4. Сведоштво
Оригинална страница 92Твоето воспитување и дисциплинирање во текот на детството и младоста беше многу погрешно. Сега мораш да ги учиш големите поуки за самосовладување, кои требаше да ги совладаш многу порано. Бог те доведе во поинакво опкружување каде што под влијание на Неговиот Свет Дух можеш да се дисциплинираш и да се менуваш, да стекнуваш морална сила и самоконтрола, за да можеш да станеш победник. Владеењето со себе може да се постигне само со најголеми напори, непоколеблива одлучност и истрајност и нескршлива енергичност. Ти долго војуваше против секое ограничување и твојата избувливост рика како лав во кафез штом твојата волја ќе наиде на каква било препрека. Сега мораш потполно сам да го стекнуваш воспитувањето кое требало да го стекнеш многу порано со помош на своите родители. Фиданката многу лесно се свиткува додека е млада и тенка, но кога ќе се развие во нерамно и силно стебло, тогаш е многу тешко да се исправи. Твоите родители дозволиле да растеш така деформиран; и сега единствено со Божја благодат во соработка со своите истрајни напори можеш да станеш победник над својата волја. Преку Христовите заслуги можеш да се ослободиш од сè што го деформира карактерот и остава лузни на душата. Мораш да го отфрлиш стариот човек со сите негови заблуди и да се облечеш во нов - во Исуса Христа. Неговиот живот нека ти биде пример и тогаш своите умни и останати способности ќе ги посветиш на Божјата служба. {4С 92.1}
О, кога мајките сесрдно и нежно, но одлучно би се залагале на време да ги потчинат телесните склоности на своите деца кон лутина и избувливост, колку гревови би се спречиле во самиот зародиш, и од колку тешкотии црквата би била поштедена! Колку семејства, кои денес се наоѓаат во толку жална состојба, би можеле да бидат среќни! Многу души ќе бидат загубени засекогаш затоа што родителите пропуштиле со правилно дисциплинирање уште од малечки да ги научат своите деца да се потчинуваат на авторитетот. Преминувајќи лесно и неодлучно преку грешките и заблудите во самиот нивен зародиш, не само што не ставаме секира на коренот на тоа зло, туку придонесуваме за пропаст на илјадници други души. О, колку родителите ќе одговараат пред Бога за тоа страшно запоставување на својата должност! {4С 92.2}
Брате Г, ти сакаш да имаш главен збор и да им наредуваш на другите, но не си подготвен да си наредиш самиот себеси. Твојата горделивост е подготвена да избувне во секој момент. Самољубието и духот на горделивост се неконтролирани елементи во твојот карактер, и тоа го попречува твојот духовен напредок. Оние кои имаат таква природа мораат ревносно да се заземат секој ден да умираат за себе, или ќе го изгубат небото. Бог не прави компромис со таквите луѓе, како што прават наклонетите, заблудени родители. {4С 92.3}
Оригинална страница 93Во мојата последна визија покажано ми е дека Господ нема понатаму да те користи во Своето свето дело ако продолжиш по својот пат, не прифаќајќи укор и неопходна дисциплина. Ако почнеше да се занимаваш со преиспитување на сопствената духовна состојба пред Бога, би увидел дека тоа е толку голема задача што немаше да имаш време да се задржуваш на наводните грешки на братот Х, и тоа зад негов грб. Братот Х во својата работа за последните триесет години заслужил да имаме доверба во неговата честитост. „Чест на оној кој заслужува”. {4С 93.1}
Луѓето на одговорни положби треба постојано да се усовршуваат. Тие не смеат да се задоволуваат со старото искуство, сметајќи дека не им е потребно никакво натамошно стекнување на знаење. Човекот, иако при доаѓањето на светот е најбеспомошен од сите Божји созданија и по својата природа најизопачен, има можност во текот на животот постојано да се усовршува. Може да се просветува со наука, да се облагородува со особини и да се развива умно и морално сè додека според совршенството на умот и чистотата на карактерот не стане само малку помал од ангелите. Ние не сме во состојба ниту да замислиме што сè луѓето можат да станат и какви достигнувања да остварат кога светлината на вистината ќе го осветли нивниот ум, а Божјата љубов ќе ги обземе нивните срца. {4С 93.2}
Знам дека човечкото срце е слепо за својата вистинска состојба, но не можам да те оставам така, а да не направам уште еден напор да ти помогнам. Ние те сакаме, и желба ни е да истраеш во борбата до конечна победа. Исус те љуби, Тој умре и за тебе и сака да бидеш спасен. Не е во наша надлежност да те задржиме во ________, но сакаме да направиш сè за своето спасение, да исправиш сè во што тука си грешел. Вложи го секој можен напор да господариш со себе за да не го загубиш небото. Тоа не би смеел да си го дозволиш себеси. Поради Христа, спротивстави му се на ѓаволот и тој ќе побегне од тебе. {4С 93.3}
Оригинална страница 94Драги брате и сестро И, покажано ми е дека грешите во раководењето со своите деца. Вие ги прифативте погледите на др. Ј кои тој во _______ ги изнесуваше пред пациентите и пред вашите деца. Таквите погледи не треба да се прифатат ниту да се спроведуваат. Гледано од ставот на др. Ј таквите идеи можеби и не се толку лоши, но од христијанска точка на гледање тие претставуваат одредена опасност. Препораките кои др. Ј им ги дава на пациентите да ја избегнуваат физичката работа се покажаа како многу штетни за многумина од нив. Системот на потполна неактивност може да биде многу опасен. Потребата за забави, како што учи тој и им препорачува на своите пациенти, е вистинска заблуда. За да го искористат правилно своето време и за да го вработат својот ум, тие треба да се занимаваат со корисно и здраво движење и физичка работа. Забавите кои ги препорачува др. Ј многу повеќе го возбудуваат мозокот и нервниот систем на пациентите отколку некое корисно занимање. {4С 94.1}
Физичкото движење комбинирано со корисна работа има благотворно влијание на умот, ги зацврстува мускулите, го подобрува крвотокот и на инвалидот му пружа задоволство, враќајќи му ја довербата во сопствените сили. Од друга страна, ако му се ограничи здравото движење и физичката работа, тој ќе почне да мисли само на себе. Тој и така е во постојана опасност својата состојба да ја смета за потешка отколку што е и се раководи според болното вообразување дека своите сили премногу ги оптоварува. Општо земено, ако се прифати за некоја правилно насочена работа, користејќи ги, но не и злоупотребувајќи ги своите сили, ќе увиди дека физичкото движење како средство за закрепнување е помоќно и поделотворно дури и од лекувањето со вода кое го применува. {4С 94.2}
Оригинална страница 350Брате Г, во последната визија ми беше предочен твојот случај. Покажано ми е дека ја сакаш вистината која ние ја исповедаме, но не си посветен со вистината. Твоите склоности и твојата љубов се поделени помеѓу служење на Бога и служење на сатаната. Таа поделеност во чувствата стои како сериозна препрека на твојот пат да станеш мисионер за Бога. Иако по изјаснување Му служиш на Бога и работиш во Неговото дело, личните интереси ја обезвреднуваат твојата работа и нанесуваат голема штета на твојот углед. Бог не може да ја прифати твојата соработка и да работи со тебе, бидејќи во своето срце не си исправен пред Него. {4С 350.1}
На зборови ти изгледаш длабоко заинтересиран за вистината; но кога треба да ја покажеш верата со дела, тогаш покажуваш голем недостаток. Не ја претставуваш правилно нашата вера. Со нескриено манифестирање на љубов кон добивката нанесуваш срам на Божјото дело, а твојата склоност кон трговија не служи на добро ниту на духовно здравје на оние со кои доаѓаш во допир. Во трговијата си досетлив и често го преценуваш своето. Имаш посебна тактика твојот збор да доминира и да биде последен, гледајќи ги само своите, а не и туѓите интереси. Кога ќе видиш дека некој во трговијата сам на себеси нанесува штета, а на тебе ти донесува корист, ти дозволуваш да продолжи така. Тоа не е почитување на златното правило: на другите да им го правиш само она што сакаш тие тебе да ти го прават. {4С 350.2}
Додека си ангажиран во мисионерската работа, ти во исто време ги покажуваш своите трговски способности и своите склоности кон купување и продажба. Тоа што го работиш е многу бедна комбинација. Треба да се определиш за едно или за друго. „Ако Господ е Бог, одете по Него, ако тоа е Ваал, одете по него”. „Одберете денес кому ќе му служите”. Твојата работа на ширење на литературата и во мисионството Бог нема да ја прифати додека ти планираш само за своја лична корист. Ти си во опасност побожноста да ја сметаш за трговија. Поттикот на кој искушувачот ти укажува во тој поглед, може да биде многу примамлив за да те заведе и намами на шпекулативно мудрување кое потполно ќе ја уништи твојата духовност. {4С 350.3}
Оригинална страница 351Светот, ангелите и луѓето те сметаат за измамник, човек кој го гледа само својот интерес и извлекува корист за себе, не водејќи воопшто сметка за интересите на оние со кои тргува. Во својот деловен живот ти имаш изразена склоност кон нечесност што ја обесветува душата, го осиромашува верското искуство и го попречува напредокот во благодатта. Со остро деловно око будно внимаваш да не пропуштиш ниту една поволна прилика за создавање на добивка. Тоа кај тебе станало втора природа и ти воопшто не го увидуваш злото кое произлегува од охрабрувањето на таа склоност. {4С 351.1}
Со работите кои би можел да ги извршуваш исправно на обострана корист и на себе и на другите, сè би било во ред кога во договарањето би бил чесен. И Господ би ја прифатил твојата служба и твоите способности и остроумности со задоволство би ги употребил во спасување на душите, ако беше потполно посветен со вистината. Во тебе желбата на очите и љубовта кон добивката постојано војуваат против Духот. Долгогодишните навики оставиле свој изопачувачки отпечаток на твојот карактер и те онеспособуваат за Божјото дело. Да се посветеше на служба на Бога, би станал ревен и истраен работник за Учителот; меѓутоа, со ваква злоупотреба на своите способности ја изложуваш на голема опасност својата душа, а со своето влијание ги изложуваш на иста опасност и другите. {4С 351.2}
Гласот на совеста и приговорот на разумот понекогаш те пробудуваат и се чувствуваш укорен поради својот начин на живот; твојата душа копнее за светост и за сигурноста на небото; вревата на овој свет ти станува одвратна, ја отфрлаш и со уважување го прифаќаш влијанието на Божјиот Дух. Потоа повторно се јавуваат твоите земни склоности и потиснуваат сè останато. Сигурно е дека и во иднина ќе бидеш мета на сатанските напади и треба да се подготвиш за тоа со одлучно спротивставување на своите склоности. {4С 351.3}
Оригинална страница 352Додека бил затворен во ѕидините на затворот, вдишувајќи го тешкиот и отровен затворски воздух, осуден тука и да умре, осамен и болен, апостол Павле силно сакал да го види Тимотеј, својот син во евангелието, за да му го предаде својот претсмртен завет. Немал никаква надеж дека ќе биде ослободен од оковите сè додека не го положи својот живот. Срцето на безбожниот Нерон било во потполност сатанско и само на еден негов збор или баран знак, на апостолот би можело да му биде отсечена главата. Павле му пишал на Тимотеј да дојде веднаш без никакво одлагање, но сепак стравувал дека тој нема да дојде толку брзо - за да го прими последното сведоштво од неговите усни. Затоа зборовите кои сакал да му ги упати на Тимотеј повеќе пати му ги повторил на еден од своите соработници, кому му било дозволено да биде покрај него во затворот. Овој верен Павлов сопатник го запишал неговиот претсмртен завет, од кој овде цитираме еден мал дел: {4С 352.1}
„А оние кои сакаат да се збогатат упаѓаат во стапици и во многу луди и штетни желби, кои ги водат луѓето во пропаст и погибел. Зашто корен на сите зла е среброљубието на кое некои предавајќи му се застранија од верата и на себе навлекоа големи маки. А ти, о, Божји човеку, бегај од сето ова, а оди по правдата, побожноста, верата, љубовта, трпението и кротоста. Бори се во добра борба на вера за да стекнеш вечен живот на кој си повикан и да дадеш добро признание пред многу сведоци”. „На богатите во овој свет заповедај им да не се гордеат, ниту да се надеваат во пропадливото богатство, туку во живиот Бог, Кој во изобилство ни ги дава сите животни потреби; нека прават добро, нека се богатат во добри дела, нека бидат дарежливи, друштвени, подготвувајќи си така добар темел за иднината, за да добијат вечен живот”. „И што слушна од мене пред многу сведоци, тоа предај им го на верните луѓе кои ќе научат и други. Ти поднесувај тешкотии и неволи како добар војник на Исуса Христа. Зашто ниту еден војник не се заплеткува во трговијата на овој свет за да му угоди на војводата. Ако војува, не добива венец ако не војува според правилата”. Некој можеби ќе се обиде да го оправда своето лакомство со изговор дека работи за Божјото дело; но таквиот нема да ја прими очекуваната награда, бидејќи на Бога не Му требаат пари стекнати со шпекулативно мудрување или со кој било облик на нечесност. {4С 352.2}
Оригинална страница 353Во понатамошниот текст од ова послание, наменето за Тимотеј, Павле нагласува: „Погрижи се брзо да дојдеш кај мене, зашто Димас ме остави, бидејќи му омиле сегашниот свет и замина во Солун”. Овие зборови кои Павле ги издиктирал пред својата смрт, ги запишал Лука за наше добро. {4С 353.1}
Поучувајќи ги Своите ученици Христос вели: „Јас сум вистинската лоза, а Мојот Татко е лозарот. Секоја прачка во Мене, што не дава род, Тој ја отсекува; и секоја што дава род, ја очистува, за да принесе повеќе род”. Секој кој е обединет со Христа, хранејќи се со животворниот сок кој доаѓа од лозата, ќе работи како што работел и Христос. Ако Христовата љубов не е во него, значи дека тој не е на лозата. Да се љуби Бог над сè друго, а ближниот како самиот себеси - тоа е основа на вистинската вера. {4С 353.2}
На секој кој тврди дека верува во Неговото име, Христос го поставува прашањето: „Ме љубиш ли?” Ако Го љубиш Исуса, ќе ги љубиш и душите за кои Тој умрел. Можеби некој нема најпривлечна надворешност, можеби има недостатоци во многу нешта; но ако ужива углед како искрен и во сè чесен, набргу ќе ја стекне довербата на другите. Љубовта кон вистината и довербата со која другите можат да се потпрат на него ќе ги неутрализираат негативните црти на неговиот карактер. Сигурноста на работното место и во својот повик, и подготвеноста на самооткажување во интерес на другите, му донесуваат на човекот душевен мир и Божје одобрување. {4С 353.3}
Оригинална страница 354Оние кои настојуваат внимателно да одат по стапките на својот самопожртвуван Спасител полн со самооткажување, во своите одлуки, размислување и расудување секогаш го одразуваат Христовиот ум. Христовата чистота и љубов блескаво се огледуваат во нивниот секојдневен живот и карактер, додека благоста и вистината постојано ги насочуваат нивните чекори. Секоја родна лоза се чисти за да донесе повеќе род. Дури и родните лози со своите бујни листови се прикажуваат онакви какви што всушност не се. Така и Христовите следбеници можеби и прават нешто за Господа, но тоа не е ниту половина од она што би можеле да го направат. Тогаш Тој ги кастри, бидејќи световноста, попуштањето на себеси и горделивоста никнале во нивниот живот. Лозарот ги отсекува непотребните гранки од лозата, кои се фаќаат за нечистотијата на тлото, за да може родните лози да ги направи уште породни. Сите неплодни гранки мораат да се отстранат за да се остави место на блескавите зраци на Сонцето на Правдата. {4С 354.1}
Божја намера е на паднатиот човек, со Христово посредство, да му пружи уште едно време на милост и проба. Многумина не сфаќаат дека животот им е даден со намера да Му послужат на слава на Бога и на благослов на другите, а не само да уживаат и да се издигнуваат себеси. Припадниците на Својот народ Бог постојано ги чисти, отсекувајќи ги како од виновата лоза непотребните гранки, за да изобилуваат со плод на слава на Неговото име, а не само со своите бујни лисја. Тој нè чисти и дозволува да нè снајдат неволи, разочарувања и тага, за да го спречи силното буење на грубите и изопачени црти на нашиот карактер и да ни пружи можност за развој на подобрите, а послабо развиени наши особини. Идолите мораат да се отфрлат, совеста мора да стане почувствителна, мислите и побудите на срцето мораат да станат подуховни, а карактерот потполно урамнотежен. Оние кои навистина сакаат да послужат на слава на Бога ќе бидат благодарни што верно им се укажува на нивните идоли и гревови, за да можат да го увидат и да го отфрлат тоа зло; додека необратеното срце е секогаш поподготвено да му попушта на гревот отколку одлучно да го отфрли. {4С 354.2}
Привидно сувиот калем, кога ќе се спои со животворната винова лоза станува нејзин составен дел. Влакно по влакно, жила по жила, тој се спојува со виновата лоза сè додека не почне преку неа постојано да прима животен сок и храна од матичната лоза. На калемот прво се појавуваат пупки, потоа цвет и конечно род. Душата, мртва во престапот и гревовите мора да помине преку сличен процес за да се помири со Бога и да стане учесник во Христовиот живот и во Неговата радост. Како што калемот прима живот кога ќе се спои со лозата, така грешникот учествува во божествената природа кога ќе се поврзе со Христа. Ограничениот смртник се обединува со вечниот Бог. Кога сме така обединети со Христа, Неговите зборови остануваат во нас и ние не се раководиме според грчевитите чувства туку според начелото кое трајно живее и трајно останува во нас. Христовите зборови мораме високо да ги цениме, за нив постојано треба да размислуваме и да ги чуваме како најголема драгоценост во своето срце. За тие зборови да најдат место во нашата меморија и да остават траен впечаток на нашето срце и нашиот живот, не е доволно само да ги повторуваме како папагал. {4С 354.3}
Оригинална страница 355Како што лозата мора да биде на чокотот за да може постојано да прима животворен сок, така и оние кои Го љубат Бога и ја извршуваат секоја Негова реч мораат да пребиваат во Неговата љубов. Без Христа не можеме да победиме ниту еден грев ниту можеме да одолееме и на најмалото искушение. На многумина им недостига Христовиот Дух и Неговата сила за да го просветлат духовното разбирање, исто така како што на слепиот Вартимеј му недостигал природниот вид. „Како што лозата не може да донесе род сама од себе ако не остане на чокотот, така ниту вие ако не останете во Мене”, вели Христос. Сите оние кои навистина се во Христа, од лично искуство знаат каква благодат донесува тоа единство. Таткото ги прифаќа во Својот љубен Син и тие стануваат предмет на Неговото најсесрдно внимание и најнежна грижа. Резултатите на таквата поврзаност со Христа се чисто срце, внимателен и промислен живот и беспрекорен карактер. Плодовите кои се раѓаат на христијанското стебло се: „љубов, радост, мир, трпение, добрина, милост, вера, кротост, воздржување”. {4С 355.1}
Брате мој, тебе ти недостига блиска поврзаност со Бога. Покажуваш особини за кои ќе мораш да одговараш и ги злоупотребуваш своите способности. Бог не може да го одобри твојот начин на однесување. За тебе е мерило она што го зборува и работи овој свет, а не она што Христос го покажал со Својот живот. На сè во животот гледаш како и луѓето на овој свет и се раководиш според нивното несвето расудување. Мораш во срцето и во душата да се очистиш од изопачувачкото влијание на овој свет. Повеќе пати застрануваше од патот на строга исправност, ласкајќи си себеси дека со тоа нешто добиваш, додека во суштина губеше. Секоја нечесна работа во постапувањето со другите ја намалува твојата награда на небото, ако воопшто стигнеш таму. Секој ќе прими плата според своите дела. {4С 355.2}
Оригинална страница 356Немаш повеќе време за одложување, туку мораш да вложиш најодлучни напори за да ги победиш изразените слабости на својот карактер кои, ако и понатаму им попушташ, ќе ти ја затворат вратата на славата. Не дозволувај си себеси да го изгубиш спасението. Во твоите зборови и постапки мора да дојде до одлучна промена, за да ја победиш својата склоност кон лакомството и своите мисли да ги посветиш со вистината. Накратко, неопходно ти е потполно преобразување. Тогаш Бог ќе може да ја прифати твојата работа во Неговото дело. Мораш да станеш човек со непоколеблива исправност, така што љубовта кон добивката никогаш нема да те наведе да подлегнеш на тоа искушение. Од сите кои го исповедаат Неговото име, Господ бара да се држат строго до вистината. Тоа ќе претставува сол која не го губи вкусот и светлина во моралната темнина и измама на овој свет. {4С 356.1}
„Вие сте светлина на светот”, вели Христос. Оние кои со рефлектирање на небесната светлина се вистински поврзани со Бога ќе бидат спасоносна сила и во црквата и во светот; зашто мирисот на добрите дела и вистинската искреност ќе ги направи угледни и ценети дури и меѓу оние кои не припаѓаат на нашата вера. Оние кои се бојат од Бога ќе го почитуваат и ценат таквиот карактер; па дури и непријателот на нашата вера, гледајќи дека со своите секојдневни постапки го манифестираме Христовиот дух и живот, ќе го слави Бога Кој е извор на нашата сила и честитост. {4С 356.2}
Брате мој, би требало веќе со години да си обратен со вистината и потполно посветен на Божјото дело. Драгоцените години кои можеше да ги искористиш во стекнување на богато искуство со Бога и практична работа во Неговото дело се загубени. Иако би требало денес да си подготвен други да поучуваш на вистината, ти сам не успеа темелно да ја запознаеш вистината. За да се оквалификуваш за на светот да му ја објавиш веста на опомена, неопходно ти е познавање на вистината стекната врз основа на лично искуство. Твојата служба беше само загуба за Божјото дело, бидејќи во својата душа си поделен и непрепороден; само планираше, шпекулативно мудруваше, купуваше и продаваше, послужувајќи на трпезите. (Види Дела 6:2) {4С 356.3}
Оригинална страница 357Отровната атмосфера на овој свет го замрачила твојот духовен поглед и го изопачила твоето расудување, така што твоите слаби напори не претставуваат жива жртва, прифатлива и угодна на Бога. Ако раскинеше со својата склоност кон шпекулативно мудрување и работеше во спротивен правец, денес ќе беше обогатен со знаење за Бога и ќе беше добитник во духовен поглед, додека вака само губеше духовна сила и во верското искуство остана вистинско џуџе. {4С 357.1}
Да се биде во заедница со Таткото и Неговиот Син Исус Христос значи постојано да се издигнувате духовно и да бидете соучесници во неискажаните радости и во неминливата слава. Храната, облеката, положбата и богатството можат да имаат своја вредност, но најдрагоцена вредност е да се одржува заедница со Бога и да се биде соучесник во Неговата божествена природа. Нашиот живот треба да биде скриен со Христа во Бога, и тогаш иако „уште не се знае што ќе бидеме” - „кога ќе се појави Христос Кој е наш живот”, – „ќе бидеме како и Тој, бидејќи ќе Го видиме каков што е”. Царското достоинство на христијанскиот карактер ќе блеска како сонце, а зраците на светлината од Христовото лице ќе се одразуваат јасно на оние кои ќе се очистат од гревовите и ќе бидат чисти како што е Тој. Предноста да станеме Божји синови е евтино платена, дури и ако поради тоа треба да жртвуваме сè што имаме, па и самиот живот. {4С 357.2}
Драг мој брате, мораш да се соочиш со фактот дека би требало да бидеш човек според Божјото срце. Тоа што другите се осмелуваат во своите зборови и постапки да не се држат строго за христијанските критериуми, не треба да ти служи како изговор. Ти пред Судијата на целиот свет ќе мораш да станеш, не да одговараш за другите, туку за себе. Недостатоците на другите во никој случај не можат да бидат изговор за нашите пропусти, бидејќи пред Бога сите имаме лични одговорности, а Христос со Својот беспрекорен живот ни оставил совршен Пример. {4С 357.3}
Своите најжестоки напади непријателот на душите ги насочува против вистината која ние ја исповедаме, а со секое застранување од исправноста ние ја обесчестуваме. Ние се изложуваме на најголема опасност кога своите мисли ги одвраќаме од Христа. Христовото име има сила да ги потисне нападите на сатанските искушенија и да го подигне знамето наспроти него. Сè додека душата со непоколеблива доверба се потпира на заслугите и силата на Откупителот, таа во начелата ќе биде цврста како карпа и сите сили на сатаната и неговите ангели нема да можат да ја натераат да скршне од вистинскиот пат. Вистината каква што е во Исуса станува огнен ѕид околу душата која во потполност се потпира на Него. Искушенијата и понатаму ќе продолжат да нè облетуваат, бидејќи на тој начин треба да бидеме испитани сè додека трае времето на нашата проверка. Самото искушение не претставува никаков грев; гревот настанува кога им попуштаме на искушенијата. {4С 357.4}
Оригинална страница 358Кога би ги користел своите способности и знаење така вешто во спасување на душите и во објавувањето на вистината на оние кои сè уште се во темнина како што тоа го правеше во стекнување на заработувачка и зголемување на својот земен имот, твојата круна во царството на славата би била украсена со многу ѕвезди. Малку се оние кои во служба на Бога се толку ревни како во служењето на своите земни интереси. Со одлучност во намерата секогаш се остварува саканата цел. Многумина не сфаќаат колку е важно во Божјото дело да бидеме исто толку остроумни, ревни и истрајни како и во своите земни работи. Мислите и срцето на оние кои тврдат дека веруваат во вистината треба да бидат возвишени, благородни и продуховени. Работата на образование и подготовка на умот за оваа голема задача страшно е запоставена. Во Божјото дело се работи невнимателно и многу површно, затоа што луѓето наместо со цврсто начело и свети цели најчесто се раководат според непостојани чувства. {4С 358.1}
Неопходно е и оние кои ја познаваат Божјата волја со учење да се оспособат за да бидат успешни работници во Неговото дело. Тие треба да бидат учтиви и пријатно расположени, без лажен надворешен сјај и вообичаената извештаченост на световните луѓе; манифестирајќи секогаш вистинска љубезност, што го покажува небесниот вкус и што треба да го краси секој христијанин за да може да биде учесник во божествената природа. Недостатокот на вистинско достоинство и христијанска угладеност во редовите на почитувачите на саботата зборува против нас како народ и ја прави непривлечна вистината што ја исповедаме. Воспитувањето на вкусот и начинот на однесување кон другите треба постојано да се усовршува. Ако оние кои ја исповедаат вистината не ги искористат своите сегашни предности и можноста да израснат до полна возраст на мажи и жени во Исуса Христа, тие нема да служат на чест на делото на вистината ниту на Христа. {4С 358.2}
Оригинална страница 359Твојот однос кон Бога и кон ближните бара потполна промена во твојот живот. Во Својата беседа на гората на блаженствата Спасителот на светот вели: „Сè што сакате луѓето да ви прават на вас, правете им го и вие на нив; зашто тоа е законот и пророците”. Ова се зборови од најголемо значење за нас и претставуваат златно правило со кое треба да го одмеруваме нашето однесување. Тоа е вистинско мерило на чесност. Навистина многу е опфатено со овие зборови. Од нас се бара со своите ближни да постапуваме онака како што би сакале тие да постапуваат со нас кога би се наоѓале во нивни околности. {4С 359.2}
← Назад кон лекцијата