Децата како благослов

Адвентен дом

Децата како благослов

Бог планирал за семејствата. – Оној кој ја дал Ева на Адам како помошничка… одредил мажите и жените да се поврзуваат во света врска на брачната заедница, да подигнуваат семејства чиишто членови, венчани со честа, ќе станат признати членови на небесното семејство. {АД 159.1}

Децата се Господово наследство, а ние сме му одговорни за управување со Неговата сопственост… Родителите треба со љубов, вера и молитва да работат за своите домашни, така што тие ќе можат радосно да пристапат кон Бога и да речат: „Еве ме мене и децата коишто Бог ми ги даде“ (Исаија 8:18) {АД 159.2}

Куќата без деца е пуста. Срцата на домашните се во опасност да станат себични, да негуваат љубов кон себе, да ги исполнуваат своите желби и да ја изградуваат својата удобност. Тие негуваат сочувство само кон себе си и малку можат да го подарат на другите. {АД 159.3}

Совет до еден брачен пар без деца. – Себичноста која различно се манифестира, според ситуациите и личниот начин на животот на поединецот, мора да умре. Кога би имале деца, би биле принудени да заборавите на себе и да се грижите за нив, да ги поучувате и да им бидете пример, и тоа за вас би била предност… Кога само вие двајца го сочинувате семејството, како што е случај со вас и кога нема деца кои би го барале вашето трпение, истрајност и вистинска љубов, морате да бидете постојано будни за да не загосподари себичноста, а вие сами на себе да станете центар на внимание барајќи грижа и помош за која мислите дека не сте должни да ја дадете никому. {АД 159.4}

Мнозина телесно и умствено се болни затоа што своето внимание го насочиле исклучиво на себе. Таквите би се извлекле од мртвилото со здравата виталност на младите разновидни мисли и немирната енергија на децата. {АД 160.1}

Грижата за деца развива благородни особини. – Искрено се интересирам за сите деца, затоа што и јас самата страдав во раната младост. Преземав грижа за многу деца и секогаш сум чувствувала дека дружењето со детската простодушност за мене беше голем благослов… {АД 160.2}

Сочувството, истрајноста и љубовта кои се бараат во работата со децата ќе биде благослов за секое семејство. Тоа би ги омекнало и потчинило строгите карактерни црти во животот на оние кои треба да бидат поведри и посмирени. Присуството на едно дете во домот засладува и облагородува. Детето подигнато во Господов страв е благослов. {АД 160.3}

Грижата и љубовта за децата кои зависат од нас, ја отстрануваат грубоста од нашата природа, нѐ прави нежни и сочувствителни и ги развива благородните црти во нашиот карактер. {АД 160.4}

Детското влијание врз Енох. – Добивајќи прво дете, Енох постигнал повеќе искуство; добил поблизок однос со Бога. Како Божје дете, целосно ги разбрал своите должности и одговорности. Кога ја доживеал детската љубов кон таткото, неговата едноставна доверба во татковата заштита; кога почувствувал длабока нежност во своето срце кон тој првороден син, стекнал скапоцена поука за прекрасната Божја љубов кон луѓето со дарот на Неговиот Син и довербата којашто Божјите деца треба да ја имаат во својот небесен Татко. {АД 160.5}

Скапоцен аманет. – Децата се доверени на родителите како скапоцен аманет, кој еден ден Бог ќе го бара од нивните раце. Во нивното воспитание, треба да вложиме повеќе време, повеќе грижа и повеќе молитви. Ним им се потребни повеќе такви вистински упатства… {АД 161.1}

Запомнете дека вашите синови и ќерки се помлади членови на Божјото семејство. Тој ги доверил на ваша грижа да ги воспитате и да ги подготвите за Небото. Вие морате на Бога да му дадете одговор за начинот на кој го исполнувате овој свет аманет. {АД 161.2}