Дар на зборување

Адвентен дом

Учтивост и љубезност

Гласот како дар. – Гласот ни е доверен дар кој треба да го употребуваме за да помогнеме, да охрабруваме и да ги зајакнеме нашите блиски. Ако родителите го сакаат Бога и внимаваат на Господовиот пат, ако вршат правда и расудување, во нивниот говор нема да се почувствува болната чувствителност. Нивниот говор ќе се одликува со здравје, чесност и благородност. Без разлика дали се во домот или надвор од него, тие внимателно ќе бираат зборови. Тие нема да се спуштат до она што е некултурно. {АД 434.1}

Секој збор има влијание. – Секој збор кој ќе го изговорат Таткото или мајката влијае на децата или на добро или на лошо. Ако родителите зборуваат раздразливо, ако покажуваат дух кој го покажуваат децата на овој свет, Бог ќе ги смета за деца на овој свет, а не Свои синови и ќерки. {АД 434.2}

Зборот изговорен во право време може да биде како добро семе во младиот ум и може да ги понесе малите нозе на прав пат. Меѓутоа, погрешниот збор може да ги понесе нивните нозе на патот на пропаста. {АД 434.3}

Ангелите слушаат зборови кои се изговараат во домот. Затоа никогаш не навредувајте; влијанието на вашите зборови нека биде такво што ќе се крева на небото како сладок мирис. {АД 434.4}

Со љубезните зборови, нежното сочувство и љубов родителите треба да ја сочуваат атмосферата во домот чиста и пријатна; но во исто време треба да бидат цврсти и непопустливи во начелата. Ако спроведувате начела кај своите деца, тие можат да сфатат дека не ги сакате. Тоа можете да го очекувате, но никогаш не бидете груби. Правдата и милоста мораат да одат заедно; не смее да има двоумење и нагли постапки. {АД 434.5}

Говорот е израз на внатрешната убавина. – Основна потреба на јазикот е да биде непорочен, љубезен и вистинит надворешен израз на внатрешната убавина… Домот е најдобро училиште за таквото изучување на јазикот. {АД 435.1}

Љубезните зборови претставуваат роса и благ дожд за душата. Библијата вели за Христа дека Неговите усни биле премачкани со милоста за да може да „изговори пријатен збор на уморниот”. И Господ ни советува: „Вашиот збор да биде секогаш на благослов… да знаете на секој како треба да му одговорите”. {АД 435.2}

Негувањето на гласот треба да започне во домот. – Во семејниот круг треба да започне негувањето на гласот. Родителите треба да ги учат своите деца да зборуваат јасно, за оние кои ги слушаат да можат да го разберат секој изговорен збор. Треба да ги учат да ја читаат Библијата јасно, да откриваат, со својот говор да го прослават Бога. Не им дозволувајте на оние кои клечат околу семејниот олтар, да го покријат лицето со рацете, а главата да ја спуштат на столица кога се обраќаат на Бога. Нека ја подигнат главата и во света стравопочит и слобода да пријдат до престолот на милоста. {АД 435.3}

Бидете чисти во говорот. Изградувајте нежен и убедлив, а не груб и заповеднички тон на гласот. Дајте им на децата поука за правилен говор. Вежбајте ја нивната навика за добар изговор, и ниту еден остар и груб збор нема да се симне од нивните усни, дури и тогаш кога ќе дојде искушението. {АД 435.4}

Вежбањето на гласот е тесно поврзано со здравјето на ученикот. Младите треба да се учат на правилно дишење и на такво читање, што во грлото и белите дробови нема да дојде до неприродно напрегнување туку работата ќе ја преземат стомачните мускули. Говорот од грлото, создавањето гласови во горниот дел од гласните органи, го изложува на опасност здравјето на сите органи и ја намалува нивната корисност. Стомачните мускули треба да го преземат најголемиот дел од работата, додека грлото е само спроводник. Многумина умреле, а можеле уште да живеат, ако биле поучени како правилно се употребува гласот. Правилната употреба на стомачните мускули при читањето и говорот, ќе се покаже како средство за подобрување и отстранување на пречките во градите, така продолжувајќи го животот. {АД 435.5}

Последици од острите и погрдни зборови. – Во домот во кој се слушаат остри, груби и погрдни зборови, детето многу плаче; тоа е затоа што неговото нежно битие е изложено на влијанието на незадоволството и несогласувањето. Затоа, мајки, вашето лице секогаш нека зрачи со радост. Смејте се секогаш кога можете и во детскиот ум ќе се одржи сјајот на вашето лице, како што на мазна плоча се одржува ликот насликан со уметничка рака. Мајки трудете се, во вас да пребива Христос, така што во нежниот ум на вашите деца ќе биде врежано божественото обличје. {АД 436.1}

На небото не се слушаат остри звуци. – Не дозволувајте во домот да влезат расправијата и несогласувањето. Зборувајте кротко. Никогаш грубо не го кревајте својот глас. Останете мирни. Отфрлете ја секоја критика и секоја невистина. Кажете им на децата дека сакате да им помогнете да се подготват за светото небо, на кое владее мир, на кое не се слуша ниту еден остар звук. Бидете трпеливи со нив кога гледате дека се во неволја, која за вас е мала, но за нив е голема. {АД 436.2}

Ако татковците и мајките се обратени, ќе дојде до целосно обраќање и во начелата на управување со домот. Нивните мисли ќе бидат обратени, нивниот јазик ќе биде обратен… {АД 436.3}

Во домот нема да се слушне гласен, гневен говор. Зборовите ќе делуваат смирувачки и ќе бидат на благослов за слушателот… Ослободете го својот глас од грдите обележја. {АД 436.4}

Треба да ја совладаме својата избувлива природа и да загосподариме со своите зборови; во ова ќе извојуваме голема победа. Ако не владееме со своите зборови и природа, тогаш сме робови на сатаната. Ние му се покоруваме нему. Тој не смета за заробеници. Сите кавгаџиски, непријатни, нетрпеливи и остри зборови се жртва принесена на неговото сатанско величество. Тоа е скапоцена жртва, која е поскапоцена од било која друга жртва која можеме да ја принесеме на Бога, затоа што таа го разорува мирот и среќата на цели семејства, го разорува здравјето и може да биде причина за губитокот на вечниот живот и среќа. {АД 437.1}

Зборовите – светлина или сенка. – Од големо значење е децата и младите да научат да внимаваат на своите зборови или постапки; затоа што нивниот начин на постапување создава светлина или сенка, не само во нивниот сопствен дом, туку и кај сите со кои доаѓаат во допир. {АД 437.2}

Неразумната употреба на дарот на говорот често ги прави другите несреќни. Божјата реч никого не го овластува грубо да зборува, затоа што со тоа се создава несреќа и грижи во семејството. Останатите членови на семејството го губат почитувањето кон оној кој зборува така, кој можел да ја придобие довербата и љубовта на сите, ако владее со своите чувства. {АД 437.3}

Нежните зборови кон децата; зборови на почитување кон родителите. – Нежните зборови кон децата; зборови на почитување кон родителите. Родителите нека им упатуваат на своите деца само пријатни зборови со многу почитување. Во домот мора да му посветите внимание на ова; ако децата во изградбата на својот карактер, создадат добри навики, ќе им биде многу полесно Бог да ги учи да ги исполнуваат неговите барања. {АД 437.4}

Избегнувајте грди зборови. – Татковци и мајки, мажи и жени, браќа и сестри, не се учете на лоши постапки, зборови или мисли. Грубите зборови, недостојните шеги, недостатокот од усогласеност и вистинска учтивост во домот, ќе стане ваша втора природа и ќе ве онеспособи за дружење со оние кои се посветуваат на вистината. Домот е пресвето место кое не треба да го извалкаме со простотилак, телесност, взаемни обвинувања и клевети. Замолчете го лошиот збор, отфрлете ги несветите мисли, затоа што верниот Сведок го мери секој збор, ја оценува секоја постапка и објавува: „Ги знам твоите дела“. {АД 437.5}

За недостојни, бесмислени и неблагородни разговори немаместо во семејството. Кога срцето е чисто, од него ќе потече богатство на мудроста. {АД 438.1}

Не водете бесмислени разговори во својот дом. Дури и на многу мали деца ќе влијае позитивно. Но, ако таткото и мајката разменуваат празни и неразумни зборови, тоа подоцна ќе го прават и децата; додека добрите, пристојни, вистинити и сериозни зборови, кои сите ги прифаќаат, ќе доведат до правилни постапки. {АД 438.2}

Гневни, избрзани зборови. – Кога со гневни зборови им се обраќате на своите деца, вие го поддржувате делото кое е непријател на секоја праведност. На секое дете дајте му најдобар пример. Децата треба да се поучуваат од детството, без грубост и острина туку со љубов и трпение; ова поучување треба да продолжи во сите години до нивната зрелост. {АД 438.3}

Секое семејство во сериозна молитва нека бара помош од Господа за да го изврши Божјото дело. Нека ја совладаат навиката на грубо зборување и желба да ги обвинуваат другите. Нека се научат да бидат љубезни и учтиви во домот, да ги обликуваат навиките на обѕири и внимание. {АД 438.4}

Колкава штета се прави во семејниот круг, со изговарање на нетрпеливи зборови, затоа што тие ги наведуваат другите да возвратат со ист дух и на ист начин. Ним им доаѓаат зборови на одмазда, зборови на самооправдување кои ви создаваат тежок и болен јарем; сите овие горки зборови ќе ви се вратат како лоша жетва на вашата душа. {АД 439.1}

Тешките зборови поминуваат преку увото до срцето, потикнувајќи во него најлоши чувства, наведувајќи ги мажите и жените да ги прекршуваат Божјите заповеди… Зборовите се како семе кое се сее. {АД 439.2}

Жестоко зборови кои се слични на клетва. – Членовите на многу семејства имаат навика неодговорно и невнимателно да зборуваат; колку повеќе се попушта на навиката на изговарање на груби зборови, таа толку повеќе станува посилна и се изговараат многу невкусни зборови кои се според сатанската, а не според Божјата волја… Никогаш не изговарајте остри зборови, затоа што тие во Божјите очи и во очите на светите ангели се слични на клетва. {АД 439.3}

Таткото кој ја изгубил довербата кај своите деца. – Брате мој, твоите дрски зборови ги повредуваат твоите деца. Колку повеќе растат, во нив расте склоноста да те осудат. Осудувањето го расипува твојот живот и се пренесува на твојата сопруга и на децата. Ти не ги охрабруваш децата да имаат доверба во тебе или да ги признаат своите грешки, затоа што знаат дека остро ќе ги укориш. Твоите зборови често се слични на мраз, кој пустоши кршејќи ги нежните билки. Тешко може да се процени големината на направената штета. Твоите деца се служат со измама за да ги избегнат твоите тешки зборови. Тие ќе ја избегнат вистината за да ги избегнат укорот и казната. Невнимателната, студена заповед нема да им биде од корист. {АД 439.4}

Дајте ветување. – Би било добро кога секој човек свечено би ветил дека во својот дом ќе изговара само љубезни зборови, дека со неговите зборови ќе управува законот на љубовта. Родители, не зборувајте непромислено. Ако сепак децата направат некоја грешка поправете ги, но со зборови кои се нанижани со љубов и нежност. Кога ги карате, вие ја губите скапоцената можност да дадете поука за трпение и издржливост. Љубовта нека го заземе првото место во поправање на грешката. {АД 440.1}

Разговор на маса. – Колку семејства ги зачинуваат своите дневни оброци со сомнеж и критики! Тие го расчленуваат карактерот на своите пријатели и го послужуваат како десерт. Вкусниот залак на клевета кружи околу масата и за неа зборуваат не само возрасните туку и децата. Со ова се срами Бог. {АД 440.2}

За духот на критиката и клеветата нема место во домот. Семејниот мир е премногу свет за да го расипуваме со овој дух. Колку често додека седат на маса, членовите на семејството, се послужуваат еден со друг со критика, со откривање на туѓите маани и клевети. Кога Христос би дошол денес, би нашол ли многу семејства кои велат дека се христијански, а негуваат дух на критика и на нељубезност? Членовите на таквите семејства не се подготвени да му се приклучат на небесното семејство. {АД 440.3}

Разговорот на масата треба да биде таков што ќе остави пријатен впечаток на детските души. {АД 440.4}

Озборување и прераскажување. – Ние со ужас мислиме на канибалите кои се гостат со сѐ уште топлото месо од своите жртви; но зар последиците дури и на овој обичај се пострашни од агонијата и пропаста која предизвикува погрешно прикажување на интересите и оцрнување на угледот? Децата, а и младите, треба да научат што вели Бог за тоа: „Смртта и животот се под власт на јазикот“. {АД 440.5}

Духот на озборување и прераскажување е сатанско оружје за сеење на раздор и расправија, разделување на пријатели и поткопување на верата на многумина во исправноста на нашите начела. {АД 441.1}

Сеење семе на недоверба. – За човечките суштества природно е да изговараат остри зборови. Оние кои ќе и попуштат на оваа склоност ја отвораат вратата на сатаната да влезе во нивното срце и брзо да ги потсети за пропустите и грешките на другите. Се размислува за нивните пропусти, ги забележуваат нивните слабости и изговараат зборови кои раѓаат недоверба кон оној кој работи најдобро што може за да ја изврши својата должност како Божји соработник. Често се сее семето на недоверба затоа што човекот смета дека требало да му се даде предност, а тоа не е направено. {АД 441.2}

Бог ги повикува верните да престанат да бараат грешки, да престанат да изговараат избувливи и нељубезни зборови. Родители, зборовите кои ги упатувате на своите деца нека бидат љубезни и нежни за ангелите со ваша помош, да можат да ги привлечат кон Христа. Потребна е целосна реформа во домот црквата. Започнете веднаш. Престанете со секое негодување, нерасположение и навреди. Оние кои се лутат, ги навредуваат ги истеруваат небесните ангели, а ја отвораат вратата на лошите ангели. {АД 441.3}

Родители, совладувајте се. – Родители, кога се чувствувате раздразливи, не би требало да го направите тој голем грев со оваа опасна раздразливост да го отруете целото семејство. Во такви моменти зголемете ја двојно својата контрола над себе и во своето срце одлучете да не згрешите со своите усни туку да изговарате само пријатни и охрабрувачки зборови. Речете си сами на себе: „Нема да ја затемнам среќата на своите деца со ниту еден нетрпелив збор”. Ако на овој начин владеете над себе, ќе бидете сѐ посилни. Вашиот нервен систем нема да биде толку чувствителен. Ќе бидете зајакнати со начелата на правдата. Свеста дека верно ги извршувате своите должности ќе ве зајакне. Божјите ангели ќе се радуваат на вашите напори и ќе ви помогнат. {АД 441.4}

Татковци и мајки, зборувајте љубезно со своите деца; сетете се колку и самите сте чувствителни, колку тешко го поднесувате секој прекор; мислете на тоа дека вашите деца личат на вас. Не им товарите на децата бреме кое и самите не можете да го носите. Ако не можете да поднесете укор и карање, не можат ниту вашите деца кои се многу послаби од вас и кои не можат толку да поднесат. Вашите зборови нека бидат секогаш љубезни и весели, нека бидат како сончеви зраци за вашето семејство. Со владеење над самиот себе, со промисленост и трпение кое потекнува од вас, ќе донесете стопати поголем род. {АД 442.1}

Време за молчење или песна. – Неволјите ќе дојдат, тоа е вистина, дури и на оние кои се целосно посветени. Трпението на најтрпеливите ќе биде сериозно искушано. Сопругот или сопругата можат да изговорат зборови кои ќе предизвикаат нагли одговори, но оној кон кој се упатени нека го сочува мирот. Во молчењето е сигурноста. Често молчењето е најсериозен укор кој можеме да го упатиме кон оној кој згрешил со своите усни. {АД 442.2}

Кога тие (децата и младите) ќе ја изгубат контролата над себе и ќе изговорат остри зборови, во тој случај молчењето е најсериозниот пат, а не одговор со укор, докажување или осуда. Покајанието може да дојде многу брзо. Златното молчење често ќе направи повеќе отколку сите изговорени зборови. {АД 442.3}

Кога другите се нетрпеливи, раздразливи и приговараат затоа што не го покориле своето „јас“, почнете да пеете една од сионските песни. Додека Христос работел дрводелски занает, другите понекогаш Го опкружувале, обидувајќи се да Го направат нетрпелив; но Тој тогаш почнувал да пее некои од прекрасните Псалми и пред да сфатат што прават, тие би Му се придружиле во пеење, потпаѓајќи под влијание на силата на Светиот Дух кој бил во Него… {АД 443.1}

Самосовладување во зборењето. – Бог очекува од родителите со самосовладување и со пример во изградувањето на цврст карактер, да шират светлина во непосредниот круг на своето мало стадо. Не ги трпете неважните и неблагородни разговори. Бог ја гледа секоја тајна во животот. Некои водат постојана борба за да ја задржат контролата над себе. Тие во тишина секојдневно се молат да го совладаат својот груб говор и карактер. Оваа борба човечките суштества можеби никогаш нема да ја ценат. Можеби нема да слушнат пофалба од човечките усни, затоа што ги задржале наглите зборови кои им биле на усните. Светот никогаш нема да дознае за овие победи, а кога и би дознал, тој би ги презрел победниците. Меѓутоа, во небесните книги тие се запишани како победници. Има еден кој е сведок на секоја тајна борба и на секоја тивка победа и Тој вели: „Подобро бавен на гнев отколку силен и господарот на своето срце е подобар отколку оној кој зазема град”. {АД 443.2}

Ако си одлучил да не беснееш, да не се лутиш и да не навредуваш, Господ ќе ти го покаже патот. Тој ќе ти помогне дарот на говорот да го употребиш на христијански начин, така што скапоцените вредности на трпението, утехата и љубовта ќе го исполнат домот. {АД 443.3}