2. Сведоштво
Оригинална страница 595Бидејќи патеката уште повеќе се стеснуваше, одлучивме веќе да не јаваме; ги оставивме коњите и тргнавме пеш, еден по друг. Во тој момент од врвот на чистиот, бел ѕид беа спуштени тенки јажиња. Ние бргу се фаќавме за тие јажиња за со нивна помош да одржуваме рамнотежа на патеката. Како што се движевме, така и јажињата се движеа со нас. Патеката конечно стана толку тесна што заклучивме дека е посигурно да се оди без чевли; така ги собувме чевлите и извесен период одевме без нив. Набргу видовме дека посигурно ќе патуваме без чорапи; ги соблековме и чорапите и го продолживме патот боси. {2T 595.1}
Тогаш се сетивме на оние кои не се навикнале на лишување и тегоби. Каде се наоѓаат таквите во овој момент? Тие не беа во нашето друштво. При секоја промена некои заостануваа, а патот го продолжуваа само оние кои беа навикнати на тегоби. Тешкотиите на патот кај таквите само ја зголемуваа желбата што побргу да стигнат до крајот. {2T 595.2}
Опасноста да паднеме во бездната постојано се зголемуваше. Ние уште повеќе се припивавме до белиот ѕид, бидејќи патеката толку се стесни што не можевме да стоиме на неа ниту со половина стапало. Тогаш речиси со сета своја тежина се потпревме на јажињата, велејќи: „Имаме поддршка одозгора! Имаме поддршка одозгора!” Сите кои се наоѓаа на тесната патека ги повторуваа овие зборови. Затреперивме кога од бездната слушнавме гласови на веселба и оргии. Слушнавме вулгарни шеги, клетви и ниски, порочни песни. Слушнавме војнички песни и забавни мелодии. Слушнавме музика и гласна смеа, помешана со пцости, извици на страв и горчливо лелекање и повеќе од кога и да е, грижливо се држевме за тесната, напорна патека. Често бевме принудени со сета тежина да се потпреме на јажињата, кои се затегнуваа кога одевме понатаму. {2T 595.3}
Оригинална страница 596Забележав дека белиот ѕид беше испрскан со крв. Таа глетка во мене предизвика чувство на жалење. Меѓутоа, тоа чувство траеше само еден момент, бидејќи набргу сфатив дека сè е онака како што треба да биде. Оние кои ќе нè следат, ќе знаат дека други тргнале по тесната патека пред нив и ќе увидат дека кога други можеле тука да продолжат, тоа можат и самите да го направат. И кога крвта ќе тече од нивните ранети нозе, тие нема да паднат од обесхрабрување туку, гледајќи ја крвта на ѕидот, ќе знаат дека и други претрпеле исти маки. {2T 596.1}
Конечно дојдовме до една голема провалија со која завршуваше нашата патека. Немаше повеќе ништо на што би можела да застане ногата и да се потпре. Наша единствена потпора отсега мора да биде јажето, чија дебелина толку се зголеми што стана како наше тело. Овде застанавме во очај и се прашавме со шепот полн со страв: „За што е прицврстено јажето?” Мојот сопруг се наоѓаше пред мене. Од неговото чело капеа крупни капки пот, вените на неговиот врат и на слепоочниците двојно се зголемија, а од неговите усни допираа придушени воздишки, полни со ужас. Од моето лице капеше пот и јас чувствував страв каков што никогаш порано не чувствував. Ни претстоеше страшна борба. Кога овде би попуштиле, сите тешкотии на нашето патување би биле напразни. {2T 596.2}
Пред нас, од друга страна на бездната, се наоѓаше прекрасна полјана со зелена трева. Не го видов сонцето, но блескави, благи зраци на светлина, кои наликуваа на злато и сребро, ја позлатуваа полјаната. Ништо што видов на земјата не можеше да се спореди со убавината и сјајот на таа полјана. Но ќе успееме ли да стигнеме до неа? - се прашувавме. Повторно ги слушнавме зборовите: „Што го држи јажето?” Еден момент се колебавме дали да се обидеме. Потоа извикавме: „Наша единствена надеж е да се потпреме на јажето. Тоа беше наша потпора за време на тешкото патување. Тоа нема да нè изневери ниту сега”. Сè уште се колебавме и очајувавме. Тогаш беа изговорени зборовите: „Бог го држи јажето. Не треба да се плашиме”. Тие зборови ги повторија оние зад нас и додадоа: „Тој нè водеше толку сигурно. Тој нема да нè напушти и сега”. {2T 596.3}
Оригинална страница 597Тогаш мојот сопруг прескокна преку ужасната бездна на прекрасната полјана од другата страна. Јас прескокнав веднаш по него. О, какво чувство на олеснување и благодарност кон Бога почувствувавме во тој момент! Слушнав гласови кои победоносно се издигаа во слава на Бога. Бев среќна, совршено среќна. {2T 597.1}
Се пробудив чувствувајќи дека секој нерв од моето тело трепери од стравот кој го преживеав преминувајќи ја тешката патека. Овој сон не е потребно да се објаснува. Тој остави толкав впечаток на мојот дух, што секој детаљ кој го видов во него, ќе се појавува пред моите очи сè додека ме служи помнењето. {2T 597.2}
Ништо толку штетно не влијае на црковниот собор или на кој било друг состанок посветен на верата и молитвата, како површниот разговор и раскажување. Мажите и жените често се собираат во групи и водат разговори за обични работи кои немаат врска со состанокот. Некои постојано го истакнуваат својот имот, други своите куќи или прават планови за ѕидање. Некои го испитуваат карактерот на другите и немаат време ниту склоности да го испитуваат сопственото срце, за да ги откријат недостатоците во сопствениот карактер, да ги исправат своите грешки и да ја творат Божјата волја. Кога сите кои тврдат дека се Христови следбеници би го употребиле времето пред проповедта за разговори за вистината, размислување за христијанската надеж, испитување на сопственото срце и упатување на сесрдни молитви на Бога, преколнувајќи Го за благослов, би се извршило многу поголемо дело отколку досега. Неверниците кои лажно ги обвинуваат оние кои веруваат во вистината би биле придобиени благодарение на нивните добри разговори во Христа. Нашите зборови и постапки се плод кој го донесуваме: „По родовите ќе ги познаете”. {2T 597.3}
← Назад кон лекцијата