17 ноември — Големото мноштво откупени

Мараната — Господ доаѓа
Големото мноштво откупени
17 ноември
„Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое никој не можеше да го преброи, – од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете.“ (Откровение 7:9) {МАР 329.1}
„Сите слоеви, сите народи, племиња, колена и јазици ќе стојат пред престолот на Бога и на Јагнето, облечени во чисти облеки, со круни украсени со скапоцени камења. Ангелот рече: Овие се оние што доаѓаат од големата неволја; тие ги испраа своите облеки и ги избелија во крвта на Јагнето, додека оние што ги сакале уживањата повеќе од Бога, што им угодувале на своите желби и биле непослушни, ги загубиле двата света. Тие го немаат ниту овој живот, ниту бесмртниот. {МАР 329.2}
Мноштвото што слави победа со победнички песни, круни и харфи, поминало низ огнената печка на земните неволји кога било најтешко. Доаѓаат од оскудица, глад и мачење, од длабоко самоодрекување и горки разочарувања. Погледнете ги сега како победници, повеќе не сиромашни, ниту во тага и мака, ниту омразени од сите луѓе заради Христа. Погледнете ги нивните небесни облеки, бели и блескави, пораскошни од која и да е царска одежда. Со вера гледајте ги нивните круни со скапоцени камења. Таква круна никогаш не го красела челото на кој и да е земен цар. {МАР 329.3}
Слушајте ги нивните гласови како силно пеат ’осана‘ и ги веат палмовите гранчиња на победата. Раскошна музика го исполнува Небото додека нивните гласови ги пеат зборовите: ’Достојно, достојно е Јагнето што беше заклано и повторно воскресна засекогаш. Спасението е од нашиот Бог, Кој седи на престолот, и од Јагнето!‘ А војските на ангели, архангели, херувими засолнувачи и славни серафими го повторуваат како ехо припевот на таа радосна, победничка песна, велејќи: ’Амин! Благослов и слава, мудрост и благодарност, чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!‘ (Откровение 7,12) {МАР 329.4}
О, во тој ден ќе се открие дека праведниците биле мудри, а грешните и непослушните биле безумни. … Срамот и вечниот прекор се нивниот дел. Оние што соработувале со Христа тогаш ќе бидат близу до Божјиот престол, опашани со чистота и облечени во вечна праведност.“ (In Heavenly Places, стр. 371) {МАР 329.5}
