Свечени ветувања

Адвентен дом

Свечени ветувања

Божјата намера за мажот и жената. – Бог од човекот направил жена за да му биде другар и помошник, да биде едно со него, да го бодри, храбри и да му биде на благослов, а тој да ѝ биде нејзина поткрепа. Сите оние кои со света намера стапуваат во брачната заедница мажот да стекне чиста љубов од срцето на жената, а жената да го омекнува и усовршува карактерот на својот маж ја исполнуваат Божјата намера. {АД 99.1}

Христос не дошол да ја укине оваа установа, туку да ѝ ја врати првобитната светост и возвишеност. Тој дошол во човекот да го обнови Божјото морално обличје, а Своето дело го започнал со посветување на брачната заедница. {АД 99.2}

Оној кој ја дал Ева на Адам како помошник, го направил Своето прво чудо на една свадбена свеченост. Во свадбениот дворец, во кој роднините и пријателите се радувале, Христос ја започнал Својата јавна служба. Со тоа ја потврдил светоста на бракот, признавајќи го како заедница која Тој ја основал. Тој одредил мажите и жените да се поврзуваат со света врска во брачната заедница, да се подигнат семејства, чии членови, поврзани со честа ќе бидат признати како членови на небесното семејство. {АД 99.3}

Исус сака среќни бракови. – Божјата љубов, која зрачи од Христа никогаш не уништува, туку ја опфаќа човековата љубов. Таа ја чисти и посветува човековата љубов, ја подига и облагородува. Човечката љубов никогаш не може да го донесе својот скапоцен род сѐ додека не се соедини со божествената природа и така поттикната да расте кон Небото. Исус сака да види среќни бракови, среќни семејни огништа. {АД 99.4}

И бракот, како и секој друг добар Божји дар, кој е даден за одржување на човештвото, е расипан со гревот; целта на евангелието е да ја обнови неговата чистота и убавина… {АД 100.1}

Христовата милост, и единствено таа, може оваа заедница да ја направи она што Бог сакал да биде средство за благословување и подигање на човештвото. Така земното семејство со своето единство, мир и љубов можат да го претстават небесното семејство. {АД 100.2}

Состојбата во човечкото општество претставува жалосен остаток на небесниот идеал за овој свет однос. Меѓутоа, и за оние кои што ја вкусиле горчината и разочарувањето таму каде што се надевале на заедница и радост, Христовото евангелие им нуди утеха. {АД 100.3}

Радосен момент. – Светото писмо вели дека Исус и Неговите ученици биле повикани на свадбена свеченост (во Кана). Христос не одобрил оние кои биле повикани на свадбената свеченост да речат: Ние не треба да бидеме учесници на тој радосен момент. Со учествувањето на оваа свадбена свеченост, Христос нѐ учи дека треба да се радуваме со оние коишто радосно се придржуваат до Неговите прописи. Тој никогаш не нѐ одвраќал од присуството на скромните човечки свечености кои се одржувале во согласност со небесните закони. Кога Исус можел да го почести таквиот собир со Своето присуство, правилно е и Неговите следбеници да бидат присутни. Бидејќи присуствувал на оваа свеченост, Христос присуствувал и на многу други, кои ги осветил со Своето присуство и упатствата што им ги дал. {АД 100.4}

Расфрлање, претерување и неприбрано веселење не одговараат на свадбената свечаност. – Денес свадбените свечености се претворија во расфрлање, претерано трошење и во попуштање на себе си. Ако двете страни ги усогласат своите верувања и постапки и бидат доследни во сѐ, а церемонијата се врши без расфрлање и претерување, тогаш оваа свеченост може да му биде угодна на Бога. {АД 100.5}

Немаме причина тоа да го претвориме во скапа свеченост или расфрлање дури и тогаш ако двете страни се совршено усогласени. {АД 101.1}

Отсекогаш ми изгледало недолично кога сум видела свадбена свеченост здружена со недолична веселба и радост и претерување. Не. Тоа е обред што Бог го воспоставил, на кој треба да гледаме со најголема сериозност. Семејната заедница обликувана на Земјата, треба да биде пример за она што навистина треба да биде семејство на небото. Божјата слава секогаш треба да биде на прво место. {АД 101.2}

Венчавка во домот на Вајтови. – Во вторник, околу 11 часот, нашата голема трпезарија беше подготвена за свадбената свеченост. Братот Б. ја најави церемонијата за венчавање, и сѐ убаво се заврши. Мене ме повикаа да се заблагодарам на Бога на крајот на венчавката. Господ ми даде особена слобода. Божјиот Дух го омекна и покори моето срце. Во оваа ситуација немаше непромислени зборови; сѐ на оваа венчавка беше свечено и свето. Сѐ беше со возвишен карактер и сѐ оставаше длабок впечаток. Господ го благослови ова венчавање и денес тие двајца ги соединија своите интереси во работа на мисионерско поле, да ги бараат и спасуваат изгубените. Бог ќе ги благослови во нивната работа ако понизно одат со Него, целосно потпирајќи се на Неговите ветувања. {АД 101.3}

Два живота стопени во еден. – (Текстот содржи зборови од сестра Вајт, кои ги изговорила на една венчавка во Санаториум, во Калифорнија, 1905. година) Ова е значаен момент во животот на двајца млади, кои стојат пред вас со намера да ги соединат своите интереси, своите чувства, својата љубов, својот труд во работата на спасување на душите. Во брачната заедница е направен еден многу важен чекор два животи се стопуваат во еден… Божјата волја е мажот и жената да бидат поврзани во Неговата работа и да ја извршуваат со желба и во светост. Тие можат тоа да го направат. {АД 101.4}

Божјите благослови во домот, во кој постои ова единство е слично на сончевиот сјај, затоа што Господова волја е мажот и жената со света врска да бидат поврзани со Исуса Христа и Тој да ги надгледува, а Неговиот дух да ги води… {АД 102.1}

Бог сака домот да биде најсреќното место на Земјата, вистински симбол на небесниот дом. Прифаќајќи ја одговорноста во домот, поврзувајќи ги своите интереси со Исуса Христа, потпирајќи се на Неговата рака и Неговите ветувања, мажот и жената можат да ја делат среќата во оваа заедница, која ја одобруваат Божјите ангели. {АД 102.2}

Бракот не ја намалува туку ја зајакнува нивната полезност. Тие можат да го престорат својот брак во служба за придобивање на ближните за Христа. Знам за што зборувам, затоа што јас и мојот сопруг триесет и шест години бевме едно и одевме секаде каде што Бог нѐ праќаше. Во ова сме сигурни дека Бог ја одобрува брачната заедница. Затоа тоа е свечена церемонија… {АД 102.3}

И сега ја земам раката на овој наш брат… и ја земаме твојата, рака, сестро, како негова сопруга, и ве повикуваме заеднички да работите во Божјото дело. Ве повикувам: прифатете го Бога за свој советник. Стопете се, стопете се во едно. {АД 102.4}

Совет за младенците. – Драг брате и драга сестро! Вие сте се соединиле со еден доживотен завет. Со тоа започнало воспитувањето во вашиот брачен живот. Првата година од брачниот живот е во исто време и година на нови искуства, година во која сопругот и сопругата заемно почнуваат да ги проучуваат различните црти од својот карактер, како што детето ги учи своите задачи на училиште. Затоа во првата година од својот брачен живот не трпете ниту едно поглавје кое би можело да ја затемни вашата идна среќа… {АД 102.5}

Драг брате, животот, времето, силата и радоста на твојата жена се врзани со твоите. Твоето влијание на неа може да биде мил мирис за живот или смрт. Затоа внимавај да не го упропастиш нејзиниот живот. {АД 103.1}

Драга сестро, отсега треба да ги учиш своите први практични лекции за одговорностите во брачниот живот. Гледај верно да ги проучуваш овие лекции од ден во ден… Секогаш чувај се од себичноста. {АД 103.2}

Во вашата брачна врска вашите чувства нека бидат управувани така што повеќе ќе придонесуваат за радоста на другиот. Служете си еден на друг за радост. Тоа е Божјата волја во однос на вас. Иако сте обврзани да бидете едно, ниту еден од вас не смее да ја изгуби својата личност. Бог е сопственик на вашата личност. Само Него треба да го прашате што е добро а што не е; или: како можам да ја исполнам целта на својот живот? {АД 103.3}

Завет пред небесните сведоци. – Бог одредил меѓу сопружниците да владее совршена љубов и складност. Пред очите на вселената младоженецот и невестата нека ветат дека еден со друг ќе се сакаат како што одредил Бог… Сопругата треба да го почитува својот сопруг, а сопругот треба да ја сака и почитува својата сопруга. {АД 103.4}

Мажите и жените на почетокот на својот брачен живот, треба себеси повторно да се посветат на Бога. {АД 103.5}

Бидете непоколебливи и верни на својот брачен завет, отфрлајќи со мислите, зборовите или постапките да го нарушите својот извештај како човек кој живее во Господов страв и ги држи Неговите заповеди. {АД 104.1}