Свет круг
Адвентен дом
Свет круг
Светоста на семејниот круг. – Околу секое семејство постои свет круг кој треба да се сочува. Никој нема право да го повреди овој свет круг. Сопругот и сопругата треба да бидат сѐ еден на друг. Жената не треба да има тајни за коишто нејзиниот маж не треба да знае, а другите да знаат; мажот исто така не треба да има тајни коишто ги крие од својата жена, а ги открива на другите. Срцето на неговата жена мора да биде гроб во кој се закопани сите маани на нејзиниот маж, а срцето на мажот исто така гроб којшто ги крие сите слабости на неговата жена. Никогаш едната страна не треба да прави шеги со чувствата на другата страна. Никогаш ниту на шега ниту на било кој друг начин мажот или жената не треба пред другите да се пожалат од својот брачен другар, затоа што таквата неразумна и навидум невина шега која често се повторува, може да заврши со несреќа и можеби отуѓување. Ми беше покажано дека околу секое семејство мора да постои света ограда. {АД 177.1}
Семејниот круг мора да се смета за свето место, претслика на небото, огледало во кое се гледа нашиот лик. Ние можеме да имаме пријатели и познаници, но тие не треба да се мешаат во нашиот семеен живот. Во семејството мора да владее чувство на цврсто заедништво што ќе обезбеди атмосфера на мир, спокојство и доверба. {АД 177.2}
Јазикот, ушите и очите мораат да бидат осветени. – Членовите на семејниот круг треба да се молат на Бога да го освети нивниот јазик, нивните уши и нивните очи и секој дел од нивното тело. Кога ќе се соочат со злото, тоа не мора да ги надвладее. Христос овозможил карактерот да биде мирис на доброто… {АД 177.3}
Колкумина има кои го срамотат Христа и кои погрешно го претставуваат Неговиот карактер во семејниот круг! Колкумина има такви на кои им недостасува трпение, истрајност, простување и вистинска љубов! Мнозина нешто сакаат или не сакаат и сметаат дека имаат право да го искажат своето лошо расположение наместо да ја откријат Христовата волја, дела и карактер. Исусовиот живот е полн со добрина и љубов. Дали растеме во Неговата божествена природа? {АД 178.1}
Единство, љубов и мир. – Татковците и мајките свечено нека му ветат на Бога, како оние кои велат дека го слушаат и сакаат, дека со Негова милост, помеѓу нив никогаш нема да се појави несогласување туку дека со својот живот и природа ќе покажат дух кој сакаат да го имаат и нивните деца. {АД 178.2}
Родителите мораат да бидат внимателни и да не дозволат духот на несогласување да се вовлече во нивниот дом, затоа што тоа е едно од сатанските средства со кои може да влијае на карактерот. Ако родителите тежнеат кон единство во домот и дозволат начелата кои управувале со Христовиот живот, да се врежат во нивното срце, ќе исчезне несогласувањето, а ќе завладее единството и љубовта. Тогаш родителите и децата ќе имаат дел од дарот на Светиот Дух. {АД 178.3}
Сопружниците треба да знаат дека имаат доволно товар за носење и затоа не е потребно со несогласување да го упропастуваат својот живот. Оние кои дозволуваат да се појават мали несогласувања, го повикуваат сатаната во својот дом. Децата лесно го освојуваат духот на несогласување околу незначајните нешта. Лошите духови го изразуваат својот дел, наведувајќи ги родителите и децата да станат непослушни на Бога. {АД 178.4}
Иако во брак може да се појават тешкотии, сопружниците во своите срца треба да ја сочуваат Божјата љубов. Во мајката на своите деца, таткото треба да гледа суштество кое ја заслужува сета љубезност, нежност и сочувство. {АД 178.5}
Тајната на семејното единство. Одвојувањето од Христа е причина за поделба и раздор во семејството и црквата. Приближете се еден кон друг. Тајната на вистинското единство во црквата и во семејството не се постигнува ниту со дипломатија, ниту со господарење, ниту со вложување на натчовечки напори за отстранување на тешкотиите иако треба и тоа често да се направи туку во заедница со Христа. {АД 179.1}
Замислете еден голем круг, од чии рабови одат прави кон средината. Колку тие прави повеќе се приближуваат, толку се поблиску една до друга. {АД 179.2}
Така е и во христијанскиот живот. Колку повеќе се приближуваме до Христа, толку ќе бидеме поблиски еден до друг. Бог се прославува, кога Неговиот народ се соединува во заедничка работа. {АД 179.3}
Да си помогнеме еден на друг. – Семејството е света општествена заедница во која секој член е подготвен да го исполни својот дел помагајќи им на другите. Работата во домаќинството треба да тече без застој, како што се движат различните делови на добро штелувана машина. {АД 179.4}
Секој член на семејството треба да сфати дека на него почива одговорност да ги извршува своите должности така што со тоа ќе придонесува за удобноста, редот и нормалниот живот на семејството. Никој не смее да работи против друг. Сите треба да се соединат во благородни напори и да се охрабруваат еден со друг, да покажат умереност, истрајност, трпение, да зборуваат тивко и мирно, избегнувајќи ја вознемиреноста; секој треба да направи колку што може повеќе за да ги олесни товарите на мајката… {АД 179.5}
Секој член на семејството треба добро да го знае својот дел од работата кој треба да го изврши во заедницата со другите. Сите, од шестгодишно дете, па нагоре, треба да знаат дека од нив се очекува да го носат својот дел од животниот товар. {АД 180.1}
Една добра одлука. – Во домот и на секое друго место морам да напредувам во милоста, која ќе им даде морална сила на сите мои постапки. Во домот морам да внимавам на својот дух, на своето однесување и на своите зборови. Морам да посветам многу време за стекнување на лична култура за да се вежбам и воспитувам во духот на добрите начела. Морам да бидам пример за другите. Морам дење и ноќе да размислувам за Божјата реч и да ја внесам во својот секојдневен живот. Мечот на Светиот Дух, Божјата реч, е единствениот меч кој можам безопасно да го употребам. {АД 180.2}

