Татковата положба и одговорностите

Адвентен дом

Ветување за божествено водство

Толкување на зборовите „сопруг“. – Домот е Божја установа. Бог одредил семејниот круг: таткото, мајката и децата да постојат на овој свет како едно здружение. {АД 211.1}

Задачата домот да биде среќно место не е обврска само на мајката. Татковците имаат значаен удел во тоа. Сопругот е глава на домот, кој со својата силна, сериозна и посветена љубов ги поврзува членовите на семејството, мајката и децата, во најсилна заедница. {АД 211.2}

Поимот „глава на домот“ е прво објаснување на зборот сопруг… видов дека има малку татковци кои се свесни за своите одговорности. {АД 211.3}

Глава на семејната заедница. – Сопругот и татко е глава на семејството. Жената од него очекува љубов и сочувство, а исто така и помош во воспитување на децата; и тоа е добро. Децата се негови исто колку што се и нејзини, и тој подеднакво е заинтересиран за нивното добро. Децата очекуваат од таткото поддршка и водство; а таткото мора да има исправно сфаќање за животот, влијанијата и општеството кое го опкружува неговото семејство; пред сѐ, со него треба да управува љубовта и Божјиот страв, како и учењето од Божјата реч, за да може да ги води нозете на своите деца по прав пат… {АД 211.4}

Таткото е должен да го направи својот дел за да го направи среќен својот дом. Без оглед какви се неговите грижи и деловни неприлики, не смее да дозволи заради нив да го запостави своето семејство; тој треба да влезе во својот дом со насмевка и љубезни зборови. {АД 211.5}

Законодавец и свештеник. – Сите членови на семејството се соединуваат со таткото. Тој е законодавец, покажувајќи го своето мажествено држење со сериозни доблести: енергија, почит, чесност, трпение, храброст, внимателност и полезност. Во одредена смисла, таткото е свештеник на семејството кое на Божјиот олтар ги принесува утринските и вечерни жртви. Сопругата и децата треба да се соединат во овие приноси и да земат учество во пофалните песни. Наутро и навечер, таткото, како свештеник во семејството, треба да ги признае на Бога гревовите кои ги направиле тој и неговите деца во текот на денот. Треба да ги признае оние гревови за кои знае, како и оние кои се тајни, кои ги гледа само Божјото око. Благословите ќе се излеат на семејството, ако таткото верно го применува ова правило на постапување кога е присутен, или мајката, ако тој е отсутен. {АД 212.1}

Таткото е претставник на божествениот Законодавец во своето семејство. Тој е Божји помошник кој ги исполнува Неговите милостиви намери и во животот на децата ги вградува светите начела, помагајќи им да изградат чист и свет карактер и збогатувајќи ги со она што ќе им помогне да ги почитуваат не само своите земни родители туку и својот небесен Татко. {АД 212.2}

Таткото не смее да ја изневери својата света доверба. Тој во никој случај не смее да се откаже од својот родителски авторитет. {АД 212.3}

Одејќи со Бога. – Таткото… ќе ги поврзе своите деца со Божјиот престол на жива вера. Неверувајќи ѝ на својата сила, тој со својата немоќна душа се држи до Исус и се фаќа за силата на Најголемиот. Браќа, молете се во домот, во своето семејство, навечер и наутро; молете се сериозно во своето секојдневие и додека ги извршувате своите дневни работи подигнете ја во молитва душата кон Бога. Така некогаш Енох одел со Бог. Тивка, страстна молитва на душата ќе се подигне како светлината на престолот на милоста и Бог ќе ја приифати како да е принесена во светилиштето. Христос станува помош во време на потреба на сите кои така го бараат. Таквите ќе бидат силни во денот на неволја. {АД 212.4}

Се очекува зрело искуство. – Таткото не смее да биде како дете, со кое управуваат само моменталните чувства. Тој е врзан за своето семејство со свети врски. {АД 213.1}

Неговото влијание во домот ќе биде онакво какво што е неговото знаење за единствениот, вистинскиот Бог и за Исуса Христа, кого Тој го пратил. „Кога бев мало дете“, вели Павле „како дете зборував, како дете мислев, како дете размислував, а кога станав маж, го отфрлив детското“. Таткото стои на чело на семејството не како недораснато, недисциплинирано момче туку како човек со мажествен карактер и потчинети страсти. Тој мора да стекне воспитание и вистинско сознание за моралот. Неговото однесување во домот треба да биде усогласено и покорено на чистите начела на Божјата реч. Тогаш ќе постигне полна мерка во растењето во висина на Исуса Христа. {АД 213.2}

Покорете ја својата волја на Бога. – На човекот кој е сопруг и татко би му рекла: Внимавај твојата душа да биде опкружена со чиста и света атмосфера… Ти секој ден мораш да учиш од Христа. Никогаш, ама никогаш не смееш во својот дом да покажеш дух на тиранин. Оној кој прави така соработува со сатанското оружје. Покори ја својата волја на Божјата волја. Направи сѐ што е во твоја моќ за животот на твојата сопруга да биде удобен и среќен. Земи ја Божјата реч за свој советник. Во домот живеј според учењето на Божјата реч, тогаш според неа ќе живееш и во црквата како и на местото на кое работиш. Небесните начела ќе ги облагородат сите твои деловни постапки. Божјите ангели ќе соработуваат со тебе и ќе ти помогнат да го откриеш Христа на светот. {АД 213.3}

Соодветна молитва за избувлив сопруг. – Не дозволувај деловните грижи да го засенат семејниот живот, доколку се случи нешто што не си очекувал, а ти не покажуваш трпение, истрајност, љубезност и љубов, ти покажуваш дека како свој пријател не си го избрал Оној кој толку те сакал, што го дал Својот живот за тебе, за да можеш да бидеш едно со Него. {АД 214.1}

Во секојдневниот живот ќе дојде до изненадувања, разочарувања и искушенија. Што вели Божјата реч? „Спротивставете се на ѓаволот” со цврсто потпирање на Бога, „и ќе побегне од вас. Приближете се кон Бога и Тој ќе се приближи кон вас“. Понатаму: „Или нека се фати за Мојата сила за да направи мир со Мене; и ќе направи мир со Мене“. Гледај на Исуса секогаш и секаде, подигнувајки тивка молитва од искреното срце за да знаеш како да ја исполниш Неговата волја. Кога непријателот ќе навали како река, Господовиот дух ќе подигне пречка против него. И кога ќе бидеш на граница да попуштиш, да го загубиш трпението и самосовладувањето, да станеш груб и подготвен на обвинување, да најдеш грешка, подготвен да осудиш тоа е моментот кога треба на небото да ја упатиш молитвата: „Помогни ми Боже, да се спротивставам на искушението; извади ја од моето срце целата горчина, гнев и клевета. Дај ми ја Својата кроткост, Својата понизност, Своето трпение и Својата љубов. Не дозволувај да го осрамотам својот Спасител, погрешно да ги толкувам зборовите и намерите на својата сопруга, на своите деца и на своите браќа и сестри во вера. Помогни ми да бидам љубезен, сочувствителен, со нежно срце, да простувам. Помогни ми да бидам вистинска глава на својот дом и на другите да го претставам Христовиот карактер“. {АД 214.2}

Авторитет и понизност. – Сопругот не ја докажува својата мажественост ако постојано ја нагласува својата положба како глава на семејството. Тој нема да го зголеми почитувањето на домашните, ако со извадоците од Светото писмо го истакнува својот авторитет. Тој нема да биде ништо по мажествен ако од сопругата, мајка на своите деца, бара да ги исполнува неговите планови како да се непогрешливи. Господ го одредил сопругот да биде глава на жената нејзин заштитник; тој е врска помеѓу членовите на семејството, како што Христос е глава на црквата и Спасител на нејзиното тело. Секој сопруг кој тврди дека го сака Бога, внимателно нека ги проучи Божјите барања во однос на својата положба. Христос го применувал својот авторитет мудро, љубезно и благо. Сопругот треба да постапува така за да биде сличен на големиот Поглавар на црквата. {АД 215.1}