Опис на новата земја
Адвентен дом
Награда и на земјата и на небото
Прикажување на идната слава. – Со Исус на чело, ние сите се симнавме од градот на оваа Земја, застанавме на една голема планина, која не можеше да го носи Исус и затоа се раздвои и така настана голема рамнина. Потоа погледнавме нагоре и видовме голем град, со дванаесет темели и дванаесет капии, по три на секоја страна, а на секоја капија по еден ангел. Сите извикнавме: „Град, голем град слегува од Бога од небото!“ И градот се спушти на местото на кое стоевме. Тогаш почнавме да го набљудуваме она што е надвор од градот. Видов прекрасни куќи кои како да беа направени од сребро; тие стоеја на четири столба, кои беа украсени со прекрасни бисери. Тоа требаше да бидат домови на светите. Во секој дом се наоѓаше златна полица. Видов многу свети како влегуваат во куќите, симнувајќи ги своите сјајни круни и ставајќи ги на полица; потоа излегуваа во полето покрај куќата за нешто да работат на земјата не онака како што ние работиме овде на Земјата не, не. Околу нивните глави светеше славна светлина и тие постојано Го славеа Бога. {АД 546.1}
Потоа погледнав едно друго поле полно со разновидно цвеќе. Берејќи го тоа цвеќе, извикнав: „Тоа нема никогаш да овене!“ Потоа видов ливада со висока трева, која имаше прекрасен изглед, тревата беше зелена и изгледаше како од сребро и злато, додека гордо се нишаше во славата на Царот Исус. Потоа влеговме во едно поле, кое беше полно со разни животни лав, јагне, леопард и волк, сите во совршена заедница. Поминавме покрај нив, а тие мирно нѐ следеа. {АД 546.2}
Потоа влеговме во една шума, која не беше темна како шумата на оваа Земја, не, не; беше целата во прекрасна светлина; гранките на дрвјата се нишаа натаму наваму, а ние сите извикавме: „Ќе престојуваме безбедно во пустина и ќе спиеме во шума”. {АД 547.1}
Учење кое продолжува. – Дали мислите дека таму ништо нема да учиме? Не можеме ниту да го насетиме она што ќе ни се открие. Со Христа ќе шетаме покрај жива вода. Тој ќе ни ја открие убавината и славата на природата. Тој ќе ни го открие што претставува Тој за нас и ние за Него. Тогаш ние ќе ја дознаеме вистината, која денес поради својата ограниченост не можеме да ја сфатиме. {АД 547.2}
Христијанското семејство треба да биде воспитна установа од кое децата по испитот можат да преминат во повисокото училиште во Божјите станови. {АД 547.3}
Помеѓу училиштата воспоставени во почетокот во Едем и училиштата во вечноста се протега историјата на овој светисторија на човечките престапи и страдања, божествени жртви и победата над гревот и смртта. {АД 547.4}
Кога ќе биде вратен во Божја близина, Бог повторно ќе го поучува човекот како на почетокот: „Затоа Мојот народ ќе го познае името Мое, затоа ќе познае во оној ден дека сум Јас тој што зборува: еве Ме”. {АД 547.5}
Какво ли подрачје на истражување ќе се отвори тогаш за нас кога ќе биде отстранет превезот кој сега го затемнува нашиот видик, кога нашите очи ќе го здогледаат светот на убавината кој сега набрзина го гледаме микроскопски; кога ќе ја гледаме славата на небесата која сега оддалеку ја гледаме со телескоп; кога ќе биде отстрането злобното влијание на гревот, кога целата Земја ќе се појави „во убавината на Господа, нашиот Бог!“ {АД 547.6}
Напредок во небесното знаење. – Сите богатства на вселената ќе бидат ставени на располагање на откупените за истражување. Ослободени од смртноста, ќе се вивнат со неуморен лет во далечните светови светови кои гледајќи ги човечките страдања биле обземени со болка и кои одговарале со радосна песна кога ќе слушнеле радосна вест за некоја спасена душа. Со неизречена милина ќе се запознаат земните деца со радостите и знаењето на оние суштества кои никогаш не паднале. Тие ќе земат учество во богатството на науките и знаењето кое овие суштества го стекнале низ вековите со проучување на Божјите дела. Ќе ја набљудуваат слободно славата на создавање сонцето, ѕвездите и нивните системи, како сите по одреден ред кружат околу Божјиот престол. На сѐ, од најмало до најголемо, е напишано името на Создателот и кај сите се гледа богатството на Неговата моќ. {АД 548.1}
Како поминуваат годините на вечноста, ќе се стекнуваат сѐ побогати и попрекрасни откритија за Бога и Христа. Со зголемување на знаењето, ќе се зголеми нивната љубов, стравопочитта и среќата. Колку луѓето повеќе знаат за Бога, толку ќе биде поголемо нивното воодушевување за Неговиот карактер. {АД 548.2}
Општествен живот. – Таму ќе знаеме сѐ, како што се знаеме себеси. Таму љубовта и сочувството, кои Бог ги всадил во душата, ќе го најдат својот најдобар и најубав израз. Непорочната заедница со светите суштества, складниот друштвен живот со блажените ангели и со верните од сите векови, посветеното пријателство кое го поврзува „целиот род и на небото и на Земјата“ сето тоа се искуства кои ќе ги стекнуваме во вечноста. {АД 548.3}
Работата во Новата земја. – На Новата земја спасените ќе се занимаваат со работи и ќе имаат задоволства кои на почетокот ги имале Адам и Ева. Повторно ќе се живее едемскиот живот, живот во градина и во поле. „И тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив; и ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема тие да градат, а други да се населуваат, нема да садат, а други да јадат, затоа што деновите на Мојот народ ќе бидат како деновите на дрвото, и на Моите избраници ќе им ги дадам нивните дела”. {АД 549.1}
Таму ќе се развива секоја моќ, секоја способност ќе се зголемува. Највеличествените потфати ќе се преземаат, најблагородните намери ќе се исполнуваат, највозвишените цели ќе се постигнуваат. И повторно ќе се појавуваат нови вредности кои ќе треба да ги совладаме, нови сетила на кои треба да им се воодушевуваме, нови вистини кои треба да ги сфатиме, нови замисли да ги подвижат силите на телото, умот и душата. {АД 549.2}
На прагот на исполнувањето. – Ние живееме во најсвечениот момент на овоземната историја. Повеќе нема време за гревот; секогаш е опасно да се продолжи со престапот, и тоа особено денес во вистинска смисла е вистинито. Ние сме на самата граница на вечниот свет и затоа сме во посвечен однос кон времето и вечноста отколку било кога претходно. Сега секој нека го испитува своето срце и нека се моли светлите зраци на Сонцето на правдата да ја отстранат сета духовна темнина и да ја исчистат нечистотијата. {АД 549.3}
Ние кои стоиме на самиот праг на исполнување на своите надежи, од каква вредност е тој момент, од каков интерес е она што ни се открива дека ќе дојде случувања кои Божјите деца ги очекувале, за кои копнееле и се молеле од моментот кога нашите прародители излегле од Едем! {АД 549.4}
Пријатели патници, ние сѐ уште се наоѓаме сред сенките и темнините на земните работи, но наскоро ќе се појави нашиот Спасител да ни донесе спасение и одмор. Да гледаме со вера на блажената иднина онака како што е прикажана со раката на нашиот Бог. {АД 550.1}
Повик на лична подготовка. – Ве повикувам да се подготвите за Христос Кој доаѓа на облаци. Секој ден од своето срце отстранувајте ја љубовта кон светот. Со искуство учете што значи да се биде во заедница со Христос. Подгответе се за суд, за кога ќе дојде Христос да може да се слави во сите кои веруваат, а вие да се најдете помеѓу оние кои ќе Го дочекаат во мир. На тој ден спасените ќе светат во славата на Отецот и Синот. Ангелите, со златни харфи во рацете, ќе го дочекаат со добредојде Царот со Неговите знаци на победа на оние кои се измиени и обелени со крвта на Јагнето. Небото ќе се исполни со одек на победничка песна. Христос победи. Тој влегува во небесните дворови следен од Своите спасени, сведоци дека Неговото дело на страдање и жртва не било напразно. {АД 550.2}

