15 ноември — Ќе Го видиме Царот

Мараната — Господ доаѓа

Ќе Го видиме Царот

15 ноември

„Очите твои ќе го видат Царот во Неговата убавина, ќе гледаат непрегледна земја;“ (Исаија 33:17) {МАР 327.1}

„Ако сакаме да Го гледаме Царот во Неговата убавина, мораме тука да се однесуваме достојно. Мораме да ја надраснеме својата детинестост. Ако некој нè предизвикува, да бидеме тивки. Има време кога молчењето е најдобриот говор. Мораме да покажеме трпение, добрина и воздржување за да бидеме достојни да се наречеме Божји синови и ќерки. Треба да Му веруваме, да имаме доверба и да се потпираме врз Него. Треба да одиме по Христовите стапки. ’А на сите им зборуваше: ‘Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе самиот, нека го земе крстот свој и секој ден нека Ме следи!’‘ (Лука 9,23) … Можеби е тежок крст да се молчи кога е потребно. Тоа може да биде болно, но ве уверувам дека молчењето прави повеќе за совладување на злото отколку порој од гневни зборови. {МАР 327.2}

Тука, на овој свет, мораме да научиме какви треба да бидеме за да добиеме место во небесните дворови. Мораме да ги совладаме поуките на кои Христос сака да нè научи, за да бидеме подготвени за повисокото училиште во небесните дворови, каде Спасителот ќе нè води покрај реката на животот, објаснувајќи ни многу нешта што тука не сме можеле да ги разбереме. … Таму ќе ја видиме Божјата слава што тука не сме ја виделе. Сега гледаме само одблесок од славата, зашто не продолжуваме да Го запознаваме Господа.“ (In Heavenly Places, стр. 365) {МАР 327.3}

„Секое исправно начело и секоја вистина научени во земното училиште ќе нè унапредат за исто толку во небесното училиште. Како што Христос, додека одел и разговарал, ги поучувал Своите ученици за време на Својата мисија на Земјата, така ќе нè поучува и нас во небесното училиште, водејќи нè покрај реката на животот и откривајќи ни ги вистините што во овој живот мора да останат тајна поради ограниченоста на човечкиот ум, толку осакатен од гревот. Во небесното училиште ќе имаме можност постепено, чекор по чекор, да се издигнуваме до најголемите височини на знаењето и ученоста. Таму, како деца на небесниот Цар, вечно ќе престојуваме со членовите на царското семејство и ќе Го гледаме Царот во Неговата убавина, во Неговата неспоредлива привлечност.“ (Counsels to Parents, Teachers, and Students, стр. 208,209) {МАР 327.4}

„Долго чекавме, но нашата надеж не смее да згасне. Кога ќе Го видиме Царот во Неговата убавина, ќе бидеме засекогаш благословени.“ (8. Сведоштво, стр. 253) {МАР 327.5}