← Назад кон лекцијата

2. Сведоштво

Елена Вајт · Оригинални страници 71–77

Оригинална страница 71Драги брате и сестро, вам ви претстои работа која никој не може да ја заврши наместо вас. Разбудете се од летаргичниот сон и Христос ќе ви даде живот. Променете го својот живот во поглед на јадењето, пиењето и работата. Сè додека одите по патот кој го следите со години, нема да можете јасно да забележите што е свето и вечно. Вашите чувства се отапени, а разумот ви е замрачен. Вие не сте растеле во благодатта и во познавањето на вистината како што сте можеле. Вашата духовност не се развивала, па сè подлабоко сте запаѓале во темнина. Премногу сте брзале да стекнете имот и сте се наоѓале во опасност, грижејќи се само за сопствената корист, немајќи обѕир кон другите онака како што би сакале и тие да имаат кон вас. Во себе сте охрабриле себичност која морате да ја совладате. Испитајте го внимателно своето срце, угледајте се на совршениот Пример, и сè ќе биде добро. Сочувајте чиста совест пред Бога. Во сè што чините, славете го Неговото име. Ослободете се од себичноста и од себичната љубов. {2С 71.1}

„Не сообразувајте се со овој век, туку преобразете се со возобновување на вашиот ум за да можете да испитувате и осознавате која е Божјата волја: што е добро, благоугодно и совршено”. Обичаите и навиките на светот не смеат да бидат ваше мерило. Колку и да бидат тешки вашите прилики, никогаш не дозволувајте си себеси да мамите. Сатаната се наоѓа во близина за да ве наведе на искушение и нема да ве остави на мир во тој поглед. Можно е еден трговец да биде христијанин и да ја сочува својата чесност пред Бога. Но за да се постигне тоа, потребно е постојано да се внимава и сесрдно да се молиме на Бога да нè сочува од злите тенденции на овој изопачен век, за да не се трудиме да си користиме на себе на штета на другите. Вие се наоѓате во таква положба во која тешко ќе можете да напредувате во божествениот живот. Имате начела, но не се потпирате целосно на Бога. Премногу се потпирате на сопствените слаби сили. Вам во голема мера ви е потребна божествена помош, сила која не можете да ја најдете во себе. Постои Некој кому можете да му се обратите за совет, кој поседува безгранична мудрост. Тој ве повикал да дојдете кај Него и Тој ќе ги задоволи сите ваши потреби. Ако во вера целосно се потпрете на Оној кој се грижи и за врапчето, тоа нема да биде залудно. Ако се потпрете на Неговите сигурни ветувања и ја сочувате вашата чесност, ќе бидете опкружени со Божјите ангели. Правете добри дела во вера пред Бога; тогаш со вашите чекори ќе управува Господ, а Неговата моќна рака нема да ве напушти. {2С 71.2}

Оригинална страница 72Кога би ви било препуштено сами да го одредувате својот животен пат, вие тоа прашање погрешно би го решиле и набрзо би доживеале бродолом во верата. Префрлете ги своите грижи и товари на Оној Кој ги носи товарите. Но, не дозволувајте ниту една дамка да го извалка вашиот христијански карактер. Никогаш не смеете да дозволите вашиот запис на небото кого го набљудуваат сите ангели и вашиот самопожртвуван Откупител, заради некоја лична корист да биде извалкан со саможивост, скржавост, себичност или неисправни постапки. Таквиот став може да ви донесе корист од точка на гледиште на овој свет, но гледано во светлината на небото, тој претставува огромна неповратна загуба. „Господ не гледа како што гледа човекот”. Оној што постојано се потпира на Бога, безбеден е и не мора постојано да се плаши од идно зло. Тие позајмени грижи и стравувања ќе исчезнат. Ние го имаме Небесниот татко Кој се грижи за Своите деца и чија благодат е доволна за секое време на потреба. Но ако сами управуваме со работите што се однесуваат на нас, и ако настојуваме да постигнеме успех потпирајќи се на сопствената мудрост, тогаш со страв можеме да очекуваме опасност и штета, зашто тие сигурно и ќе нè снајдат. {2С 72.1}

Од нас се бара целосна посветеност на Бога. Додека Откупителот на грешните смртници работел и страдал заради нас, Тој се откажал од Себеси така што сиот Негов живот бил непрекината низа маки и самооткажувања. Ако сакал, можел Своите денови на земјата да ги проживее во удобност и изобилство, да ужива во сите задоволства и удобности на овој живот. Но Тој тоа не го направил, не обрнувал внимание на својата удобност, ниту живеел за да си угодува на Себе, туку да прави добро и да ги спаси другите од страдања, да им помогне на оние на кои помошта им била најпотребна. Тој истрајал до крајот. Казната за нашиот мир падна врз Него и преку Неговите рани ние се излекувавме. Тој го поднел бремето на гревот од сите нас. Горка била чашата наменета за нас. Нашите гревови ја приготвиле. Но нашиот љубен Спасител ја земал чашата од нашите усни и самиот ја испил, а наместо неа ни подарил чаша на милост, благослов и спасение. О, колку голема била таа жртва за паднатиот човечки род! Каква љубов, каква чудесна и неспоредлива љубов. Зар ние, после сите тие страдања кои ја откриваат Неговата љубов, смееме да отстапиме пред ситните неволји на кои сме изложени? Можеме ли да Го љубиме Христа, а да одбиваме да го носиме крстот? Можеме ли да копнееме да бидеме со Него во славата, а да не Го следиме од судницата до Голгота? Ако Христос е наша надеж на славата, мораме да одиме како што и Тој одел. Мораме да се угледаме на Неговиот живот полн со пожртвувања за другите, мораме да ја испиеме чашата и да бидеме крстени со Неговото крштавање. Мораме радосно да го прифатиме животот на посветеност, неволји и самооткажувања заради Христа. Какви жртви и да поднесеме, небото секогаш ќе биде евтино. {2С 72.2}

Оригинална страница 73Видов дека братот Ј и сестрата К ги забележуваат грешките на другите, но не се трудат да ги исправат и да им помогнат на оние на кои треба да им помогнат. Тие ги препуштаат сами на себе и ги држат на растојание сметајќи дека нема да биде ни од каква полза што и да се обидат да направат за нив. Тоа е погрешно и тие грешат што така постапуваат. Христос рекол: „Јас не дојдов да ги повикам праведните туку грешниците на покајание”. Бог сака да им помогнеме на оние на кои помошта им е најпотребна. Иако забележувате грешки и недостатоци кај другите, вие сте затворени во себе и премногу себично уживате во вистината. Бог не ги одобрува оние кои така прават и не поднесуваат никаква жртва за да помогнат и да ги оснажат оние на кои тоа им е потребно. Сите ние немаме исти особини, а мнозина не се ниту одгледани како што треба. Нивното воспитание е непотполно. Некои наследиле избувлива природа и во детството не се воспитани да се совладуваат. Таков жесток карактер честопати го придружуваат зависта и љубомората. Други имаат поинакви недостатоци. Некои се неисправни во деловното работење, нечесни во трговијата. Извесни личности покажуваат самоволие во своето семејство и сакаат да заповедаат. Нивниот живот е далеку од исправност. Тие имале сосема погрешно воспитување. Тие не биле поучени дека е грев да се попушта на лошите особини, затоа гревот не им изгледал толку грешен. Други биле подобро одгледани и воспитани и развиле карактер кој нема толку недостатоци. Воспитанието во голема мера влијае, во добар или лош правец, на животот на секој христијанин. {2С 73.1}

Оригинална страница 74Нашиот Застапник, Исус, е запознаен со сите околности во кои живееме и постапува со нас во склад со светлината која сме ја примиле и условите во кои живееме. Некои имаат многу подобра природа од останатите. Додека едните постојано се растргнати од грижи и незгоди заради несреќните особини на својот карактер, и мораат да се борат со внатрешните непријатели и расипаноста на својата природа, други пак не мораат да се борат ниту со половина од ова. Живеат скоро без тешкотии против кои се борат нивните браќа и сестри коишто немаат толку среќна природа. Во многу случаи тие не мораат ниту наполу од тоа да се залагаат за да живеат живот на христијанин како оние другите кои горе ги напоменав. Тие несреќници секогаш се наоѓаат во полоша положба, додека оние првите изгледаат многу подобри, бидејќи тоа им го овозможува нивната природа. Тие не мораат да вложуваат ниту половина такви напори за да бидат будни и да го држат своето тело во потчинетост, а сепак го споредуваат својот живот со животот на другите кои имаат несреќна природа и кои добиле лошо воспитување, ласкајќи си себеси со таа споредба. Зборуваат за недостатоците и грешките на несреќните, не увидувајќи дека и самите имаат одредени должности во тој поглед, дека не треба да зборуваат околу тоа, ниту да стојат настрана од оние кои згрешиле. {2С 74.1}

Оригинална страница 75Истакнатата положба која како семејство ја заземате во црквата ви наметнува неопходна должност да бидете носачи на бремиња. Тоа не значи дека треба да преземате товар од оние кои се во состојба самите да го понесат, па дури и на други да помогнат. Меѓутоа, треба да помогнете на оние на кои помошта им е најпотребна - кои се наоѓаат во неповолна положба, грешат и живеат во заблуда, кои можеби ве навредиле и го злоупотребиле вашето трпение до крајни можни граници. Токму кон таквите Исус покажува сожалување, бидејќи сатаната над нив има многу поголема власт, постојано се користи со нивните слабости и ги погодува со своите стрели таму каде што се најмалку заштитени. Исус ја покажува Својата моќ и милост токму во таквите жални случаи. Кога бил прашан кој имал најголема љубов, Симон одговорил: „Оној кому најмногу му е простено”. Така и ќе биде. Исус не се отстранува од слабите, несреќните, беспомошните, туку помагал на сите оние на кои им била потребна помош. Тој не ги посетувал и не работел само за поразумните и оние кои имале помалку недостатоци на сметка на занемарување на несреќните. Не се прашувал дали е пријатно да се биде пријател на најсиромашните и најбедните. Тој го барал нивното друштво - загубените овци од домот Израелов. {2С 75.1}

Ова е работата која вие сте ја занемариле. Сте се повлекле од непријатните обврски и не сте оделе да ги посетувате заблудените, ниту да им покажете разбирање, љубов и не сте се спријателиле со нив. Вие не простувавте како Христос. Сте заземале таков став и секој мора да дојде до одредена точка пред да ги прикриете со наметката на својата сочувствителност. Од вас и не се бара да го прикривате гревот, туку да чувствувате кон заблудените сожалување и онаа љубов која Христос ја имал кон вас. {2С 75.2}

Оригинална страница 76Вие се наоѓате во најповолни околности за развој на добар христијански карактер. Вие не сте во состојба да мора да трпите сиромаштво и да се мачите и очајувате поради непослушни и непокорни деца. Во вашето семејство нема несклад. Вие имате сè што може срцето да посака. Но и покрај сите тие поволни околности имате недостатоци и грешки и морате многу нешта да совладате за да се ослободите од духовната гордост, себичност, избрзаност, љубомора и зли претпоставки. {2С 76.1}

Братот К не треба да се покае од грев на зборување зло, како што мнозина тоа треба да го направат, но тој не сака да им помогне на оние на кои помошта им е најмногу потребна. Тој е себичен. Го сака својот дом, сака одмор и мир, слобода од грижи, неволји и потешкотии; така тој премногу си угодува себеси. Не го носи товарот кој небото му го одредило. Избегнува непријатни одговорности и ги затвора очите пред нив, за да може да живее во мир. Тој е дарежлив и широкоград, но кога е потребно да жртвува нешто од себе за да направи добро, кога од него се бара вистинска жртва, тој тука нема искуство и затоа мора да го стекне. {2С 76.2}

Тој се плаши дека ќе биде бламиран ако се осмели да им помогне на оние кои грешат. „Ние силните, должни сме да ги носиме слабостите на послабите и да не си угодуваме на себеси. Секој од нас должен е на својот ближен да му угодува со она што е добро за неговата надградба. Зашто и Христос не си угоди на Самиот Себе туку како што е напишано: ‘Подбивите на оние што Тебе ти се подбиваа, паднаа врз Мене.’” Сите кои имаат дел во ова големо спасение треба нешто да направат за да им помогнат на оние што се држат за Сион. Тие не смеат да им ја извлечат потпората од под нивните нозе и да ги отфрлат, без да се вложи напор да им се помогне да победат и да се приготват за судот. Не, никако! Ние мораме да им помогнеме и да ги охрабриме овците кои талкаат околу стадото со сите средства што ни стојат на располагање. Во твоето семејство владеат премногу крути правила и поими кои не можат да се применат за секој случај. Ти немаш љубов, наклонетост и нежност кон оние што не можат да одат толку брзо како што би требало. Овој дух до таа мера преовладал со тебе што ти повеќе не цветаш, туку духовно венееш. Се грижиш и мислиш само за своето семејство и роднините, и никогаш не ти паднала на памет мислата да излезеш од овој тесен круг и да бидеш активен и надвор од него. Ти го обожаваш своето семејство и се затвораш во него. Се грижиш само за да се спасиш себеси и своите. Мораш да се ослободиш од тој себичен дух ако сакаш да растеш во Господа и да напредуваш во духовен поглед, пред црквата да може да напредува и кон неа да бидат придодадени душите на оние кои треба да се спасат. {2С 76.3}

Оригинална страница 77Кога е во прашање работата за други, сите сте тесногради; морате да го измените својот начин на работа. Во Божјите очи вашите роднини не се ништо повеќе драгоцени од која било друга душа на која ѝ е потребно спасение. Мораме да се ослободиме од својата себичност и да покажеме таква пожртвуваност и несебична добрина каква што Исус ја манифестирал додека бил на земјата. Сите треба да се заземаат за своите роднини, но не смеат да се ограничат само на нив како да се тоа единствени луѓе кои Христос дошол да ги спаси. {2С 77.1}

← Назад кон лекцијата