5. БОЖЈАТА НАМЕРА ЗА НЕГОВИОТ НАРОД
Четврток, 17 септември 2026
а. На кој чудесен начин Господ ни ја разоткрива Својата Реч сега, кога се приближува времето на крајот?
„Книгата што била запечатена не била книгата Откровение, туку оној дел од пророштвото од книгата на Даниел што се однесува на последните денови… ‘А ти, Данииле, сокри ги овие зборови и запечати ја оваа книга до последното време’ (Даниел 12:4). Кога книгата била отворена, се слушнала изјавата: ‘не ќе има веќе време’ (види Откровение 10:6). Книгата на пророкот Даниел сега е отпечатена, а откровението што Христос му го дал на Јован треба да ги осветли сите жители на оваа земја. Со умножувањето на знаењето треба да се подготви народ што цврсто ќе стои во последните денови.“
Извор: Selected Messages, bk. 2, p. 105.
„Многумина ја прифаќаат идејата дека Јовановото Откровение е запечатена книга и затоа не посветуваат време на проучување на нејзините тајни. Тие велат дека вниманието треба да се насочи кон возвишените вистини за спасението, а дека тајните откриени на Јован на островот Патмос не заслужуваат толкаво внимание. Но Бог не гледа така на оваа книга… Книгата Откровение му открива на светот што било, што е сега и што ќе биде. Таа е напишана за наша поука врз кои дошол крајот на вековите; затоа треба да се проучува со должно почитување и внимание… Тајните запишани во книгата Откровение Сам Господ му ги открил на Својот слуга Јован, и Тој сака тие да бидат достапни за проучување на сите. Во оваа книга сликовито се опишуваат многу сцени што сега веќе се минато, потоа некои настани од трајно значење што се одвиваат пред нас, а има и пророштва што нема целосно да се исполнат сè до свршетокот на времето на милоста, кога ќе дојде до последниот голем судир меѓу небесниот Кнез на животот и силите на темнината.“
Извор: The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 7, p. 954.
