29 септември — Бог ги потресува природните сили

Мараната — Господ доаѓа

Бог ги потресува природните сили

29 септември

„Седмиот ангел ја изли чашата своја на воздухот; и од престолот на небесниот храм се пронесе силен глас кој извика: ’Се сврши!‘ И имаше светкавици, громови и гласови, и стана силен земјотрес, таков голем и силен потрес, каков што немало откако има луѓе на земјата.“ (Откровение 16:17,18) {МАР 280.1}

„Треба да го проучуваме излевањето на седмата чаша на Божјиот гнев. Силите на злото нема да се предадат без отпор во последниот судир.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 983) {МАР 280.2}

„Среде гневното небо се гледа едно место на неопислива слава од каде што доаѓа Божјиот глас како звук на многу води, изјавувајќи: ’Се сврши!‘ (Откровение 16:17). {МАР 280.3}

Овој глас ги потресува небесата и земјата. Настанува силен земјотрес, ’таков голем и силен потрес, каков што немало откако има луѓе на земјата‘ (Откровение 16:17,18). Се чини дека небото се отвора и затвора. Од Божјиот престол можат да се видат зраците на славата. Планините се тресат како трска на ветер, а на сите страни паѓаат одронети карпи. Се слуша татнеж на бура што доаѓа. Морето удира бесно. Се слуша завивање на ураган како глас на демони кога тргнуваат во поход да уништуваат. Сета Земја се подига и се набира како морски бранови. Нејзината површина пука. Се чини дека нејзините темели попуштаат. Тонат планински венци. Исчезнуваат населени острови. Морските пристаништа кои по злото станале како Содом, исчезнуваат во разбеснетите води. Големиот Вавилон се споменува пред Бога ’за да му се даде чашата со вино од јароста на Неговиот гнев‘ (Откровение 16:19). Град ’голем како талант‘ го довршува ова уништување (стих 21). Најграндиозните градови на земјата стануваат купишта урнатини. Раскошните палати, на кои световните големци го расфрлале своето богатство за да се прослават, се распаѓаат пред нивните очи. Ѕидовите на затворите се уриваат, а Божјиот народ, кој се држи во ропство поради својата вера, се ослободува.“ (Големата борба, стр. 636,637) {МАР 280.4}