Среќна, успешна заедница

Адвентен дом

Среќна, успешна заедница

Првата заедница се изградува во текот на целиот живот. – За да може човекот правилно да го сфати бракот, потребен е цел живот. Оние кои стапуваат во брак, влегуваат во училиште кое цел живот нема да го завршат. {АД 105.1}

Без оглед колку внимателно и мудро стапиле во брак, малку брачни партнери се целосно соединети веднаш по венчавката. Вистинската брачна заедница се создава дури во годините кои доаѓаат. {АД 105.2}

Кога младиот пар ќе се соочи со животот кој ги носи своите товари и грижи, романтичната љубов со која фантазијата толку често го обвиткува бракот, брзо исчезнува. Сопругот и сопругата го откриваат карактерот еден на друг онака како што тоа не било возможно во текот на нивното претходно дружење. Тоа е најкритичниот дел од нивниот живот. Среќата и полезноста за целиот нивен иден живот зависи од правиот пат на кој тргнуваат. Често еден на друг си ги откриваат неочекуваните слабости и недостатоци; но срцата коишто се соединети во љубов исто така ќе ги забележат добрите, досега непознати страни. Сите нека се трудат да ги откријат добрите, а не лошите страни. Често нашиот став и атмосферата која нѐ опкружува, ќе одлучат што нашиот животен партнер ќе открие во нас. {АД 105.3}

Љубовта мора да се истражи и тестира. – Љубовта може да биде чиста како кристал и убава во својата чистота; сепак таа може да биде плитка сѐ додека не се истражи и не се испроба. Направете Христос да ви биде прво и последно и најскапо во сѐ. Тој секогаш нека ви биде пред очите на патот на искушението, и вашата љубов кон Него ќе станува, од ден на ден, сѐ подлабока и посилна. И кога вашата љубов кон Него постојано расте, тогаш и вашата љубов еден кон друг ќе стане сѐ подлабока и посилна. {АД 105.4}

Иако може да се појават тешкотии, неволји и обесхрабрувања, ниту сопругот ниту сопругата нека не и дадат место на помислата дека нивната заедница е грешка или разочарување. Одлучете да бидете еден кон друг сѐ што е возможно. Постојано нека ви биде на прво место партнерот. Трудете се еден со друг да се охрабрувате во војувањето на животните борби. Проучувајте како ќе ја зголемите среќата еден на друг. Негувајте ја меѓусебната љубов и попустливост. Тогаш бракот, наместо да биде крај на љубовта, ќе стане нејзин почеток. Топлината на вистинското пријателство, љубовта која го врзува срцето за срце, е предзнак на небесната радост. {АД 106.1}

Сите треба да го негуваат трпението, вежбајќи се во трпеливост. Кога сте љубезни и трпеливи, вистинската љубов ќе ја задржи топлината во вашето срце и ќе ги развиете особините кои Небото ги одобрува. {АД 106.2}

Непријателот ќе се труди да внесе раздор. – Сатаната секогаш е подготвен да ја искористи можноста кога ќе се појават несогласувања. Поттикнувајќи ги сомнителните наследни карактерни црти кај сопругот или сопругата, тој ќе се обиде да внесе раздор помеѓу оние кои со свечен завет пред Бога ги соединиле своите интереси. Со брачниот завет ветиле дека ќе бидат едно, при што сопругата му ветила на сопругот љубов и послушност, а мажот на сопругата љубов и охрабрување. Ако го слушаат Божјиот закон, демонот на расправија нема да има пристап до семејството, и за тоа нема да дојде до разлики во интересите, ниту до меѓусебно отуѓување. {АД 106.3}

Совет упатен на брачен пар со силна волја. – Ниту жената ниту мажот не смеат да тежнеат кон владеење. Господ дал начела кои во тоа треба да се почитуваат. Сопругот треба да ја сака својата сопруга исто како што Христос ја сака црквата. А сопругата треба да го почитува и сака својот сопруг. Двајцата треба да го негуваат духот на љубезноста; тие треба да бидат одлучни никогаш меѓусебно да не се разжалостат ниту да се повредат… {АД 106.4}

Не се обидувајте да го натерате својот брачен партнер да постапува според вашите желби. Не можете да го правите тоа и да ја сочувате меѓусебната љубов. Покажувањето на самоволие ќе го наруши мирот и среќата во домот. Не дозволувајте во вашиот брак да дојде до расправија. Ако го направите тоа, и двајцата ќе бидете несреќни. Бидете љубезни во зборовите и нежни во постапките, одрекувајќи се од своите желби. Бдејте над своите зборови, затоа што тие силно влијаат на доброто или на злото. Не дозволувајте во вашиот глас да се почувствува острина. Внесете ја во својот соединет живот привлечноста на Христовата личност. {АД 107.1}

Изразете ја љубовта со зборови и постапки. – Има многу луѓе кои изразувањето на љубов го сметаат за слабост и го задржуваат ставот кој ги одбива другите. Таквиот дух оневозможува изразување на симпатија. Кога желбата за друштвеност и великодушност се потиснува, таа се суши и срцето станува пусто и ладно. Треба да се чувате од такви заблуди. Љубовта не може долго да опстане ако не се изразува. Не дозволувајте срцето кое е поврзано со вас да умре од недостаток на љубезност и сочувство… {АД 107.2}

Секој нека се труди да даде љубов, а не да бара. Негувајте го она што е во вас најоблагородено и бидете брзи во воочувањето на туѓите добри особини. Свеста за тоа да цениме некого е особено поттикнување и извор на задоволство. Сочувствувањето како и почитувањето ги поттикнуваат напорите за постигнување на совршенство, а самата љубов се зајакнува кога се поттикнува да исполнува поблагородни цели. {АД 107.3}

Причината што во нашиот свет постојат толку мажи и жени со тврдо срце, се наоѓа во тоа што вистинската чувствителност се смета за слабост; луѓето се трудат да ја задушат во себе. Подобриот дел од природата на таквите луѓе е расипан и закржлавен уште во детството. Ако зраците на божествената светлина не можат да ја стопат ладнокрвноста и себичноста на тврдото срце, секој таков човек засекогаш ја погребува својата среќа. Ако сакаме да имаме нежно срце, како што било Исусовото срце, додека бил на Земјата, и посветени чувства, какви што имаат ангелите за грешните смртници, ние мораме да ги негуваме чувствата уште од своето детство. Тогаш ќе бидеме очистени, облагородени и раководени според небесните начела. {АД 107.4}

Ние во нашите семејства внесуваме премногу грижи и товар, а премалку ги негуваме природната едноставност, мирот и среќата. Треба што помалку да се грижиме за она што ќе каже светот, а да бидеме што повеќе внимателни кон членовите од семејниот круг во својот дом. Во домот треба што помалку да се истакнува однесувањето според световната учтивост, а да се покаже што поголема нежност и љубов, ведрина и христијанска учтивост. Мнозина треба да научат како да го направат домот попривлечен, да стане место на радост. Благодарните срца и љубезните погледи вредат повеќе од имотот и луксузот, а задоволството во едноставните работи ќе го направи домот среќен ако во него владее љубов. {АД 108.1}

Вредноста на малите вниманија. – Бог нѐ испитува и нѐ искушува во малите случувања во животот. Многу ситници го откриваат она што е во нашето срце. Малите вниманија, многу мали примери на едноставна услужливост во животот ја претставува севкупноста на животната среќа; а токму запоставувањето на љубезните, охрабрувачки и сочувствителни зборови и мали вниманија во животот е она што го сочинува збирот од животната несреќа. На крајот ќе се види дека самоодрекувањето во полза на доброто и среќата на оние кои се околу нас претставува голем дел од извештајот кој небото го чува за нас. {АД 108.2}

Сопруг кој не ги изразил своите чувства. – Домот во кој владее љубовта, во кој таа се изразува со зборови, погледи и дела е место на кое ангелите сакаат да престојуваат и да го осветлуваат со зраците на славата. Во него едноставните домашни должности се привлечни за сите. Во такви услови ниту една животна должност нема да биде непријатна за твојата сопруга. Таа ќе ги извршува со радосно срце, а и самата ќе биде зрак на светлина за сите кои живеат околу неа; а во своето срце ќе му пее на Господа. Таа сега чувствува дека не ѝ припаѓаат чувствата на твоето срце. Ти си ѝ дал можност да дојде до тој заклучок. Ти ги извршуваш потребните должности кои како глава на семејството треба да ги извршуваш, но нешто ти недостасува. Постои сериозен недостаток на скапоценото влијание на љубовта кој се огледува во љубезните постапки. Љубовта треба да се види во погледите и однесувањето, а се чувствува во гласот. {АД 109.1}

Разочарана сопруга која мисли само на себе. – Моралниот карактер на оние кои се соединуваат во бракот или се подига или се понижува со меѓусебното дружење. Набрзо по венчавката, ниската, лажлива, себична и неприбрана природа го започнува своето дело на уништување. Ако момчето направи мудар избор покрај себе, ќе има личност која до крајот на своите можности ќе го носи својот дел на животниот товар, која ќе го облагороди и усреќи со својата љубов. Но ако сопругата има непостојан карактер, ако има добро мислење за себе, ако има преголеми барања, ако е склона на префрлање, ако го обвинува мажот за нагоните и чувствата кои се производ само на нејзината сопствена расипана природа; ако нема способност за расудување и не е во состојба да ја препознае неговата љубов, ниту да ја цени, туку зборува за запоставување и недостаток на љубов затоа што не ја исполнува секоја нејзина желба, таа сигурно ќе ја предизвика онаа состојба против која зборува. Сите овие обвинувања таа ќе ги претвори во реалност. {АД 109.2}

Особини на дружељубива сопруга и мајка. – Наместо да потоне во секојдневието на домашните работи, сопругата и мајка нека одвои време за читање, за да може да биде добро информирана и така да може да биде пријател на својот сопруг и да може да оди во чекор со развојот на умот на своите деца. Мудро нека ги употребува можностите кои ѝ се нудат за да може своите мили да ги насочи на пат кон повозвишен живот. Нека земе време за својот сакан Спасител да го направи секојдневен Другар и Пријател. Нека најде време за да ја проучува Неговата реч и со своите деца нека појде во природа за да ги учи за Бога, откривајќи ја убавината на Неговите дела. {АД 110.1}

Секогаш нека биде ведра и расположена. Наместо секој момент да го поминува во бескрајно шиење, вечерта нека ја претвори во пријатни дружељубиви состаноци, кога семејството се собира по дневните обврски. Тоа многу мажи ќе ги задржи да останат во домот, а не да појдат во некој клуб или локал. Многу момчиња ќе бидат сочувани од улицата или локалите на аголот, а и од многу девојки кои би служеле како заводливо друштво. Влијанието во домот, ако биде во согласност со Божјите замисли, ќе стане доживотен благослов за родителите и децата. {АД 110.2}

Брачниот живот не е романса; во него се јавуваат вистински тешкотии и сѐ останато што го сочинува семејниот живот. Сопругата не смее да се смета себе си за кукла која постојано нешто негодува, туку жена која треба да го подаде своето рамо, за вистински, а не за измислени товари, која треба да живее живот полн со разбирање, имајќи на ум дека е потребно да мисли за другите, а не за себе… Реалниот живот има свои сенки и таги. Секој мора да доживее неволји. Сатаната постојано работи за да ја наруши верата и уништи храброста и надежта во човекот. {АД 110.3}

Совет до еден несреќен брачен пар. – Вашиот брачен живот е многу сличен на пустина со многу малку зелени места на кои со благодарност би можеле да се сеќавате. А не би требало да биде така. {АД 111.1}

Како што огнот не може да се одржува ако не му додадеме гориво, така ниту љубовта не може да постои ако не се изрази со видливи постапки. Ти брате Ц. си сметал дека е под твоја чест со љубезни постапки да ја покажеш нежноста и да побараш можност со љубезни зборови и дела да ѝ ги изразиш своите чувства на својата сопруга. Ти си превртлив во своите чувства и на тебе околностите многу силно влијаат… Кога си одиш од работа, остави ги своите работни грижи, тешкотии и неволји. Врати се кај своето семејство со насмевка на лицето, со сочувство, нежност и љубов. Тоа ќе биде подобро отколку да трошиш на лекови и лекари за својата сопруга. Таквата постапка ќе биде здравје за телото и душата. Вашиот живот бил многу несреќен. И двајцата сте учествувале во тоа. На Бога не му е мила вашата несреќа, вие сте ја навлекле на себе со недостаток на самосовладување. {АД 111.2}

Дозволете им на чувствата да господарат. Ти брате Ц. мислиш дека е под твоја чест да покажеш љубов, да зборуваш љубезно и сочувствително. Ти мислиш дека сите нежни зборови се непотребни и дека се израз на попустливост и слабост. Нивното место го заземаат острите зборови, зборови на несогласување, расправии и укор… {АД 111.3}

Во вас нема ниту трага од духот на задоволството. Вие се занимавате со своите тешкотии, замислени потреби и сиромаштија која е далеку од вас, а ја гледате како да е на вашата врата. Се чувствувате погодени, збунети, измачени. Вашиот мозок ви се чини дека гори, а вашиот дух е потиштен. Вие не ја негувате Божјата љубов и благодарноста на срцето за сите благослови кои ви ги пружил Вашиот љубезен небесен Татко. Вие ја гледате само непријатноста во овој живот. Некаков вид на световно лудило ве завиткал во густа темнина. Сатаната се радува, затоа што знае дека ќе живеете во беда, иако на дофат на рака ви е мирот и среќата. {АД 112.1}

Награда за меѓусебно трпение. – Без заедничко трпение и љубов нема сила на Земјата која тебе и твојот сопруг би можела да ве задржи во врската на христијанското единство. Вашата заедница во бракот треба да биде тесна и нежна, света и возвишена. Таа во вашиот живот треба да зрачи со духовна сила, за да бидете еден на друг сето она што го бара Божјата реч. Кога ќе го постигнете степенот кој Господ сака да го постигнете, ќе најдете небо на Земјата, а Бога во својот живот. {АД 112.2}

Сетете се, мили мои брате и сестро, дека Бог е љубов и дека со Неговата милост можете да успеете взаемно да се усреќите, како што тоа го ветивте во венчалниот завет. {АД 112.3}

Ако го земат Христа за свој помошник, мажите и жените можат да го постигнат идеалот кој Бог им го поставил. Она што не може да го направи човечката мудрост, ќе го направи Неговата милост за оние кои Му се предаваат со целосна доверба. Неговата светлина може да ги поврзе срцата со небесните врски. Љубовта нема да биде само разменување на нежни и ласкави зборови. На небесниот разбој исто така се ткае со основата и со потката, но многу поцврсто отколку што може да се исткае на земјениот разбој. Производот не е некоја проѕирна ткаенина туку ткаенина која ќе ги издржи сите испити и искушенија. Срцето ќе биде врзано за срце со златни врски на љубовта кои никогаш нема да се раскинат. {АД 112.4}