13 октомври — Грешниците се убиваат едни со други

Мараната — Господ доаѓа

Грешниците се убиваат едни со други

13 октомври

„И по сите Мои планини ќе повикам меч против него, вели Господ Бог; мечот на секој човек ќе биде против братот негов.“ (Езекиел 38:21) {МАР 294.1}

„Грешниците се исполнети со жалење, но не поради грешното занемарување на своите должности кон Бога и кон ближните, туку затоа што Бог победил. Плачат поради настанатите последици, но тие не се каат поради своите гревови. Би употребиле секакво средство да победат, само кога би можеле. … {МАР 294.2}

Проповедниците и народот гледаат дека не одржувале вистинска врска со Бога. Тие согледуваат дека се бунеле против Творецот на сите добри и праведни закони. Отстранувањето на божествените прописи било повод за илјадници зла: раздор, омраза, беззаконие, сè додека земјата не станала една огромна сцена на судири, бездна на расипаност. Тоа е сликата што се појавува сега пред оние што ја отфрлиле вистината и ја избрале лагата. Ниту еден јазик не може да го изрази копнежот што сега го чувствуваат непослушните и неверните за она што го загубиле засекогаш – вечен живот. Луѓето кои светот ги обожувал заради нивните способности и нивната речитост сега го гледаат сето ова во вистинско светло. Сфаќаат што загубиле со престапот, и паѓајќи пред нозете на оние чијашто верност ја презирале и ја исмевале, признаваат дека Бог ги љубел. {МАР 294.3}

Луѓето увидуваат дека биле измамени. Тие се обвинувале еден со друг дека ги довеле до уништување; но сите се соединуваат во најогорчена осуда на проповедниците. Неверните пастири пророкувале само мили работи. Тие ги навеле своите слушатели да го отфрлат Божјиот закон и да ги прогонуваат оние кои го сметале за свет. Сега, во својот очај, овие учители ја признаваат пред светот својата измама. Народот, исполнет со гнев, вика: ’Ние сме загубени, а вие сте причина за нашата пропаст!‘ Тие се свртуваат против своите лажни пастири. Врз оние, на кои некогаш најмногу им се восхитувале, изговараат најстрашни клетви. Рацете што некогаш ги крунисале со почести, ќе се подигнат за да ги уништат. Мечевите со кои требало да се убие Божјиот народ, сега се употребени против неговите непријатели. Насекаде има борби и крвопролевање.“ (Големата борба, стр. 654—656) {МАР 294.4}