10 ноември — Вашите мисли нека се занимаваат со небесното

Мараната — Господ доаѓа

Вашите мисли нека се занимаваат со небесното

10 ноември

„Мислете за небесното, а не за земното.“ (Колосјаните 3:2) {МАР 322.1}

„Кога Божјиот народ ќе престане да гледа на работите од овој свет и ќе ги насочи своите очи кон Небото и небесните нешта, ќе изгледа необичен, зашто ќе ги гледа милоста, добрината и сочувството што Бог ги покажува кон човечките синови. Неговата љубов ќе предизвика одговор кај нив, а тие со својот живот ќе им покажат на оние околу себе дека со нив управува Божјиот Дух, дека нивните мисли се занимаваат со небесното, а не со земното. {МАР 322.2}

Размислувајќи за Небото, можеме да ја употребиме сета своја мечта, вложувајќи најголеми напори и негувајќи ги највозвишените мисли за кои сме способни, а сепак нашиот ум ќе се умори во настојувањето да ја разбере широчината, длабочината и височината на темата. Нашиот ум не може да проникне во големите теми на вечноста. Не е можно ниту да се напрегнеме за да ги разбереме овие нешта, а тоа да не влијае врз целиот наш карактер на добро и да не го издигне нашиот ум. Кога размислуваме како Христос дошол на нашиот свет да умре за паднатиот човек, сфаќаме нешто од цената платена за нашето откупување и разбираме дека нема вистинска добрина или величина без Бога. {МАР 322.3}

Само со помош на светлината што свети од голготскиот крст можеме да знаеме до какви длабочини човечкиот род е понижен и паднат во грев. Само според должината на синџирот спуштен од Небото за да нè извлече можеме да дознаеме до какви длабочини сме потонале. И само ако ги имаме на ум стварностите што не ги гледаме, можеме да го разбереме она што е поврзано со прекрасните теми на откупувањето.“ (In Heavenly Places, стр. 368) {МАР 322.4}

„Речиси сме дома. Наскоро ќе го слушнеме гласот на Спасителот, пораскошен од која и да е музика, како вели: ’Вашата борба заврши. Влезете во радоста на својот Господар.‘ Блажени, блажени зборови; сакам да ги слушнам од Неговите бесмртни усни. Сакам да Го славам, сакам да Му оддадам чест на Оној што седи на престолот. Сакам мојот глас одново и одново да одекнува низ небесните дворови. Сакате ли и вие да бидете таму? … Боже, помогни ни; исполни нè со сета полнота и сила за да ја почувствуваме радоста на светот што ќе дојде.“ (In Heavenly Places, стр. 368) {МАР 322.5}