мнозина ѝ приоѓаат на црквата, иако сѐ уште не станале христијани. Сатаната триумфира заради тоа. Обратените на таков начин се неговите најдобри помошници. Тие служат како мамка на другите души. Тие се лажна светлина која другите ги намамува во пропаст. Напразно е христијанскиот пат да се прави поширок и поугоден за светските луѓе. Бог не го израмнил ниту го проширил овој напорен и тесен пат. Ако сакаме да влеземе во животот мораме да одиме по патот по кој оделе Христос и сите Негови ученици - по патот на понизност, самоодрекувања и жртви. {5С 172.2}

Проповедниците мора да се трудат своите срца да ги посветат на вистината, за со успех да го постигнат тоа и кај своите обратеници. И на проповедниците и на народот им е потребна чиста вера. Луѓето кои ќе го искоренат злото од своето срце и кои сесрдно ќе се обратат кон Бога, ќе добијат помош што само Бог може да им ја даде. За човечките души е платен откуп, и со тоа им е овозможена прилика да се ослободат од јаремот на гревот и да добијат проштевање, чистота и небо. {5С 172.3}

Оригинална страница 173Бог ги слуша повиците на понизните и оние што се кајат. Тие што често се обраќаат на престолот на благодатта со искрени и сесрдни молби за божествена мудрост и сила ќе станат активни и корисни Божји слуги. Тие можат да бидат без големи способности, но со понизност во срцето и потпирајќи се цврсто на Исуса, тие можат да направат многу добро и многу души да доведат кај Христа. Тие можат да допрат до луѓето со Божја помош. {5С 173.1}

Христовите проповедници секогаш треба да чувствуваат дека едно свето дело ја зафатило сета нивна душа. Нивните напори треба да бидат посветени на изградба на Христови цркви, а не на издигнување на себеси пред луѓето. Додека христијаните треба да ги ценат верните проповедници на Христа како Божји амбасадори, тие треба да ја одбегнуваат сета човечка пофалба. {5С 173.2}

„И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени, и живејте во љубов како што и Христос ве возљуби и за нас се предаде Себеси како принос и жртва на Бога за пријатен мирис” (Ефесјаните 5:1,2). Човекот се отуѓил од Бога со своите безбожни дела, но Христос го дал Својот живот за сите што сакаат да се спасат од гревот и повторно да ја задобијат благонаклоноста на својот Творец. Христос ја поднел таа голема жртва имајќи ги пред очи откупените и светата вселена. Дали сме ги искористиле толку скапо платените привилегии? Живееме ли како деца мили на Бога, или пак му служиме на кнезот на мракот? На кого му служиме: на Јехова или на Ваал? На живиот Бог или на идолите? {5С 173.3}

Ние во суштина можеме да бидеме идолопоклоници и без видливи олтари и идоли на кои би се задржувал нашиот поглед. Исто е лесно да се направат идоли од омилени идеи и склоности како и богови од камен и дрво. Илјадници луѓе имаат сосема погрешен поим за Бога и за Неговите особини. Како слугите на Ваал, тие му служат на лажен бог. Му служиме ли на вистинскиот Бог, како што е откриен во Неговата реч, во Христа, во природата, или пак му служиме на некој замислен идол, што сме го ставиле на Неговото место? Бог е Бог на вистината. Правдата и милоста се особини на Неговиот престол. Тој е Бог на љубов, сомилост и нежно сочувство. Така е прикажан во Својот Син, нашиот Спасител. Тој е Бог на трпението и долготрпеливоста. Ако е такво суштеството што го обожуваме и на кое копнееме да се угледаме, тогаш Му служиме на вистинскиот Бог. {5С 173.4}

Оригинална страница 174Ако сме Христови следбеници, Неговите заслуги, кои нам ни се засметуваат, се издигаат како угоден мирис кон Неговиот Татко. Благодетите на карактерот на нашиот Спасител, пресадени во нашето срце, ќе шират околу нас прекрасен мирис. Духот на љубов, кротост и трпеливост ќе го проникнува нашиот живот и ќе има сила да ги омекне и покори закоравените срца и да ги придобие за Христа огорчените противници на верата. {5С 174.1}

„Не правете ништо од честољубие или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за подобар од себе”. „Правете сѐ без мрморење и двоумење, за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји, сред изопачено и развратно поколение, во кое светите како светила во светот” (Филипјаните 2:3,14,15). {5С 174.2}

Суетата и славољубието претставуваат карпи на кои многу души претрпеле бродолом и многу цркви станале немоќни. Луѓето што најмалку знаат за побожноста, кои најмалку се поврзани со Бога се токму оние кои најмногу копнеат за високи положби. Тие не ја увидуваат својата слабост и своите карактерни мани. Ако многу наши млади проповедници врз себе не ја почувствуваат Божјата сила што преобразува, нивната работа на црквата ќе ѝ донесе повеќе штета отколку корист. Тие можеби ја изучиле Христовата наука, но не Го запознале Христа. Душата која постојано гледа во Исуса ќе ја види Неговата љубов полна со самоодрекување и Неговата длабока понизност и ќе го следи Неговиот пример. Гордоста, славољубието, измамата, омразата и себичноста мораат да се искоренат од срцето. Мнозина делумно ги искорениле овие зли особини, но не ги очистиле потполно своите срца. Во поволни околности нивните чувства повторно оживуваат и тие дозреваат во бунтување против Бога. Овде лежи страшна опасност. Да се сочува само еден грев значи да се трпи непријателот кој само чека погоден момент за да нѐ турне во пропаст. {5С 174.3}

Оригинална страница 175„Кој меѓу вас е мудар и умен, нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост” (Јаков 3:13). Драги браќа и сестри, како го употребувате дарот на говорот? Дали научивте да владеете со јазикот така што секогаш го слушате гласот на просветената совест и светите чувства? Дали од своите разговори ги исклучивте лекомисленоста, гордоста, лукавоста, измамата и нечистотијата? Дали сте без вина пред Бога? Зборовите имаат голема моќ. Ние сами од себе не можеме да го совладаме тој орган. Божествената благодат е нашата единствена надеж. {5С 175.1}

Тие што ревно се трудат да се истакнат би требало пред тоа да настојуваат да стекнат мудрост која е „најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри плодови, непристрасна и нелицемерна” (Стих 17). Ми беше покажано дека многу проповедници треба овие зборови да ги врежат во душата. Оној во кого престојува Христос, надежта на славата, „нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост” (Стих 13). {5С 175.2}

Петар ги повикува верниците: „А најпосле, бидете сите еднодушни, сочувствителни, братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни; не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив: благословувајте, знаејќи дека за тоа сте повикани да наследите благослов. ‘Зашто кој го сака животот и сака да види добри денови, нека го пази јазикот свој од зло, и усните негови да не зборуваат лаги. Нека одбегнува зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него – бидејќи очите на Господ се вперени кон праведните, и ушите Негови – кон нивните молитви, а лицето Господово е против оние кои прават зло за да ги истреби од земјата’” (1. Петрово 3:8-12). {5С 175.3}

Оригинална страница 176Кога вистинскиот пат е толку јасно означен, зошто тогаш оние кои тврдат дека му припаѓаат на Божјиот народ не одат по него? Зошто не се трудат, залагаат и молат за да имаат еден ум? Зошто не се трудат да бидат сочувствителни едни кон други, да се љубат како браќа, наместо да враќаат зло за зло и пцовка за пцовка? Малку се оние кои сакаат да се угледаат на Спасителот во кротост и понизност. Многу бараат од Господа да ги понизи, а не сакаат да се потчинат на потребната дисциплина. Кога ќе дојде искушение, или неволји или пак само предвестување на истите, срцето се бунтува и јазикот изговара зборови кои се како отровни стрели или град што опустошува. {5С 176.1}

Зборувањето зло е двојно проклетство кое потешко го погодува говорникот од слушателот. Кој сее семе на неслога и расправии во сопствената душа жнее плод на смртта. Колку е беден тој што озборува и секогаш претчувствува зло! Таквиот не ја познава вистинската среќа. {5С 176.2}

„Блажени се миротворците” (Матеј 5:9). Благодат и мир почиваат на оние кои одбиваат да учествуваат во судирот на јазиците. Кога сплеткачите разнесуваат зборови од семејство на семејство, тие што се бојат од Господа ќе останат во своите домови. Времето, кое толку често се троши напразно на површно и злонамерно озборување, треба да се посвети на повозвишени и поблагородни предмети. Кога нашите браќа и сестри би сакале да бидат Божји мисионери, кои ги посетуваат болните и несреќните, кои трпеливо и нежно се залагаат за грешникот – накратко кога би се угледале на Примерот – црквата би напредувала во сите свои области. {5С 176.3}

Оригинална страница 177Гревот на зборување зло почнува со негување на зли мисли. Измамата (лукавството) ја опфаќа нечистотијата во сите облици. Ако негуваме една нечиста мисла, ако негуваме една несвета желба, душата станува затруена, а нејзината исправност осквернета. „Потоа похота, откако ќе се зачне раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт” (Јаков 1:15). Ако не сакаме да направиме грев, тогаш мораме да го избегнуваме и самото негово зачнување. Секое чувство и желба мораат да бидат потчинети на разумот и совеста. Секоја несвета мисла треба веднаш да се отфрли. Повлечете се во својата клет, следбеници на Христа! Молете се во вера и со цело срце. Сатаната демнее за да ве фати во својата стапица. Морате да добиете помош одозгора ако сакате да се спасите од неговите измами. {5С 177.1}

Со вера и со молитва сите можат да ги исполнат барањата на Библијата. Никој не може да биде присилен на престап. Прво мора да биде придобиена неговата согласност; душата копнее кон грешната постапка пред страста да завладее со разумот и пред беззаконието да ја победи совеста. Искушението, колку и да е силно, никогаш не е оправдување за гревот. „Очите на Господ се вперени кон праведните, и ушите Негови – кон нивните молитви” (1. Петрово 3:12). Викај кон Господа душо искушувана! Иако беспомошна и недостојна потпри се на Исуса, и барај го Неговото ветување. Господ ќе слушне. Тој знае колку се силни природните склоности на срцето и ќе ти помогне во секој момент на искушување. {5С 177.2}

Дали сте паднале во грев? Тогаш без одложување барајте од Господа милост и проштевање. Кога Давид го согледал својот грев, ја излеал својата душа во покајание и понизност пред Бога. Чувствувал дека полесно може да ја поднесе загубата на круната од губењето на Божјото одобрување. Бог на грешникот сѐ уште му пружа милост. Господ нѐ повикува во сите наши талкања: „Вратете се, синови одметници и Јас ќе го излекувам вашето непокорство” (Еремија 3:22). Можеме да уживаме Божји благослов ако го послушаме гласот на Неговиот Дух што преколнува: „Како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него” (Псалм 103:13). {5С 177.3}

Оригинална страница 477Драги браќа и сестри во Хилдсбург, не заборавајте дека најголемите стапици што сатаната ги подготвува за црквата ќе дојдат преку нејзините членови кои не Го љубат Бога повеќе од сѐ друго и своите ближни како самите себе. Сатаната постојано се труди да направи раздор меѓу браќата. Тој настојува да добие контрола над оние кои тврдат дека веруваат во вистината, но не се обратени. И тој триумфира кога ќе успее да влијае на нив преку нивната телесна природа, кога ќе ги привлече кон себе и на тој начин да го оневозможи остварување на Божјите цели. {5С 477.1}

Здравствениот институт, колеџот, проповедничката служба, мисионерските друштва - сето тоа се орудија кои Бог ги користи за да го оствари Своето дело. Сатаната ќе направи сѐ што може талантите и средствата да не се искористат за тоа, туку да се употребат во некоја друга цел. Има луѓе кои самите себеси се измамуваат. Си ласкаат себеси дека вршат Божјо дело, а се фрлаат во рацете на големиот измамник и всушност му служат нему. Чувајте се од ваквите измами. Секогаш имајте пред очи што е нашата должност како Божји избран народ. Внимавајте во копнежот за независност да не дејствувате против Божјата волја, за измамени од лукавствата на сатаната да не станете камен за сопнување на оние кои се слаби и неодлучни. {5С 477.2}

Оригинална страница 478Посебно треба да внимавате да не станете орудие на непријателот во неговиот копнеж да ги одврати мислите на мажите, жените и децата од целосната посветеност на Бога и на големото дело за ова време. Внимавајте на младите луѓе да не им ветувате голема парична заработка, чудесни можности за образование и големи лични успеси. Ласкавите зборови се слатки за непосветеното срце и некои кои мислат дека се непоколебливи, ќе бидат заведени со надежи кои никогаш нема да се исполнат. Многу се грешеше во овој правец. Сите треба да бидат скромни кога зборуваат за своите способности и мораат да внимаваат да не поттикнуваат гордост и самоувереност кај другите. Моралните сили на мажите и жените кои не се посветени на Бог се слаби и тие можат да погрешат во оценувањето на човечките способности и она што ја сочинува христијанската верност. Немојте со никакви ветувања да ги одвраќате луѓето од изградба на институција за која Бог наредил дека мора да се изгради. {5С 478.1}

Братот А. не покажа здраво расудување во сите прилики и за сите прашања. Тој не е урамнотежен и ако не оди понизно пред Бога ќе направи опасни грешки. Нему му недостасува расудување и затоа погрешно ги проценува луѓето. Неговите претерани ласкања можат сериозно да им наштетат на нивните души. Тој ги наведува да имаат високо мислење за себе и да мислат дека се во состојба да извршат некое големо дело, а да ги занемаруваат малите должности поставени токму пред нив. {5С 478.2}

Јас не велам дека луѓето не треба да се трудат, туку кажувам дека треба да го искоренат од себе тој себичен и световен дух. Треба да се учествува во секој потфат кој ќе ги соедини интересите на членовите на црквата и ќе внесе хармонија и единство во Божјото дело. Но никогаш, никогаш не смеете да заборавите дека вие сте или слуги на Христа кои ревно се трудат да го остварат она единство за кое се молел Исус, или пак сте луѓе кои го рушат тоа единство и работат против Христа. {5С 478.3}

Оригинална страница 479Оние кои настојуваат да го намалат интересот за кое било училиште во Хилдсбург или за кој било вид на мисионерска работа не работат за Бога, туку според наредбите на другиот водач кој само настојува да ги уништи. Браќа и сестри од Хилдсбург, ако сакате да бидете корисни треба да бидете исправни, понизни, свети и неизвалкани во сите постапки. Меѓу вас треба помалку да има гордост, самопреценување и себичност. Кога членовите на црквата ќе се облечат во понизност, кога ќе се одречат од себичноста и самопреценувањето, кога непрестано ќе бараат да ја вршат Божјата волја - тогаш ќе работат во слога. Светиот Дух е еден… {5С 479.1}

Кризата е пред нас, и на секого ќе му биде потребна сила од Бога за да може да се одбрани од нападите на сатаната, бидејќи неговите измами ќе се појават во сите можни облици. Тие што си дозволуваат себеси да си играат со искушенијата на сатаната тогаш нема да бидат во состојба да застанат на правата страна. Нивните поими ќе бидат збркани и нема да можат да прават разлика меѓу божественото и сатанското. {5С 479.2}

Во секоја наша институција ќе дојде до криза. И верниците и неверниците ќе работат против нив. Затоа денес не смееме да ја изневериме довербата и светиот завет издигнувајќи се себеси. Треба да бдееме непрестано и ревно да пазиме на својот живот, за да не оставиме погрешен впечаток во светот. Секој со зборовите и со делата треба да сведочи: „Јас сум христијанин. Не смеам да живеам според сфаќањата на овој свет. Морам да Го љубам Бога над сѐ и ближниот како самиот себеси. Не смеам да направам ниту да одобрам и најмал чекор кој би наштетил на мојата исправност, би го ослабил моето влијание или пак би ја поткопал довербата во која било Божја институција”... {5С 479.3}

Имајте на ум дека Божјиот народ е многу малечко стадо во споредба со оние кои само се нарекуваат христијани и милионите мажи и жени кои го сакаат овој свет. Вие треба да бидете христијани според Библијата и треба да им давате пример на младите за праведност и доблест во сѐ. Секое влијание на кое се подложни младите треба да биде од свет карактер, а таквото влијание треба да започне во нашите семејства. Светото не смее да се меша со она што е земно. {5С 479.4}

Оригинална страница 480Секој член на црквата со својот завет при крштавањето дал свечено ветување дека ќе ги чува интересите на своите браќа. Сите ќе дојдат во искушение да се поведуваат според своите омилени мисли и планови, кои ќе им изгледаат исправни; но тие треба да се молат, да бдеат и да работат со сите свои сили на изградбата на Христовото царство во светот. Бог бара од секој христијанин, колку што е тоа можно, да ги штити своите браќа и своите сестри од влијанието кое би можело да внесе неслога меѓу нив или да ги одвои од делото за ова време. Секој треба да внимава не само на своите лични духовни интереси, туку треба да чувствува товар и за душите со кои стапил во сродство и преку Христа мора да влијае врз другите членови на црквата. Тој со своите зборови и постапки треба да ги наведува да се угледаат на Христовиот пример во самоодрекувањето, пожртвувањето и љубовта кон другите. {5С 480.1}

Ако во црквата има такви чиешто влијание е спротивно на љубовта и несебичната добрина која Христос ја покажал кон нас, такви кои се одделуваат од своите браќа, верните треба мудро да постапуваат со нив, имајќи го предвид доброто за нивните души, но треба да внимаваат тие со својот пример да не влијаат врз другите и црквата да не застрани од вистинскиот пат заради нивната омраза и нивните клевети. Некои се преполни со горделивост. Тие само неколкумина ги сметаат за исправни, а се сомневаат и ја напаѓаат секоја постапка на другите. На овие луѓе не смее да им се дозволи да ги доведат во опасност интересите на црквата. Со цел да се подобри моралното здравје на црквата, секој мора да се смета должен да копнее кон духовно издигнување, со строго применување на библиските начела имајќи на ум дека Бог е присутен насекаде. {5С 480.2}

Оригинална страница 481Секој член на црквата треба да види колку е неопходно да биде исправен пред Бога, и дека мора да се посвети на вистината. Дури тогаш ќе биде во состојба пред другите да претставува христијански карактер и да им служи како пример за несебичност. Ако секој член постапува така, црквата ќе се развие духовно и ќе ја прати Божјо одобрување. {5С 481.1}

Секој член на црквата треба да се смета за должен својот десеток да го посвети на Бога. Никој не смее да ги следи желбите на очите ниту склоностите на своето себично срце и на тој начин да краде од Бога. Членовите не смеат да ги употребуваат своите пари за да ја задоволат суетата или која било друга себична наклонетост, затоа што ако прават така ќе се заплеткаат во мрежите на сатаната. Бог дава можност и способност за стекнување на богатство, и затоа сѐ треба да се стави на Неговиот олтар. Заповедта гласи: „Почитувај Го Господа со својот имот”. Наклонетоста кон алчност мора постојано да се зауздува, инаку ќе ги нагризе срцата на мажите и жените и тие лакомо ќе трчаат по добивка. {5С 481.2}

Во пустината на искушенијата сатаната - непријателот на душите - Му укажал на Христа на славата на светот велејќи: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш” (Матеј 4:9). Спасителот го одбил сатаната. Меѓутоа, колку лесно наведувањето на големиот непријател ги заведува луѓето! Мнозина се маѓепсани со привлечностите од овој свет; тие повеќе му служат на мамона отколку на Бога и на тој начин ги губат своите души. {5С 481.3}

Наскоро ќе се сретнеме со нашиот Господ; и каква сметка ќе Му дадеме за начинот на кој сме ги употребиле нашето време, нашите таланти, влијанието и имотот? Наша радост треба да биде делото за спасување на душите. Свечено ја прашувам црквата во Хилдсбург: Дали Бог навистина е меѓу вас? Вистинскиот Сведок кажува: „Но во Сард имаш неколку имиња што не ги осквернија алиштата свои. Тие ќе одат со Мене во бела облека, бидејќи се достојни” (Откровение 3:4). Се наоѓате ли вие во тој број? Дали ја сочувавте вашата верност? Дали се држевте за Исуса како давеникот за сламката, кој е ваш единствен спас? Дали Му служите, дали живеете за Него, дали Го љубите? Дали секој член е чист, свет и неосквернет, од чијашто уста не излегува измама? Ако е така, тогаш сте најсреќни, бидејќи во Божјите очи ќе „бидете повредни од чисто злато, повредни од офирско злато” (Исаија 13:12). Додека мнозинството се жртвува на мамона и не Му служи на Светецот Израилев, малку се оние кои не ги извалкале своите облеки и кои се неосквернети од светот; и тој мал број ќе има голема сила. Таа група ќе поседува вера која работи преку љубовта и ја прочистува душата. Тие ќе ги претставуваат возвишените христијански начела. Тие ќе копнеат лично да дојдат во допир со Изворот на светлината и ќе се трудат да бидат сѐ подобри развивајќи ги сите свои особини до најголема мера. Бог бара во својот живот да внесете најцврсто почитување и исправност. На тој начин ќе се разликувате од светот како деца на највозвишениот Бог. Исус бил благ и љубезен, и не губел власт над самиот Себе дури ниту во бурните борби, среде најголемото противење. {5С 481.4}

Оригинална страница 482Бог вака им кажува на оние кои примиле голема светлина: „Пријдете поблиску”. Пријдете поблиску кон Бога и кон небото. Одете напред. Вам ви се потребни вера, искрена љубов кон вашите браќа и поголемо интересирање за нив. Бог ви доверил свети должности. За секој член на црквата има поле за дејствување на кое може да прави добро. {5С 482.1}

Нашиот колеџ не е таков каков што треба да биде, ниту каков што би бил ако нашите браќа и сестри согледаат дека тој е свет аманет што им е доверен. Кога тие би го издигнале знамето на духовноста во црквата, кога би дале пример за исправност во сите свои постапки, и кога би негувале побожност и христијанско искуство - тогаш влијанието на колеџот би се ширело и од него би светела светлина со богати благодети. Ако со колеџот се управува правилно, ми беше покажано дека многу млади луѓе од него ќе излегуваат како делотворни работници во Божјото дело. Но сите нека внимаваат да не работат против него или против вистината, со зборови или со дела, со непосветен живот, клеветење или со озборување; бидејќи Бог тоа сигурно ќе го запише против нив. Колеџот секогаш ќе биде принуден да се бори против тешкотии, бидејќи на некои луѓе им недостига вера, и со нив не владее Светиот Дух. Сатаната ќе биде задоволен ако може меѓу нас да најде личности кои пронаоѓаат зло и ги потценуваат нашите институции и покажуваат на секоја неповолна ситница. Тој не престанува да вложува напори за да ги наведе луѓето да го потценуваат колеџот затоа што истиот во сите детали не одговара на нивните замисли. Ако согледа дека колеџот може да им користи на младите, тој ќе направи сѐ влијанието на црквата да ги обесхрабри младите, наместо да ги подигнува и храбри. {5С 482.2}

Оригинална страница 483Никој не може да негира дека такви елементи постојат во Хилдсбург како и во другите места; и ако сатаната не ги искористи, тој ќе искористи некое друго влијание за истата цел. Но „тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната” бидејќи „за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морската длабочина” (Матеј 18:7,6). Бог има Свој начин на работа. Луѓето не можат секогаш да го забележат тоа, и со тоа што им придаваат преголемо значење на своите сопствени напори, не само што Го спречуваат Господа во Неговото дејствување, туку работат против Него. „Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне” (1. Коринтјаните 10:12). „А вие возљубени, знаејќи го ова однапред, пазете се од измамата на беззакониците за да не бидете одведени со нив, и да не отпаднете од својата утврденост, туку да напредувате во благодатта и во познанието на нашиот Господ и Спасител Исус Христос” (2. Петрово 3:17,18). {5С 483.1}

Се приближуваме кон крајот на времето. Многу искушенија ќе доаѓаат однадвор, но не смееме да дозволиме да доаѓаат од црквата. Божјиот народ нека се одрече од себе заради Исус и заради вистината. „Зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло” (2. Коринтјаните 5:10). Секој што вистински Го љуби Бога ќе поседува Свети Дух и сесрдна љубов кон своите браќа. Колку повеќе срцето на една личност одржува заедништво со Бога, толку повеќе нејзините чувства се насочени кон Христа, толку помалку ќе ја вознемируваат маките и тегобите кои наидуваат во животот. Оние што се развиваат до полна возраст на мажи и жени во Исуса Христа, стануваат сѐ послични на Христа во карактерот, издигнувајќи се над склоностите кон негодување и незадоволство. Тие го презираат барањето мани кај другите. {5С 483.2}

Оригинална страница 484Црквата во ова време треба да поседува вера која еднаш засекогаш им е дадена на светиите и која ќе ѝ помогне смело да каже: „Бог ми помага”. „Сѐ можам преку Исус Христос, Кој ме крепи” (Псалм 54:4; Филипјаните 4:13). Господ нѐ повикува да станеме и да тргнеме напред. Во сите времиња кога црквата се одрекувала од своите гревови и кога верно одела во вистината, таа била почитувана од Бога. Во верата на понизност и послушност се наоѓа сила на која светот не може да се спротивстави. Намера на Божјото провидение во поглед на Неговиот народ е тој да напредува - да напредува непрестано во усовршување на христијанскиот карактер, на патот на светлината, издигајќи се сѐ повисоко и повисоко во јасната светлина и знаењето и Божјата љубов сѐ до свршетокот на времето. О, зошто сѐ уште ја учиме само основата на Христовата наука? {5С 484.1}

Господ има богати благослови за црквата ако нејзините членови се трудат да се пробудат од погибелната млакост. Суетната вера, зборовите лишени од животна сила, карактер лишен од морална цврстина - на тоа укажува свечената порака која Вистинитиот Сведок ја упатил на црквите, предупредувајќи ги против гордоста, наклонетоста кон овој свет, формализмот и вообразеноста. На оној што вели „Богат сум и се збогатив и ништо не ми треба” (Откровение 3:17), небесниот Господ му вели: „Не знаеш дека си беден и несреќен, сиромав, слеп и гол” (Исто). Но на понизните, несреќните, на верните и трпеливите им се дадени охрабрувачки зборови: „Ете, стојам на вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене” (Стих 20). Вистинскиот Сведок на сите им зборува: „Ги знам делата твои” (Стих 15). Мошне строго се испитуваат црквите во Калифорнија. Ништо не може да се сокрие од Неговото испитувачко око; нивните погрешки и заблуди, пропусти и неуспеси, нивното грешно отстапување од вистината, отпадништвото и нивните недостатоци - сето тоа е „голо и откриено за очите на Оној пред Кого ние ќе одговараме” (Евреите 4:13). {5С 484.2}

Оригинална страница 485Се надевам и се молам дека одите во кротоста на умот, за да бидете благослов едни на други. „Зашто уште малку, сосем малку и Оној што иде ќе дојде и нема да задоцни” (Евреите 10:37). Свадбените светилници секогаш мора да се украсени и запалени. Господ го одложува Своето доаѓање заради Своето трпение кон нас „бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат” (2. Петрово 3:9). Но кога со сите откупени ќе стоиме на стакленото море, со златни харфи и венци на славата, и кога пред нас ќе се наоѓа бескрајната вечност, тогаш ќе видиме колку кратко било времето на чекање и проба. „Блазе на оние слуги што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде” (Лука 12:37). {5С 485.1}

Ние живееме во време кога сите посебно внимание треба да обратат на налогот на Спасителот: „Внимавајте, бидете будни и молете се, зашто не знаете кога ќе биде часот” (Марко 13:33). Секој нека има на ум дека треба да биде верен и предан на Бога, да верува во вистината и да расте во благодатта и во познавањето на Исуса Христа. Спасителот нѐ повикува: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши” (Матеј 11:29). Господ сака да ни помогне, да нѐ поткрепи и да нѐ благослови; но ние мораме постојано да поминуваме преку процесот на прочистување додека не изгори сета нечистотија на нашиот карактер. Секој член на црквата ќе биде ставен во печката за претопување, но не за да изгори, туку за да се прочисти. {5С 485.2}

Господ се наоѓа меѓу вас, но и сатаната се вовлекол за да внесе фанатизам. Исто така постојат и други зла кои мора да се избегнуваат. Некои се наоѓаат во опасност да се задоволат само со површно примање на Божјата светлина и љубов, и така престануваат да напредуваат. Не бдеат и не се молат. И токму во времето кога ќе се изјавува: „Ова е храмот Господов, храмот Господов” (Еремија 7:4), ќе наидат искушенија и душите ќе ги обвитка темнина - земен дух, себичност и самовоздигнување. Тогаш ќе биде потребно Самиот Господ да ги соопштува Своите мисли на луѓето. Каква помисла! - наместо нашите јадни, земни и ограничени мисли и планови Самиот Господ ќе ги соопштува Своите благородни и далекусежни мисли кои секогаш водат кон небото! {5С 485.3}

Оригинална страница 486Вам ви се заканува опасност затоа што не се трудите да трчате „кон целта - кон наградата на горното признание од Бога во Исус Христос” (Филипјаните 3:14). Дали Господ ви подари светлина? Тогаш вие сте одговорни за таа светлина, и тоа не само додека ве осветлуваат нејзините зраци, туку и за сѐ што ви е откриено за минатото. Вие треба вашата волја секојдневно да ја потчинувате на Бога; треба да одите во светлина и да барате уште, бидејќи светлината што свети од Спасителот треба да свети сѐ посилно и посилно во моралната темнина и да го зголемува својот сјај додека не настане ден. {5С 486.1}

Дали членовите на вашите цркви се трудат секое утро и секоја вечер да добиваат свежа мана? Дали барате божествено просветлување или пак само сакате да се издигнете себеси? Дали со сета своја душа, сила и со сите свои мисли Го сакате Бога и дали Му служите, и со тоа сте благослов за оние што ве опкружуваат - да ги доведувате кај Светлината на светот? Дали сте задоволни со благословите од минатото? Дали живеете како што живеел Исус, дали работите како што работел Тој, откривајќи Го на светот со вашите зборови и дела? Дали како послушни деца живеете со чист и свет живот? Вие со вашиот живот треба да Го претставувате Христа. Единствено Тој може да ве излечи од зависта, сомнежите во вашите браќа; единствено Тој може да го искорени духот на задоволување со самиот себеси кој го негуваат некои од вас на сопствена штета. Единствено Исус може да направи да ја почувствувате својата слабост, своето незнаење и изопаченоста на својата природа. Единствено Тој може да ве направи чисти, благородни и достојни за дворовите на благословените. {5С 486.2}

Оригинална страница 487„Со Бога сме силни” (Псалм 60:12). Можете да направите многу добра ако бидете предани на Бога и на вашите браќа, ако ја загушите секоја неблагородна мисла, секое чувство на завист или себичност! Вашиот живот треба да биде исполнет со сесрдно служење на другите. Не знаете кога ќе бидете повикани да го положите оружјето. Смртта може ненадејно да дојде, без да ви даде телесни и умни сили вашите мисли да ги посветите на Бога и да се измирите со Него. Некои наскоро ќе дознаат колку е напразна човечката помош, колку се безвредни вообразеноста и самоувереноста што ги задоволувале. {5С 487.1}

Светиот Дух ми наложи да ви кажам дека сега е вашиот ден на предности, доверба и благослови. Дали ќе ги искористите? Дали се залагате за Божјата слава или за себичните интереси? Дали пред вашите духовни очи ги имате сјајните прилики за земен успех кој ќе ви овозможи задоволство и парична добивка? Ако е така, горко ќе се разочарате. Меѓутоа, ако се трудите да живеете со чист и свет живот, секојдневно во Христовата школа да учите поуки кои Тој ги бара од вас за да бидете со понизни и скромни срца, тогаш ќе имате мир кој никакви земни околности не можат да го нарушат. {5С 487.2}

Животот во Христа е живот на спокојност. Зловолието, незадоволството и немирот го откриваат отсуството на Спасителот. Ако со вашиот живот Го претставувате Христа, тој ќе биде исполнет со добри и благородни дела за Господа. Ќе заборавите да служите на самите себе и вашиот живот сѐ повеќе ќе се приближува кон љубениот Спасител. Вашиот карактер ќе стане сличен на Христовиот карактер и сите кои ве опкружуваат ќе дознаат дека сте биле со Исуса и дека сте се научиле од Него. Секој човек во себе поседува извор на сопствената среќа или несреќа. Ако сака, може да се издигне над ниските, сентиментални чувства кои го сочинуваат животот на многумина; но сѐ додека човекот е задоволен со самиот себе, Господ не може ништо да направи за него. Сатаната ќе покажува сјајни прилики за да ги маѓепса сетилата, но ние секогаш мораме да ги имаме на ум зборовите: „Трчам кон целта - кон наградата на горното признание од Бога во Исус Христос” (Филипјаните 3:14). Напнете се да правите добри дела во вашиот живот. „Разумните ќе сјаат како светила на небото, и оние што мнозина повратиле кон правда - како ѕвездите, во век и засекогаш” (Даниел 12:3). {5С 487.3}

Оригинална страница 488Ако нашиот живот е исполнет со свет мирис, ако Го славиме Бога имајќи добри мислења за другите, правејќи добри дела и служејќи им на ближните, тогаш не е важно дали ќе живееме во некоја колиба или во палата. Околностите немаат врска со животот на душата. Духот дава смисла на сите наши постапки. Човекот кој е во мир со Бога и со своите ближни не може да биде несреќен. Зависта не може да престојува во неговото срце; во него нема место за зли претпоставки; омразата не може да опстои. Срцето кое е во хармонија со Бога е издигнато над незгодите и искушенијата во овој живот. Но срцето во кое нема Христов мир, е несреќно и исполнето со незадоволство; таквото лице во сѐ наоѓа недостатоци и би внело несклад и во најсовршената хармонија на небото. Животот на себичност е живот на зло. Оние чиишто срца се исполнети со љубов кон самите себе натрупуваат зли мисли против своите браќа и зборуваат против Божјите орудија. Страстите, запалени и поттикнати од сатаната, се горчливи извори од кои извира горчина која го труе животот на другите… {5С 488.1}

Секој што тврди дека е следбеник на Христа секогаш треба другите да ги цени повеќе од себе. Приближете се едни кон други, приближете се! Во единството е силата и победата; во неслогата и раздорот се слабоста и поразот. Тие зборови ми се упатени од небото. Јас ви ги кажувам како Божји пратеник. {5С 488.2}

Да се трудиме да одговориме на Христовата молитва: „За да бидат сите едно, како што си Ти, Татко, во Мене, и Јас во Тебе” (Јован 17:21). О, какво е тоа единство! И Христос кажува: „По тоа ќе познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе” (Јован 13:35). {5С 488.3}

Оригинална страница 489Кога смртта ќе однесе некој од нашите членови, какви се нашите спомени за нашето постапување со него? Дали е пријатно да размислуваме за сликите кои се појавуваат на ѕидот на сеќавањата? Дали тоа се сеќавања на љубезно упатени зборови на сочувство укажано во вистински момент? Дали неговите браќа ги одбивале клеветите на непромислените кои се мешаат во туѓи работи? Дали ги побивале обвинувањата и клеветите против него? Дали верно се придржувале до советот: „Утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите”? „Ете ти мнозина си советувал и си поткрепувал изнемоштени раце”. „Закрепнете ослабени раце и зајакнете колена што треперат; кажете им на плашливите со дух: бидете цврсти, не плашете се” (1. Солунјаните 5:14; Јов 4:3; Исаија 35:3,4). {5С 489.1}

Кога е мртов некој со кого сме биле здружени во црквата; кога знаеме дека сѐ за него е запишано во небесните книги и дека за тоа ќе даде сметка на судниот ден, какви се размислувањата на неговите браќа во поглед на нивното однесување кон него? Колку јасно се сеќаваат сега на сите груби зборови, на секоја непромислена постапка! Колку поинаку би се однесувале кон него кога би им била дадена прилика за тоа! {5С 489.2}

Апостол Павле Му благодарел на Бога за утехата што му ја давал во страдањата: „Благословен нека е Бог… на секоја утеха. Тој нѐ утешува при секоја наша неволја, та и ние да можеме да ги утешиме сите оние кои се во неволја со онаа утеха со која Бог нѐ утешува нас самите” (2. Коринтјаните 1:3, 4). Кога Павле ја почувствувал утехата и топлината на Божјата љубов која ја осветлувала неговата душа, тој со тој благослов зрачел и на другите. Треба да се однесуваме на тој начин што сликите обесени на ѕидовите на нашето памтење да не бидат такви што да не можеме да го поднесеме размислувањето за нив. {5С 489.3}

Кога ќе починат оние со кои контактираме, никогаш повеќе нема да ни се даде прилика да повлечеме изговорен збор, од памтењето да избришеме некој впечаток. Според тоа треба да внимаваме на нашите постапки за да не Го навредуваме Бога со нашите дела. Да го отфрлиме секое студенило и неслога. Нашето срце треба да биде трогнато со сочувство пред Бога кога ќе помислиме на Неговото однесување кон нас. Светиот Дух како свет пламен нека ги спали отпадоците кои се натрупале на вратата на срцето за во него да влезе Исус; тогаш Неговата љубов преку нашите љубезни зборови и постапки ќе се излева и врз другите. Постапувајќи на тој начин ние нема да се срамиме од своите зборови запишани во небесните книги, кога на судот повторно ќе се состанеме со нашите пријатели кои смртта ги одвоила од нас. {5С 489.4}

Оригинална страница 490Кога смртта ќе ги затвори очите на покојниот, кога неговите раце ќе се свиткаат на безживотните гради, колку брзо се менуваат чувствата на непријателство и несогласување! Нема повеќе замерки, нема огорчувања. Навредите и грешките се забораваат и се простуваат. Колку многу убави зборови се кажуваат за покојниот! Во сеќавањето се појавуваат многу добри дела од неговиот живот! На покојниот обилно му се оддава признание и благодарност; но тие зборови допираат до уши кои повеќе не слушаат, до срце кое повеќе не ги чувствува. Кога тие зборови би биле изговорени тогаш кога толку многу му биле потребни на изморениот дух, кога увото можело да ги слушне, а срцето да ги почувствува, каква пријатна слика би се појавила во сеќавањето! Колкумина се таквите кои, стоејќи застрашени и неми покрај покојниот, со срам и со жалење се сеќаваат на зборовите и делата кои предизвикале тага во срцето кое засекогаш престанало да чука. Затоа, сета љубов, убавина и добрина треба да ја покажеме во овој живот. Треба да бидеме внимателни, благодарни, трпеливи и полни со простување во меѓусебните односи. Мислите и чувствата кои доаѓаат до израз околу оној што умира или околу покојниот треба да дојдат до израз во секојдневниот однос со нашите браќа и сестри во овој живот. {5С 490.1}

← Назад кон лекцијата