← Назад кон лекцијата

Делата на апостолите

Елена Вајт · Оригинални страници 461–468

Оригинална страница 461Проповедањето на евангелието секогаш имало најголем успех меѓу пониските општествени слоеви. „Нема многумина мудри по тело, нема многумина силни, ниту многумина од благороден род“ (1. Коринтјаните 1:26). Не можело да се очекува Павле - сиромашен заточеник, без пријатели и роднини - да го привлече вниманието на богатите и повластените класи меѓу римските граѓани. Порокот за нив имал блескотна привлечност и тие биле негови доброволни робови. Но меѓу изморените, осиромашени и угнетени жртви, па дури и меѓу бедните робови, имало многу такви кои со радост ги слушале Павловите зборови и во Христовата вера наоѓале утеха, надеж и мир кои ги бодреле за време на тешката судбина на нивниот живот. {ДА 461.1}

Меѓутоа, иако апостолот својата работа ја почнал со едноставни и понизни луѓе, неговото влијание се ширело сè додека не го досегнало дури и дворот на императорот. {ДА 461.2}

Рим во тоа време бил престолнина на светот. Гордите цезари им пропишувале закони речиси на сите народи на светот. Царот и неговите дворјани или воопшто не знаеле за понизниот Назареќанец, или го набљудувале со омраза и презир. А сепак евангелието за неполни две години од скромниот дом на заточеникот си расчистило себеси пат дури и до богатите царски одаи. За сето тоа време Павле бил окован како злосторник, но „Божјата реч не е окована“ (2. Тимотеј 2:9). {ДА 461.3}

Оригинална страница 462Поранешните години апостолот со убедлива сила јавно ја проповедал Христовата вера и со знаци и чудеса давал неспорни докази за нејзиниот божествен белег. Со благородна решителност стоел пред грчките мудреци и со своето знаење и речитост умеел да ги замолкне аргументите на гордите филозофи. Со нескротлива храброст стоел пред царевите и намесниците зборувајќи за праведноста, за умереноста и за идниот суд сè додека гордите властодршци не затрепериле како веќе да ги виделе стравотиите на Божјиот ден. {ДА 462.1}

Сега, ограничен со просториите на својот стан, тој немал такви можности. Во тие околности евангелието можел да им го проповеда единствено на оние што ќе дојдат да го побараат и да го слушаат. Нему не му била дадена божествена заповед, како некогаш на Мојсеја и Арона, да истапи пред разузданиот цар и во име на големиот ЈАС СУМ да ја укори неговата свирепост и неговиот гнет. Но токму во мигот кога се чинело дека на главниот поборник на евангелието наполно му е оневозможена секоја дејност во јавноста, евангелието извојувало една голема победа, зашто припадниците и на царскиот двор станувале верници на црквата. {ДА 462.2}

Никаде не би можела да постои атмосфера понеповолна за христијанството од онаа на римскиот двор. Нерон во својата душа ги избришал и последните траги на сè што било божествено, па дури и човечко, и на себе носел сатански жиг. Членовите на неговата партија и дворјаните главно имале ист карактер како него - биле избувливи, разуздани, порочни и расипани. Судејќи по сè, било наполно неможно христијанството да се здобие со упориште на Нероновиот двор, а уште помалку кај членовите на неговото семејство. {ДА 462.3}

Оригинална страница 463Но во тој случај, како и во многу други, се покажала вистинитоста на тврдењето на Павле дека оружјето на неговото војување „не е телесно, туку е со божествена моќ за разурнување на упориштата“ (2. Коринтјаните 10:4). Дури и меѓу членовите на Нероновото домаќинство имало такви кои претставувале трофеи на победата на крстот. Меѓу лошите дворјани, на уште полошиот цар, имало луѓе кои се преобраќале и станувале Божји деца. Тие го прифатиле христијанството и тоа не тајно, туку јавно. Не се срамеле поради својата вера. {ДА 463.1}

А со какви средства христијанството навлегло и се здобило со цврсто упориште таму каде што пристапот бил наполно неможен? Во своето послание до Филипјаните Павле на своето заточение му ги припишал заслугите за овој успех во придобивањето на дворјаните за верата. Стравувајќи да не се помисли дека неговите неволји го пречеле напредокот на евангелието, Павле им пишал на Филипјаните: „Сакам да знаете, браќа, дека ова што се случува со мене помогна за поголем напредок на евангелието“ (Филипјаните 1:12). {ДА 463.2}

Кога припадниците на христијанските цркви дознале дека Павле ќе го посети Рим, очекувале голем триумф во тој град. Павле вистината ја однел во многу земји и проповедал во големите градови. Зар тој истакнат поборник на верата не ќе успее да ги придобие душите за Христа дури и во таа метропола на светот? Меѓутоа, нивните надежи биле закопани со веста дека Павле во Рим е одведен како заточеник. Тие, полни со доверба, навистина се надевале дека евангелието, кога еднаш ќе се зацврсти во тој голем центар, бргу ќе ги преплави сите народи и ќе стане доминантна сила на земјата. Меѓутоа, колку тешко и болно било нивното разочарување! Човечките очекувања се осуетени, но Божјата цел сепак се остварила. {ДА 463.3}

Оригинална страница 464Она што го насочило вниманието на царскиот двор кон христијанството, не биле проповедите на Павле, туку токму неговите окови. Тој токму како заточеник од многу души ги искинал оковите кои ги држеле во ропство на гревот. Но тоа не било сè. „Повеќето од браќата во Господа“, пишува тој, „охрабрени од моите окови, се осмелуваат сè повеќе без страв да ја проповедаат Божјата реч“ (Филипјаните 1:14). {ДА 464.1}

Трпението на Павле и неговата ведрина во текот на неговото долготрајно и неправедно заточение, неговата храброст и вера, претставувале постојана проповед. Неговиот дух, толку различен од духот на овој свет, сведочел дека во него живее сила далеку повозвишена од земните сили. И неговиот пример ги поттикнувал христијаните на јавното поле, од кое тој физички бил потиснат, сè повеќе да ревнуваат како поборници на Божјото дело. Така неговите окови имале големо влијание. И кога се чинело дека неговите сили и неговата корисност наполно се осуетени и кога сè кажувало дека не може да стори баш ништо, токму тогаш собирал снопови за Христа во полето од кое навидум бил наполно исклучен. {ДА 464.2}

Пред да се заврши неговото двегодишно заточение, Павле можел да напише: „Така што им стана јасно на целата царска стража и на сите други, дека сум во окови заради Христа.“ А меѓу оние кои во посланието ги поздравувале Филипјаните, Павле ги спомнува „особено оние од домот на цезарот“ (Филипјаните 1:13; 4:22). {ДА 464.3}

Оригинална страница 465Трпението придонело за неговите победи исто толку колку и храброста. Во неволјите душите можат да се придобијат за Христа со кротост исто толку колку и со смелоста и храброста во отворена борба. Христијанинот, кој е полн со трпение и со ведрина за време на неволјите и страдањата, кој дури и смртта ја пречекува во мир и спокојство на непоколеблива вера, може за евангелието да стори многу повеќе отколку верно да работел во текот на целиот свој живот. Често се случува токму тогаш, кога Божјиот слуга ќе се повлече од активна служба, таинственото провидение, на кое ние во нашата кратковидост се плачеме, може да изврши дело кое на друг начин никогаш не би се извршило. {ДА 465.1}

Кога не е веќе во можност отворено и активно да работи за Бога и за Неговата вистина, Христовиот следбеник не смее да смета дека нема веќе никаква должност што би можел да ја извршува, ниту пак награда што би можел да си ја обезбеди. Вистинските Христови сведоци никогаш не се оставени на страна. Додека се здрави или болни, живи или умрени, Бог секогаш ги употребува. Кога Христовите слуги биле прогонувани под дејство на лукавствата на сатаната и кога нивната работа била попречувана, кога ги фрлале во затвори, кога ги влечеле на губилишта или ги врзувале на справи за мачење - сето тоа се случувало со цел вистината да извојува уште поголема победа. Сите тие верници го запечатиле своето сведоштво со сопствена крв; душите, кои дотогаш се сомневале и живееле во неизвесност, се зацврстиле во Христовата вера и храбро застанале на негова страна. Од пепелта на мачениците никнала обилна жетва на новообратени души. {ДА 465.2}

Ревноста и преданоста на Павле и на неговите соработници, како и верата и послушноста на обратениците кои го примиле христијанството под такви тешки околности, претставуваат тежок укор за мрзливоста и недостигот на вера кај проповедниците. Кога апостолот и неговите соработници би сакале да бараат изговор, би можеле да кажат дека воопшто не е мудро, а и напразно е, да ги повикуваат на покајание и вера во Христа припадниците на Нероновата послуга, кои биле изложени, како и самите тие, на жестоки искушенија, опкружени со огромни пречки и со огорчени противници. Дури и кога би се осведочиле во вистината, како би можеле да живеат според неа? Но Павле не резонирал така; со вера им го изнесувал евангелието на тие души, а меѓу нив, кои слушале, имало поединци кои решиле да послушаат без оглед на цената. Покрај сите пречки и опасности, тие ја прифатиле светлината и се потпреле врз Бога, верувајќи дека Бог ќе им помогне светлината што ја примиле да им ја пренесат и на другите. {ДА 465.3}

Оригинална страница 466Факт е дека тие луѓе во домот на цезарот, не само што биле придобиени за вистината, туку истите, и по своето преобраќање, останале во тој дом. Тие не сметале дека можат слободно да ја напуштат својата должност само затоа што околината веќе не им одговарала. Вистината ги затекла тука и тие останале тука, сведочејќи со својот изменет живот и карактер за силата на новата вера која преобразува. {ДА 466.1}

Секој кој се наоѓа во искушение да се оправдува со постојните околности што не сведочи за Христа, нека ја земе во обѕир тешката ситуација на тие обратеници кои се наоѓале во домот на цезарот - страшната изопаченост и расипаност на императорот и сета разузданост на неговиот двор. Тешко можат и да се замислат понеповолни околности за верскиот живот, околности што повлекуваат по себе поголеми жртви и противења од оние во кои се наоѓале тие верници. Но тие, среде сите нивни тешкотии и опасности, ја сочувале својата преданост. Христијанинот можеби ќе се обиде својата непокорност кон вистината - кон вистината во Христа - да ја оправда со навидум непреодните пречки, но не може да даде никакво оправдување што би можело да се одржи. Кога би можел да го стори тоа, тогаш би докажал дека Бог е неправеден, зашто на своите деца им поставува услови за спасение што не можат да се исполнат. {ДА 466.2}

Оригинална страница 467Оној кој со сето срце настојува да му служи на Бога, наоѓа можности да сведочи за него. Тешкотиите се немоќни да го спречат оној кој решил пред сè друго да го бара Божјото царство и Неговата правда. Во силата што ја стекнува верникот со молитва и со проучување на Божјата реч, тој се стреми кон доблестите и се откажува од пороците. Насочувајќи ги очите кон Исуса, кој ја почнува и ја усовршува верата, кој поднел толку големо противење од страна на грешниците - верникот радо се изложува на презир и потсмев. А помош и милост, доволна во сите околности, му ветува Оној чијшто збор е вечна вистина. Неговите, секогаш сигурни раце, цврсто ја држат во своите прегратки душата која му се обраќа за помош. Свесни за Неговата грижа за нас, можеме да бидеме сигурни и спокојно да кажеме: „Во денот кога страв ме обзеде, јас тебе ти се доверувам“ (Псалм 56:3). На сите што се надеваат во него, Бог им ги исполнува своите ветувања. {ДА 467.1}

Спасителот со личен пример покажал дека неговите следбеници можат да бидат во светот, а сепак да не бидат од светот. Тој не дошол да земе учество во мамливите световни задоволства, не сакал да ги следи неговите обичаи и неговата пракса, туку да ја исполнува волјата на Отецот, да го бара и да го спаси она што е загубено. Имајќи ја пред себе таа цел, христијанинот може да остане чист, неизвалкан во својата околина. Какви и да биле неговите животни околности, без оглед дали неговата општествена положба е висока или скромна - христијанинот ја покажува силата на вистинската вера со верно исполнување на својата должност. {ДА 467.2}

Оригинална страница 468Христијанскиот карактер се развива не со ослободување од искушенијата и неволјите, туку среде нив. Изложеноста на отфрлање и противење на Христовиот следбеник му помага само да биде уште попретпазлив и да упатува уште посесрдни молитви кон силниот Помошник. Тешките неволји, поднесени благодарение на Божјата милост, развиваат трпение, будност, постојаност и длабока и непоколеблива доверба во Бога. Триумфот на христијанската вера на Христовиот следбеник му овозможува да трпи и едновремено да биде силен, да се потчинува и со тоа да победува, да биде убиван цел ден, а сепак да живее, да носи крст и со тоа да добие круна со непоминлива слава. {ДА 468.1}

← Назад кон лекцијата