11 ноември — Наградата на откупените

Мараната — Господ доаѓа

Наградата на откупените

11 ноември

„И, ако делото на оној што ѕидал остане, тој ќе прими награда.“ (1 Коринтјаните 3:14) {МАР 323.1}

„Величествена ќе биде наградата на верните работници кои еднаш ќе се соберат околу престолот на Бог и на Јагнето. Кога Јован во својата смртна состојба ја видел Божјата слава, паднал како мртов бидејќи не можел да ја поднесе таа сцена. Меѓутоа, кога Божјите деца ќе се облечат во бесмртност, за нив ќе се исполни ветувањето: ’ќе Го видиме каков што е‘ (1 Јованово 3:2). Тие ќе стојат пред престолот прифатени од Возљубениот. Сите нивни гревови ќе бидат простени, сите нивни престапи избришани. Тогаш ќе можат да ја гледаат сета слава на Божјиот престол. Тие учествувале со Христа во Неговите маки, соработувале со Него во планот за откупување и затоа со Него ќе ја делат радоста кога во Божјото царство ќе ги видат спасените кои таму ќе Го слават Бога низ целата вечност.“ (9. Сведоштво, стр. 285) {МАР 323.2}

„Тој ден откупените ќе засветлат во славата на Таткото и Синот. Ангелите ќе свират со своите златни харфи поздравувајќи Го Царот и трофеите на Неговата победа – оние кои ги испрале и ги избелиле своите облеки во крвта на Јагнето. Ќе се заори песна на победа која ќе го исполни сето небо. Христос победил. Тој ќе влезе во небесните дворови, пратен од Своите откупени, како живи сведоци дека Неговата мисија на страдања и жртви не била напразно. … {МАР 323.3}

Постојат домови за оние кои на Земјата биле само патници и придојдени. Бели облеки со круни на слава и палми на победа ги очекуваат праведниците. Во идниот свет сето тоа што нè збунувало во Божјото Провидение конечно ќе ни стане јасно. Тогаш ќе бидат објаснети појавите кои денес е тешко да се разберат. Пред нас ќе се открие тајната на благодатта. Таму каде што нашиот ограничен ум гледал само збрка и неисполнети ветувања, ќе забележиме најсовршена и најубава хармонија. Ќе увидиме дека токму бескрајната љубов одредила да го преживееме она што ни изгледало потешко од сè. Кога ќе ја сфатиме нежната грижа на Оној кој прави сè што ќе нè снајде да биде за наше добро, тогаш ќе почувствуваме неискажана радост и благодарност.“ (9. Сведоштво, стр. 285,286) {МАР 323.4}

„Ве повикувам да се подготвите за доаѓањето на Спасителот на небесните облаци. … Подгответе се за судот, за во мир да се сретнете со Христа, кога Тој ќе дојде да се прослави во оние кои веруваат.“ (9. Сведоштво, стр. 285) {МАР 323.5}