Работа која не може да се пренесе на друг
Адвентен дом
Работа која не може да се пренесе на друг
Одговорности кои само родителите можат да ги исполнат. – Родители, вие носите одговорности кои никој друг не може да ги носи наместо вас. Сѐ додека сте живи, вие пред Бога сте одговорни да се држите до Неговиот пат… Родителите на кои Божјата реч им е водач, кои се свесни дека нивните деца во изградбата на својот карактер се зависни само од нив, ќе се потрудат да дадат пример кој нивните деца ќе можат во целост да го следат. {АД 187.1}
Татковците и мајките се одговорни за здравјето, личната природа и развојот на карактерот на своите деца. На никој друг не треба да се довери оваа работа. Кога ќе станете родители, должни сте да соработувате со Бога, воспитувајќи ги во согласност со здравите начела. {АД 187.2}
Колку е тажно што многу родители ја запоставуваат одговорноста која Бог им ја дал за децата и ја препуштаат да ја завршат туѓинци! Таквите се подготвени да им ја препуштат на другите работата околу своите деца и да се ослободат себеси од сите такви товари. {АД 187.3}
Мнозина кои сега ја оплакуваат расипаноста на своите деца, треба да се обвинуваат самите себе. Таквите нека ја отворат својата Библија и нека видат што очекува Бог од нив како родители и чувари. Нека ги прифатат своите долго запоставувани должности. Ним им е потребно да се понизат и покајат пред Бога што ги запоставиле Неговите упатства за воспитување на своите деца. Тие мораат да го остават својот досегашен пат и одлучно и внимателно да ја следат Библијата како свој водач и советник. {АД 187.4}
Црквата сама не може да ја преземе оваа должност. – О, кога младината и децата би го дале своето срце на Христа! Од нив би станала голема војска, која би ги довела другите кон правдата! Но родителите не смеат оваа работа да ја препуштат само на црквата. {АД 188.1}
Не е одговорен само проповедникот. – Префрлате на проповедникот огромни одговорности и го сметате за одговорен за душите на своите деца, а не ја чувствувате својата лична одговорност како родители и воспитувачи… Вашите синови и ќерки се расипуваат со вашиот пример и несигурните начела. И сега, покрај овој недостаток на домашно воспитание, очекувате проповедникот да ги предвиди вашите секојдневни пропусти и да создаде чудесен успех во облагородувањето на срцата и животот со праведност и побожност. Кога проповедникот направил сѐ што можел за црквата, со верни и срдечни советувања, трпеливи проучувања и страсна молитва да ги врати и спаси душите, а не успеал во тоа, татковците и мајките често го обвинуваат затоа што нивните деца не се обратени, иако можеби причина за тоа е нивното невнимание. Товарот почива на родителите. Дали тие ќе ја прифатат работата која Бог им ја доверил и верно ќе ја извршат? Дали тие ќе појдат напред и нагоре, трудејќи се понизно, трпеливо и истрајно самите да ја постигнат возвишената цел и да ги подигнат своите деца со себе? {АД 188.2}
Зар има малку родители коишто своите одговорности ги препуштаат на другите? Зар се малку оние кои мислат дека проповедникот треба да го преземе овој товар и да настојува нивните деца да се обратат и да го примат Божјиот печат на своите чела? {АД 188.3}
Ниту саботна школа. – Предноста на секој родител е да им помогне на своите деца да го стекнат она знаење коешто подоцна ќе го понесат со себе во животот. Меѓутоа, од различни причини многу родители не сакаат децата да им примаат верски поуки. Тие се задоволни што нивните деца на саботните богослуженија примаат поуки за своите одговорности кон Бога, кои тие биле должни да им ги дадат. Таквите родители треба да знаат дека Бог од нив очекува да ги воспитаат, поучат и образуваат своите деца, укажувајќи им дека е потребно да го обликуваат карактерот за сегашниот и иден живот. {АД 188.4}
Не очекувајте од учителот во саботното училиште да ја извршува вашата работа во поучувањето на децата да појдат по патот по кој треба да одат. Саботните богослужби се голем благослов; тие можат да ви помогнат во работата, но вас никогаш не можат да ве заменат. Бог на сите родители им предал одговорност да ги доведат своите деца кај Исуса, учејќи ги како да се молат и да веруваат во Божјата реч. {АД 189.1}
Во воспитувањето на своите деца, не ги оставајте настрана големите и библиски вистини со верба дека саботното училиште и проповедникот ќе ја завршат вашата запоставена работа. Библијата не е толку света и возвишена за да не смее секојдневно да се отвора и грижливо да се проучува. Вистината на Божјата реч мора да влезе во секој животен момент. Ако тие вистини се ценат, тие ќе го просветлат секојдневниот живот, потврдувајќи ја вредноста од послушноста и откривајќи ги начелата за обликување на вистинскиот карактер. {АД 189.2}

