28 ноември — Секое дело ќе биде изведено на суд

Мараната — Господ доаѓа
Секое дело ќе биде изведено на суд
28 ноември
„Зашто Бог ќе ја изведе на суд секоја работа, и што е тајно, било да е добро или лошо.“ (Проповедник 12:14) {МАР 340.1}
„Во случајот на секој поединец се одвива процес кој восхитува далеку повеќе од оној со кој цртите се пренесуваат врз полираната плоча на уметникот. Уметноста на фотографот само остава отисок на ликот врз распадлива материја, но во животниот извештај карактерот е верно прикажан, и тој извештај, колку и да е мрачен, никогаш не може да се избрише освен со крвта на Жртвата за помирување.“ (Review and Herald, 4. ноември 1884.) {МАР 340.2}
„Божјите ангели го забележуваат отисокот на карактерот толку прецизно како што уметникот ги пренесува цртите на човечкиот лик и … врз основа на тоа ќе ни се суди!“ (Review and Herald, 2. февруари 1886.) {МАР 340.3}
„Кога судот ќе заседне и книгите ќе се отворат, ќе има многу зачудувачки откритија. Луѓето тогаш нема да изгледаат онака како што им изгледаат на човечките очи и на ограниченото човечко расудување. Тајните гревови тогаш ќе бидат видливи за сите. Ќе се откријат побудите и намерите скриени во мрачните одаи на срцето.“ (Review and Herald, 1. јануари 1884.) {МАР 340.4}
„Сè ќе се види токму онака како што се случило.“ (Review and Herald, 13. јануари 1891.) {МАР 340.5}
„Во тоа свечено и страшно време ќе се откријат неверството на мажот кон жената и неверството на жената кон мажот. Родителите тогаш првпат ќе видат каков е вистинскиот карактер на нивните деца, а децата ќе ги видат грешките што ги обележале животите на нивните родители. Оној што со измама го ограбил својот сосед нема да се извлече со својата нечесна добивка. Бог има точен извештај во Своите книги за секоја неправедна сметка и за секое нечесно дело.“ (Review and Herald, 27. март 1888.) {МАР 340.6}
„Сеќавањето ќе биде вистинско и живо во осудата на виновните кои во тој ден ќе се најдат лесни. Умот ќе се сети на сите мисли и дела од минатото; целиот живот ќе се одвива како сцени во панорама.“ (Review and Herald, 4. ноември 1884.) {МАР 340.7}
