25 септември — Крунскиот чин на измамата

Мараната — Господ доаѓа
Крунскиот чин на измамата
25 септември
„Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението кое ќе дојде над целиот свет, за да ги искуша оние што живеат на земјата.“ (Откровение 3:10) {МАР 276.1}
„Како што се приближува второто доаѓање на нашиот Господ Исус Христос, сатанските орудија се подигаат од длабочините на земјата. Сатаната нема да се појави само како човечко суштество, туку ќе Го имитира Исуса Христа. Светот што ја отфрлал вистината ќе го прими него како Господар над господарите и Цар над царевите.“ (The SDA Bible Commentary, том 5, стр. 1105,1106) {МАР 276.2}
„Гневот на сатаната расте сообразно со скратувањето на неговото време, а неговото дело на измама и уништување ќе го достигне својот максимум во времето на големата неволја. … {МАР 276.3}
Како круна во големата драма на измама, самиот сатана ќе се прикаже како Христос. Црквата долго тврдела дека го чека доаѓањето на Спасителот како исполнување на нејзините надежи. Сега големиот измамник ќе создаде впечаток дека Христос веќе дошол. Во различни делови на светот, сатаната ќе се појави меѓу луѓето како величествено суштество со заслепувачки сјај, слично на описот на Божјиот Син во Јовановото Откровение (Откровение 1:13-15). Славата што ќе го опкружува ќе го надмине сето она што некогаш виделе смртните очи. Низ воздухот ќе одекнува победнички извик: ’Христос дошол, Христос дошол!‘ Народот ќе паѓа ничкум пред него; тој ќе ги подигне рацете и ќе ги благослови како Христос што ги благословувал Своите ученици кога живеел на Земјата. Неговиот глас ќе биде благ и придушен, но полн со мелодија. Со благ и чувствителен тон ќе изнесува некои прекрасни небесни вистини што ги изговорил Спасителот. Ќе лекува болести кај народот, а потоа, имитирајќи го Христовиот карактер, ќе тврди дека саботата ја променил во недела и на сите ќе им заповеда да го празнуваат денот кој Тој го благословил. Ќе каже дека оние кои упорно го празнуваат седмиот ден, го обесчестуваат неговото име, зашто одбиваат да ги слушаат неговите ангели што ги пратил кај нив со светлина и вистина. Ова ќе биде силна, речиси неодолива измама. Како и Самарјаните, кои биле измамени од Симон вражарот, народот, од најмалиот до најголемиот, ќе поверува во оваа магиска измама, велејќи: ’Овој е силата Божја, наречена Голема‘ (Дела 8:10). {МАР 276.4}
Но Божјиот народ нема да биде заведен. Учењата на овој лажен христос не се во согласност со Светото писмо.“ (Големата борба, стр. 623—625) {МАР 276.5}
