Вистинското обраќање е неопходно
Адвентен дом
Вистинското обраќање е неопходно
Верата темел на семејната среќа. – Верата во семејството е посебна сила. Однесувањето на мажот кон жената и на жената кон мажот може да биде такво, што животот во домот ќе биде подготовка за влез во небесното семејство. {АД 94.1}
Срцата кои се исполнети со Христова љубов не можат никогаш да се раздвојат. Религијата е љубов, а христијанскиот дом е место во кое владее љубовта и се изразува со зборови и постапки пронижани со вистинска љубезност и нежна учтивост. {АД 94.2}
Во домот верата е неопходна. Единствено таа може да спречи големи зла кои толку често го загорчуваат животот во бракот. Само таму каде што Христос владее може да има длабока, права, несебична љубов. Тогаш душата ќе биде врзана со душа и двајцата ќе бидат едно. Божјите ангели ќе бидат гости во таков дом и нивното свето присуство ќе ја направи света брачната соба. Понизната сетилност ќе биде изградена. Мислите ќе бидат подигнати кон Бога; нивните срца ќе му бидат посветени Нему. {АД 94.3}
Во секое семејство во кое Христос учествува ќе дојде до израз нежната грижа и љубовта еден кон друг; љубовта не се искажува само со повремени гушкања, туку е длабока и трајна. {АД 94.4}
Христијанството – единствено влијание. – Христијанството треба да влијае на бракот, но често се случува мотивите на кои е воспоставена оваа заедница да не се во согласност со христијанските начела. Сатаната постојано се труди да ја зајакне својата моќ над Божјиот народ, наведувајќи го да се поврзе со неговите слуги, а за тоа да го постигне, тој се труди да ги поттикне непосветените страсти на срцето. Меѓутоа, Господ во Своето Слово дава јасни упатства за Својот народ да не се соединува со оние во кои не живее Неговата љубов. {АД 94.5}
Совет за младенците. – Бракот, заедница за цел живот, е симбол за заедницата помеѓу Христа и Неговата црква. Духот кој Исус го покажал за Својата црква, е духот кој мажот и жената треба да го покажат во своите меѓусебни односи. Ако над сѐ Го љубат Бога, тие ќе се сакаат еден со друг во Господа, ќе постапуваат секогаш учтиво еден кон друг, единствени во сѐ. Со заедничко самоодрекување и пожртвуваност, тие ќе бидат благослов еден на друг… {АД 95.1}
Двајцата треба да бидете обратени. Никој од вас нема целосно сознание за послушноста кон Бога. Размислувајте за зборовите: „Оној што не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, растура“. Искрено се надевам дека и двајцата ќе станете вистински Божји деца, слуги на Оној кој ви доверил одредени одговорности. Тогаш мирот, довербата и верата ќе ги исполнат вашите срца. Двајцата можете да станете среќни, доследни христијани. Негувајте ја вештината на забележување, за да знаете како да го изберете доброто, а да го отфрлите злото. Проучувајте ја Божјата реч. Господ Исус сака да се спасите. Бог прекрасно те сочувал, драг мој брате, за твојот живот да биде од голема полза. Збогати го животот со сите можни добри дела. {АД 95.2}
Ако искрено не тежнеете да станете Божји деца, вие нема да знаете како да си помогнете еден на друг. Бидете секогаш нежни и внимателни еден кон друг, одрекувајќи се од своите желби и планови за да го усреќите другиот. Од ден во ден напредувајте во запознавање на самиот себе си. Од ден во ден можете да научите како да ги зајакнете слабите страни на својот карактер. Господ Исус ќе биде ваша светлина, ваша сила, ваш венец на радоста, затоа што својата волја сте ја покориле на Неговата волја… {АД 95.3}
Во вашето срце треба да живее Божјата милост која покорува. Не тежнејте за удобен и неактивен живот. Сите коишто се поврзани со Господовото дело мораат постојано да се чуваат од себичноста. Држете ја својата ламба исчистена и запалена. Тогаш нема да бидете незабележани во своите зборови и постапки. И двајцата ќе бидете среќни ако се трудите да си угодите еден на друг. Прозорците на својата душа затворете ги за земното, а отворете ги за небесното. {АД 96.1}
Ако го признаат Христа за свој личен Спасител, мажите и жените ќе го достигнат возвишениот идеал. Бдејте и молете се, покорете се на Бога. Сознанието дека се борите за вечен живот, ќе ве зајакне и ќе ве утеши. Со своите мисли, зборови и постапки треба да бидете светлина на светот. Покорете се на Господа, затоа што ви доверил свети должности, кои без тоа не можете правилно да ги извршите. Со вера во Исуса, вие не само што ќе ги спасите своите души, туку со зборови и пример ќе настојувате да ги спасите другите. Земете го Христа за свој пример. Подигнете го како Оној кој може да ви даде сила да победите. Целосно уништете го коренот на себичноста. Прославете Го Бога, затоа што сте Негови деца. Прославете го својот Спасител и Тој ќе ви даде место во Своето царство. {АД 96.2}
Петти дел
ПО ВЕНЧАВКАТА

