27 септември — Божјиот народ е ослободен

Мараната — Господ доаѓа
Божјиот народ е ослободен
27 септември
„Да, така вели Господ: и секој заробен од јунак ќе биде одземен и грабежот од тиранинот ќе биде вратен; зашто Јас се борам со твоите противници и ќе ги спасам твоите синови;“ (Исаија 49:25) {МАР 278.1}
„Кога оние што ги почитуваат Божјите заповеди ќе бидат лишени од заштитата на човечките закони, тогаш во разни земји истовремено ќе се појави движење за нивно уништување. Кога ќе наближи времето одредено во декретот, луѓето ќе направат заговор да ја истребат оваа омразена секта. Ќе решат во една ноќ да извршат одлучувачки удар кој засекогаш ќе го замолкне гласот на несогласување и прекор. {МАР 278.2}
Божјиот народ – некои во затворски ќелии, а други скриени во осамените засолништа по шумите и планините – сè уште се моли за Божја заштита, додека насекаде групи вооружени луѓе, поттикнувани од страна на злите ангели, се подготвуваат за смртоносното дело. И токму сега, во часот на најголема опасност, ќе се вмеша Израеловиот Бог да ги избави Своите избраници. … {МАР 278.3}
Со извици на триумф, исмевање и клетви, толпата на зли луѓе се упатува да се нафрли врз својот плен; но, на земјата паѓа густ мрак, погуст од најтемната ноќ. Тогаш над целото небо, како отсјај на славата која блескоти од Божјиот престол, се појавува виножито, оставајќи впечаток како да ја опкружува секоја група на верници затечени на молитва. Наеднаш разбеснетите толпи запираат. Нивните подбивни извици замолкнуваат. Предметот на нивниот убиствен бес е заборавен. Со страшно претчувство тие гледаат во симболот на Божјиот завет и сакаат што побргу да се сокријат од Неговиот силен сјај. {МАР 278.4}
Божјиот народ слуша јасен, мелодичен глас, кој кажува: ’Погледнете нагоре‘, и подигајќи ги очите кон небото, тие го гледаат виножитото на ветувањето. Црните, заканувачки облаци, што го прекриваат небесниот свод се разделуваат, и како некогаш Стефан, тие без здив гледаат во небото и ја посматраат Божјата слава и Синот човечки како седи на Својот престол.“ (Големата борба, стр. 635,636) {МАР 278.5}
„Додека целиот свет ќе биде обвиен во темнина, во секое живеалиште на светиите ќе свети светлина. Тие ќе ги видат првите зраци на Неговото доаѓање.“ (Пророци и цареви, стр. 720) {МАР 278.6}
