Заедно носете ги товарите

Адвентен дом

Татковата положба и одговорностите

Татковите должности не може да се пренесат на друг. – Таткото не може на мајката да ги пренесе своите должности кон децата. Ако мајката верно ја исполнува својата должност, таа носи доволен товар. Само во заедница еден со друг, таткото и мајката, можат да ја извршат работата која Бог им ја ставил во нивни раце. {АД 216.1}

Таткото не треба да бара изговори за неисполнување на својот дел од работата на воспитување на своите деца за живот и бесмртност. Тој мора да понесе дел од одговорноста. И таткото и мајката имаат свои обврски. Родителите мораат меѓусебно да се сакаат и почитуваат ако сакаат да развијат вредности кај своите деца. {АД 216.2}

Со своите ведри погледи и љубезни зборови, таткото треба да ја охрабрува и поддржува мајката во нејзината работа. {АД 216.3}

Настојувај да ѝ помогнеш на својата сопруга во борбата што ја води таа. Внимавај на своите зборови, биди внимателен во однесувањето, љубезен, нежен и ќе бидеш награден за тоа. {АД 216.4}

Љубезното однесување го олеснува товарот на мајката. – Без оглед каква е неговата професија и проблемите кои го следат, таткото во својот дом треба да внесе насмеано лице и пријатен глас, со кој цел ден ги поздравувал посетителите и странците. неговата сопруга треба да знае дека може да се потпре на големата љубов на својот сопруг дека неговите раце ќе ја зацврстуваат и поддржуваат во нејзината напорна работа и грижи, дека неговото влијание ќе се придружи на нејзиното и нејзините товари ќе бидат за половина полесни. Зар децата не се толку негови колку и нејзини? {АД 216.5}

Сопругата може на себе да ги става товарите кои ги смета за позначајни отколку да му помогне на својот сопруг во носењето на неговиот дел од одговорноста и тоа може да се појави и во животот на сопругот. Она што е важно е нежната служба за другиот. Сопругот може да покаже склоност да излегува и да се враќа дома како да е потстанар, а не глава на семејството. {АД 217.1}

Должностите во домот се свети и значајни, но нив често ги следи здодевната монотонија. Многубројните грижи и непријатности можат да им здодеат, ако нема промена и весело опуштање кое сопругот и татко често.. може да го внесе ако сака или ако мисли дека тоа е потребно или неопходно. Животот на мајката дури и во едноставната животна средина претставува постојана жртва и станува уште потешка ако сопругот нема разбирање за тешкотиите на нејзината положба и не ѝ помогне во работата. {АД 217.2}

Обѕир кон изнемоштената жена. – Сопругот треба да покаже големо интересирање за своето семејство. Особена нежност би требало да покаже кон чувствата на својата изнемоштена сопруга. На овој начин ќе се затвори вратата на многу болести. Љубезните, весели и охрабрувачки зборови ќе дејствуваат поуспешно од најдобрите лекови. Тоа ќе го охрабри изнемоштеното и обесхрабрено срце, а среќата и ведрината внесена во семејството со љубезни постапки и охрабрувачки зборови ќе биде плата за вложениот труд. Сопругот треба да знае дека главниот дел од товарот во поглед на воспитувањето на децата го сноси мајката, таа најмногу придонесува за изградба на нивниот ум. Ова би требало во него да предизвика најнежни чувства и така од своја страна да ги олесни нејзините товари. Тој би требало да ја поттикне да се потпре на неговата голема љубов и нејзините мисли да ги насочи кон небото, таму каде што се наоѓа силата и мирот и целосниот одмор за уморните. Тој не би требало да дојде дома со намуртено лице, туку со својата појава треба да внесе сончева светлина во семејството и да ја охрабри својата сопруга да гледа горе и да верува во Бога. Заедно можат да се потпрат на Божјите ветувања и да ги внесат Неговите богати благослови во семејството. {АД 217.3}

„Јас ќе одам полека..”. – Многу сопрузи и татковци можат да научат полезна поука од грижливоста на верниот пастир. Кога Исав му предложил на својот брат побрзо да појдат на тежок пат, Јаков одговорил: {АД 218.1}

„Мојот господар знае дека овие деца не се силни и дека имам овци и крави доилки и ако ги потерам еден ден, ќе ми изгине целото стадо. Туку а господарот мој оди нека напред пред својот слуга, а јас ќе одам полека колку што можат децата и добитокот..”. {АД 218.2}

Таткото и сопруг нека „оди полека“ по тешкиот животен пат, колку што може да го следи неговиот сопатник. Среде трката за богатство и моќ, таткото нека ги успори своите чекори, за да го утеши и охрабри оној кој е повикан да чекори покрај него… {АД 218.3}

Сопругот треба да ѝ помогне на својата сопруга со своето сочувство и непресушна љубов. Ако сака да ја сочува во свежина и радост, и понатаму да биде сонце во домот, нека и помогне во носењето на нејзините товари. Неговата љубезност и учтивост полна со љубов за неа ќе биде скапоцено охрабрување, а среќата која ја дава на нејзиното срце, ќе ја исполни со радост и мир… {АД 218.4}

Ако на мајката ѝ се скрати потребната грижа и утеха, ако ѝ се дозволи да ја исцрпи својата сила со прекумерна работа или со грижи и потиштеност, нејзините деца нема да имаат животна сила, умствена способност и ведрина на духот кои би требало да ги наследат. Подобро би било да се разубави и развесели мајчиниот живот, да се заштити од сиромаштија, заморна работа и тешки грижи и да им се овозможи на децата да го наследат здравиот организам, за да можат да се пробијат во животот со сопствени сили. {АД 218.5}