4. РАДУВАЈТЕ СЕ ВО ИСКУШЕНИЈАТА
Среда, 23 септември 2026
а. Кога верникот ќе се соочи со искушение, што му е обезбедено за да може да победи во оваа духовна борба?
„Сите имаат неволји, болки кои тешко се поднесуваат, искушенија на кои тешко се спротивставуваат. Немојте за своите тешкотии да им кажувате на смртниците како што сте и вие, туку изнесете сè пред Бога во молитва. Придржувајте се кон правилото никогаш да не изговарате ниту еден збор на сомневање или обесхрабрување. Со своите зборови на надеж и на света радост, вие можете многу да сторите да го разведрите животот на другите и да ги подржите во нивните напори.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 119.
б. Зошто многумина се колебаат меѓу верата и сомнежот кога се искушувани и испитувани?
Што треба да направат? Матеј 14:28–31; Јаков 1:2.
„Многу храбри луѓе се болно притиснати од искушението, речиси се во опасност да потклекнат во борбата со себеси и со силите на злото. Немојте да ги обесхрабрувате во нивната тешка борба. Разведрете ги со зборови на охрабрување и надеж што ќе им дадат сила да тргнат напред. На тој начин од вас ќе зрачи Христовото видело. „Ниеден од нас не живее за себеси“ (Римјаните 14:7). Со нашето несвесно влијание, другите можат да бидат охрабрени и засилени, или обесхрабрени и оттурнати од Христа и од вистината. Мнозина имаат погрешна претстава за животот и карактерот на Христа. Тие мислат дека на Христа му недостасувала ведрина и топлина, дека бил смуртен, строг и невесел. Во многу случаи целото верско искуство е обоено со вакви мрачни погледи.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 120.
в. На кој начин патеката на праведникот свети дури и среде искушенијата?
„Патот може да биде нерамен, и искачувањето стрмно, може да има бездни и од левата и од десната страна; можеби на својот пат ќе мораме да поднесеме тешки напори; кога ќе се умориме и сакаме да се одмориме, можеби ќе мораме со напор да одиме понатаму; можеби ќе мораме да се бориме и кога ќе изгубиме сила, а кога ќе бидеме обесхрабрени, мораме сѐ уште да се надеваме; но со Христа, како наш Водич, сепак конечно ќе стигнеме до саканото пристаниште. Самиот Христос пред нас поминал по тој нерамен пат и ја израмнил патеката за нашите нозе. Долж целиот тој стрмен пат кој води во живот вечен, се наоѓаат извори на радост за освежување на уморните.“
Извор: Мисли од Гората на блаженствата, стр. 140.
