Кога советот е потребен

Адвентен дом

Кога советот е потребен

Барајте совет од Библијата. – Заснован од Бога, бракот е света заедница во која човекот никогаш не смее да стапи со себичен дух. Оние коишто мислат да го направат тој чекор, мораат најсвечено и со молитва да го разгледаат неговото значење и да побараат божествен совет, за да дознаат дали нивниот чекор е во склад со Божјата волја. Упатството кое во овој поглед го дава Божјата реч, мора внимателно да се разгледа. Небото со одобрување гледа на бракот кој е склопен со искрена желба да се усогласи со упатствата од Светото писмо. {АД 70.1}

Ако постои некоја постапка којашто треба мирно и непристрасно да ја разгледаш, тогаш тоа е сигурно бракот. Ако некогаш Библијата била потребна како советник, тогаш тоа е пред сѐ пред чекорот кој ќе поврзе двајца луѓе за цел живот. Меѓутоа, општо е мислењето дека во сето ова чувствата мораат да управуваат, а во најголем број случаи болната чувствителност го презема кормилото и води во сигурна пропаст. Во ова младите покажуваат помалку разумност отколку за било кое друго прашање. Токму тука ги одбиваат сите докази. Прашањето за бракот како целосно да ги маѓепсува. Тие не се покоруваат на Бога. Нивните сетила се преокупирани и тие тајно пристапуваат кон исполнување на своите планови плашејќи се некој да не им ги наруши. {АД 70.2}

Мнозина пловат во опасна насока. Нив им е потребен пилот. Меѓутоа, тие не сакаат да ја прифатат толку потребната помош, сметајќи дека сами можат да управуваат со својот брод, несвесни дека во секој момент можат да удрат во подводна карпа и да доживеат бродолом за својата вера и среќа… Ако внимателно не почнат да ја проучуваат Речта (Библијата) , ќе направат големи грешки, со кои ќе ја затемнат сопствената среќа и среќата на другите, како во овој така и во идниот живот. {АД 70.3}

Со молитва до правилна одлука. – Ако мажите и жените се молеле два пати на ден пред да почнат да размислуваат за бракот, сега треба да се молат четири пати на ден ако планираат таков чекор. Бракот влијае на вашиот живот како во овој така и во идниот свет… {АД 71.1}

Начинот на кој се склопуваат браковите во ова време, претставува еден од знаците на последните денови. Момчето и девојката толку се упорни, толку се тврдоглави, што тоа прашање го решаваат целосно без Бога. Религијата се остава настрана, како таа да нема ништо што да каже за тоа важно и возвишено прашање. {АД 71.2}

Заљубеноста не слуша совет. – Двајца се запознаваат; двајцата се заљубени еден во друг и не мислат повеќе на ништо друго. Умот е заслепен, за расудувањето нема повеќе место. Тие не се покоруваат на никакви совети, на никаква контрола, туку настојуваат да го прават она што им се допаѓа, без оглед на последиците. Заљубеноста е слична на епидемија, на заразна болест, која ништо не може да ја сопре. {АД 71.3}

Можеби околу нив има и такви кои сфаќаат дека бракот склопен под такви околности ќе им донесе доживотна несреќа. Но советите и опомените не се прифаќаат. Таквата врска можеби би ја ослабела или уништила полезноста од некој кој Бог би можел да го благослови во својата служба; но сите докажувања и уверувања се безуспешни. Сѐ што можат да кажат оние кои имаат животно искуство не може да помогне; невозможно е да се промени одлуката, која е плод на нивните желби. Тие ја губат желбата за молитвени состаноци и за сѐ што е поврзано со верата. Толку се заљубени еден во друг, што ги запоставуваат животните должности, како да се нешто безначајно. {АД 71.4}

На младите им потребна мудроста на староста и искуството. – Кога толку несреќи произлегуваат од бракот, зошто младите не би биле помудри? Зошто тие и понатаму мислат дека не им е потребен совет од постарите и поискусните? Мажите и жените покажуваат голема внимателност кога станува збор за деловните односи. Пред да прифатат некоја важна работа, тие за неа добро се подготвуваат. За неа посветуваат време, пари и грижливо размислување за да не бидат оштетени со таа работа. {АД 72.1}

Колку повеќе внимателност е потребна кога станува збор за склопување на браковите кои ќе влијаат на идното растење во вера и на идниот живот? Наместо тоа, во бракот често се влегува како на шега или лесноумно, според нагонот и страста, слепо без доволно размислување. Единствено објаснување за ваквата постапка е дека сатаната ужива во бедата и пропаста на луѓето околу кои се плете оваа мрежа. Тој се радува кога ќе види како овие неразумни личности ја губат радоста за овој свет и за својот дом во светот кој ќе дојде. {АД 72.2}

Ценете го зрелото родителско расудување. – Зар децата ќе ги слушаат само своите желби и склоности, а нема да водат сметка за судот и мислењето на своите родители? Некои ниту малку не сакаат да водат сметка за желбите и барањата на своите родители и не го земаат во обѕир нивното зрело расудување. Себичноста ја затворила вратата на нивното срце за љубовта кон родителите. Младите треба да обрнат внимание на ова прашање. Петата заповед е единствена заповед за која е врзано ветувањето; но таа многу често се гази и целосно се запоставува пред желбата за избрани кот. Многу момчиња и девојки грешат презирајќи ја мајчината љубов и татковата грижа. {АД 72.3}

Една од најголемите грешки на младите и неискусните е, што не сакаат некој друг да да ги допира нивните чувства, да се меша во нивната љубов. Овој проблем повеќе отколку било кој друг треба сестрано да се проучува. Неопходно е да се употребува искуството на другите и грижливо и мирно да го испитаме овој проблем од двете страни. Повеќето луѓе не водат сметка за овој проблем. Млади пријатели, барајте совет од Бога и од своите родители, кои имаат страв Господов. За ова молете се на Бога. {АД 73.1}

Доверете се на побожните родители. – Ако навистина сте благословени со тоа што имате побожни родители, барајте совет од нив. Откријте им ги своите надежи и планови, прифатете ги поуките кои ги добиле со животното искуство. {АД 73.2}

Кога децата би имале повеќе доверба во нив и кога би им ги откривале своите радости и таги, би избегнале многу неволји во иднина. Кога не знаат што да направат, нека го кажат проблемот на своите родители и нека бараат совет од нив. Кој, ако не побожните родители, може подобро да ги предупреди на опасноста? Кој може подобро од родителите да ја сфати нивната лична природа? Децата кои се христијани, пред сѐ ќе го ценат секој земен благослов на љубовта и одобрувањето од своите побожни родители. Родителите можат да ги разберат своите деца, да се молат за нив и со нив Бог да ги води и штити. Особено нивна должност е да ги упатат кон Пријателот и Советникот, кој никогаш нема да ги изневери. {АД 73.3}

Родителите треба да ги насочуваат чувствата на младите. – Татковците и мајките треба да знаат дека се должни да ги насочуваат чувствата на младите така што ќе ги засакаат само оние кои можат да бидат достојни другари. Треба да знаат дека нивна должност е со поуки и примери, и со помош на Божјата милост, така да го изградат карактерот на децата уште од нивните најмали години, што ќе бидат чисти и благородни и ќе ги привлекува само она што е добро и вистинито. Љубовта кон вистината, чистотата и добрината нека биде рано всадена во срцата на младите и тогаш тие ќе сакаат друштво од оние кои имаат исти доблести. {АД 74.1}

Примерот на младиот Исак. – Родителите никогаш не би требало да ја изгубат од вид сопствената одговорност за идната среќа на своите деца. Исаковото прифаќање на татковата одлука било последица од воспитувањето кое го научило да го сака животот на послушност. {АД 74.2}

Исак добил голема чест од Господа со тоа што бил поставен за наследник на ветувањето, со кое светот требало да биде благословен; иако ја навршил четириесеттата година, прифатил неговиот татко да му одреди еден искусен, побожен слуга да избере жена за него. Овој брак и неговите резултати, Светото писмо го прикажува во убава слика на среќно домашно огниште: „И ја однесе Исак во шаторот на Сара својата мајка; и ја зеде Ревека, и таа му стана жена, и ја засака. И Исак се утеши за својата мајка“. {АД 74.3}

Мудрите родители ќе бидат внимателни. – „Зар родителите, прашувате вие, ќе избираат брачен партнер, не земајќи ги во предвид мислењето и чувствата на синот или ќерката?“ Ви поставувам прашање: треба ли синот или ќерката да го изберат животниот партнер, а претходно да не се советуваат со родителите, ако нешто чувствуваат кон своите деца? Треба ли тогаш детето, не обрнувајќи внимание на советот и молбите од своите родители, да настојува да работи онака како што сака? Одлучно одговарам: Не, па дури и да не склучи брак. Петата заповед ја забранува таквата постапка. Таа гласи: „Почитувај ги таткото и мајката своја за да ти се продолжат деновите на земјата која ти ја дава Господ Богот твој“. Овде заповедта е со објаснување, кое Господ сигурно ќе им го исполни на оние коишто слушаат. Мудрите родители никогаш нема да го изберат партнерот за своите деца без почитување на нивните желби. {АД 75.1}

Четврт дел

ШТО ГО УСЛОВУВА УСПЕХОТ ИЛИ НЕУСПЕХОТ