Гостопримство
Адвентен дом
Ведро расположение
Можеме да примиме и ангели. – Библијата на особен начин го нагласува обичајот на гостопримството. Не само што го наложува гостопримството како должност туку изнесува многу прекрасни примери од оваа вредност на дело и благословите кои со неа се поврзани. Најистакнатиот меѓу нив е Аврамовото доживување… {АД 445.1}
Овие дела на услужливост Бог ги сметал за доволно важни за да ги забележи во својата Реч, а по повеќе од илјада години, вдахновениот апостол се повикал на нив: “Не го заборавајте гостопримството; затоа што некои не знаејќи со гостопримството примиле ангели на гости“. {АД 445.2}
Предноста која ја имале Аврам и Лот не ни е ускратена ниту нам. Со укажување на гостопримство на Божјите деца ние исто така можеме да примиме ангели во своите домови. Дури и во наше време ангели во човечки облик влегуваат во домовите на луѓето и го добиваат нивното гостопримство. Христијаните, коишто живеат во светлината на Божјото лице, секогаш ги следат невидливи ангели и тие свети суштества оставаат по себе благослов во нашите домови. {АД 445.3}
Запоставување на можностите и предностите. – Гостопримството е една од особините која Светиот Дух ја наведува како ознака за оние кои треба да ја носат одговорноста во црквата. А на целата црква и е даден налог: „Бидете гостопримливи помеѓу себе без негодување; и служете си меѓу себе, секој со дарот што го примил, како добри управители на различни Божји благодети”. {АД 445.4}
Овие опомени за жал се запоставени. Дури и помеѓу оние кои велат за себе дека се христијани, вистинското гостопримство ретко се покажува. Помеѓу нашите верници можноста да се укаже гостопримство не се смета за она што е предност и благослов. Нема доволно желба за дружење, нема доволно интерес на семејната трпеза да се направи место за уште двајца или тројца, без покажување на неудобност и самоистакнување. {АД 444.5}
Неоправдани изговори. – Сум слушнала многу изговори од оние кои требало да ги повикаат во своите домови и срцата на светите во Господа: „Ништо не сум подготвила; ништо не сум зготвила; тие мораат да одат на друго место”. А на тоа место се измислуваат некои други изговори за тоа што не ги примаат оние на кои гостопримството им е потребно; посетителите се длабоко разочарани и си одат со непријатни впечатоци за гостопримството на своите таканаречени браќа и сестри. Ако немаш леб, сестро, земи го како пример случајот изнесен во Библијата. Оди кај својот сосед и кажи: „Пријателе дај ми три леба на заем; затоа што ми дојде пријател од пат и немам што да му дадам”. {АД 446.1}
Немаме ниту еден пример каде што овој недостаток од леб некогаш е употребен за да се одбие молителот. Кога Илија дошол кај вдовицата во Сарепт, таа го поделила последниот залак со Божјиот пророк. Тој направил чудо, а исто и таа со тоа што го отворила својот дом на неговиот слуга и со него го поделила својот залак, се прехранила и го сочувала животот и на себе и на својот син. Ова ќе се случи и кај многу други, ако ова го направат со радост, на слава на Бога. {АД 446.2}
Некои се жалат на своето слабо здравје би сакале да го направат тоа кога ќе имаат сила. Таквите толку долго се затворале во себе, толку размислувале за својата сиромаштија и толку многу зборувале за своите страдања, искушенија и неволји што тоа станало нивна сегашна вистина. Тие не можат да мислат на ништо друго освен на себе, без оглед колку на другите им е потребно сочувство и поткрепа. Вие кои страдате поради слабо здравје, за вас постои лек. Ако го облечеш голиот, го примиш изгонетиот во својата куќа и го поделиш својот леб со гладниот „тогаш ќе засвети твојата светлина како зора и здравјето твое брзо ќе процвета”. Да се прави добро е соодветен лек за болеста. Оние кои работат за Божјото дело се повикани да се обратат на Бога, а Тој им ветил дека ќе им одговори. Нивната душа ќе биде сита во време на суша и тие ќе бидат како навадена градина и како извор на кој водата не му пресушува. {АД 446.3}
Изгубени благослови. – Бог е незадоволен кога ќе види себично внимание кое толку често се покажува кон “себеси и кон своето семејство”. Секое семејство кое негува таков дух треба да ги обрати чистите начела кои Христос ги покажал во Својот живот. Оние кои се затвораат во себе и не се расположени да укажат гостопримство на други, губат многу благослови. {АД 447.1}
Ангелите чекаат да видат дали ќе ги искористиме можностите кои ни се нудат за да правиме добро чекаат да видат дали ќе ги благословиме другите, за тие за возврат да можат да нѐ благословат. Господ нѐ направил различни некои сиромашни, некои богати, некои нерасположени за секој да има можност да го развие својот карактер. Помеѓу вас ќе има и сиромашни, рекол Господ, за да се испитаме, да утврдиме и покажеме што се наоѓа во нашето срце. {АД 447.2}
Кога духот на гостопримството ќе умре, срцето се парализира со себичност. {АД 447.3}
На кого треба да му се укаже гостопримство. – Нашето гостопримство не смее да се раководи според световните обичаи туку со Христов дух и учење на Неговите зборови. Старите Израелци во служењето за Бога ги вклучувале сиромашните, странците и левитите, кои им помагале на свештениците во светилиштето и дејствувале како верски учители и мисионери. Тоа биле гости на целиот народ кои го уживале неговото гостопримство во сите ситуации на општествени и верски радости и за кои требало нежно да се грижат во случај на болест или неволја. Токму такви треба да примиме во своите домови. Колку таквото добредојде може да ги израдува или охрабри медицинската сестра или учителот во мисија, со грижи оптоварената и презафатена мајка, или немоќните, и остарени, кои толку често се без дом и кои се борат со сиромаштија и многу обесхрабрувања. {АД 447.4}
„Кога даваш ручек или вечера“, рекол Христос „не ги викај своите пријатели, ниту своите браќа, ниту своите роднини, ни богатите соседи, за да не те викнат и тие тебе за да ти вратат; туку кога правиш гозба, повикај ги сиромашните, болните, хромите, слепите; и богатство ќе ти биде тоа што тие не можат да ти вратат; туку ќе ти се врати на воскресението на праведните”. {АД 448.1}
Тоа се гости кои на тебе нема да ти стават голем товар ако ги повикаш. За нив нема да биде потребно многу да подготвуваш за богато да ги нагостиш. Никакви напори не мораш да направиш за да се покажеш пред нив. Топлината од срдечниот прием и местото покрај твоето огниште, местото на твојата маса, предноста да учествуваат во времето за молитва, за многумина од нив ќе биде како делче од небото. {АД 448.2}
Нашето сочувство мора да ги помине границите на нашата себичност и рамките на семејните ѕидови. Скапоцени можности им се пружаат на оние, кои својот дом го прават благослов за другите. Општественото влијание е прекрасна сила. Ние можеме да ја користиме ако сакаме, како средство да им помогнеме на оние кои живеат околу нас. {АД 448.3}
Заштита на младите. – Нашите домови треба да бидат заштита за младите кои се изложени на искушенија. Многумина стојат на раскрсница. Секое влијание, секој впечаток, го одредува зборот кој ја обликува нивната иднина за овој и за оној живот. Злото ги привлекува. Тоа примамливо им ги прикажува своите магии и радости. Таму има место за секој придојденец. Секаде околу нас се млади без дом и многумина чиишто домови немаат сила која подига и така младите лесно подлегнуваат на злото. Тие одат во пропаст пред самата наша врата. {АД 449.1}
На овие млади треба да им се подаде рака на сочувство. Едноставно изговорените љубезни зборови, малото внимание едноставно укажано, ќе ги оттргнат облаците на искушенија кои се надвасуваат над душата. Искрениот израз на сочувство со небесно потекло, има моќ да ги отвори вратите на срцето, на кое му е потребен мил мирис на божествени зборови и едноставен, нежен допир на духот на Христовата љубов. Кога повеќе би се интересирале за младите и кога би ги повикувале во нашите домови и би ги опкружиле со атмосфера на ведрина и помош, многумина со радост би ги исправиле своите чекори на патот кон небото. {АД 449.2}
Да ја сочуваме семејната едноставност. – Кога ќе дојдат посетители, кои секогаш ќе ги има, не смее да се случи на мајката да и го одземат целото време и внимание; телесното и духовното добро на нејзините деца се наоѓа на прво место. Не трошете време за подготвување на богати колачи, пити и нездрава храна. Тоа е прекумерен трошок и многумина не можат да го поднесат. Тоа е пример кој прави поголемо зло. Сочувајте ја семејната едноставност. Не се обидувајте да оставите впечаток дека можете да живеете над своите можности. Не се обидувајте да се покажете онакви какви што не сте, било во поставувањето на масата или во своето однесување. {АД 449.3}
Иако со гостите треба да постапувате љубезно и да направите да се чувствуваат како во свој дом, не заборавајте дека сте учител на децата кои Бог ви ги дал. Тие ве набљудуваат и ниту една ваша постапка не смее да ги насочи нивните нозе на погрешен пат. Кон своите гости бидете она што сте кон своите домашни секој ден пријатни, внимателни и учтиви. Вака секој може да биде воспитувач и пример во правење на добри дела. Тие сведочат дека постои нешто повредно од размислувањето што ќе се јаде и пие и во што ќе се облечеш. {АД 450.1}
Сочувајте го мирот. – Ние би биле многу посреќни и покорисни ако со нашиот семеен живот и гостопримство би управувала Христовата кротост и едноставност. Наместо да се трудиме да се до кажеме и да предизвикаме восхит или завист од гостите, ние треба да настојуваме да усреќиме сѐ околу себе со својата ведрина, сочувство и со љубов. Нашите гости нека видат дека се трудиме да бидеме во склад со Христовата волја. Нека во нас го видат духот на задоволство и благодарност, иако нашиот живот е скромен. Атмосферата на вистинскиот христијански дом е атмосфера на мир и спокојство. Таков пример нема да остане без одек. {АД 450.2}
Трошоците се бележат на небото. – Христос води сметка за сите трошоци направени за примање на гости во Негово име. Тој нѐ снабдува со сѐ што ни е потребно за ова дело. Оние кои во Христово име пружаат гостопримство на своите браќа, правејќи сѐ што можат таа посета да биде корисна и за нив и за нивните гости, запишани се на небото како достојни особени благослови… {АД 450.3}
Христос со Својот живот ни дал поука за гостопримството. Кога бил опкружен со гладното мноштво покрај езерото, Тој не ги отпуштил гладни да се вратат дома. На Своите ученици им рекол: „Дајте им вие да јадат”. Со еден дел од Својата создателска сила, Тој набавил доволно храна за да се задоволат нивните потреби. Но колку едноставна била таа храна! Таму немало слатки. Оној кој го имал сето богатство на небото во Свои раце, можел на народот да му понуди богат оброк. Но Тој им го дал само она што ќе ги задоволи нивните потреби, она што било секојдневна храна на рибарите околу езерата. {АД 451.1}
Кога луѓето денес би биле скромни во своите навики и би живееле во склад со природните закони, би имало доволно залихи за сите потреби на човечките семејства. Би имало помалку измислени потреби и поголеми можности за работа според Божјиот пример… Сиромаштијата не смее да нѐ спречува да бидеме гостољубиви. {АД 451.2}
Треба да го делиме она што го имаме. Има и такви кои се борат за свое преживување и со тешка мака со своите приходи ги подмируваат своите потреби; но тие го сакаат Исуса со Неговата светост и се подготвени да покажат гостопримство на верните и неверните, трудејќи се нивната посета да ја направат корисна. Тие ги дочекуваат гостите со добредојде и на семејната маса и на семејниот олтар. Времето посветено на молитва остава впечаток на оние кои го уживаат нашето гостопримство, и дури само една посета може на душата да и донесе спасение од смртта. За оваа работа Господ ветува награда изјавувајќи: „Јас ќе ти платам”. {АД 451.3}
Искористете ги можностите. – Браќа и сестри, разбудете се. Не се плашете да правите добри дела. „А да правиме добро и да не ни се досади; затоа што во свое време ќе ожнееме ако не се измориме”. Не чекајте да ви се каже што е ваша должност. Отворете ги очите и погледнете кој е околу вас; запознајте се со немоќните, несреќните и сиромашните. Не се сокривајте од нив и не ги запоставувајте нивните потреби. Кој дава докази, кои ги спомнува Јаков, за поседување на чиста вера, неизвалкана со себичност или расипаност? Кој е расположен да направи сѐ што е во негова моќ да помогне во исполнување на големиот план за спасение? {АД 451.4}
Шеснаесетти дел
ДОМОТ И ОДНОСИТЕ ВО НЕГО

