18 август — Посветување предвидено за оние што ја празнуваат саботата

Мараната — Господ доаѓа
Посветување предвидено за оние што ја празнуваат саботата
18 август
„Помни го саботниот ден, за да го празнуваш. Шест дена работи, и врши ги во нив сите свои работи; а седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни добитокот твој, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе.“ (Исход 20:8,9,10) {МАР 238.1}
„Бог објавил во Своето слово дека седмиот ден е знак меѓу Него и Неговиот избран народ — знак на неговата верност. … {МАР 238.2}
Седмиот ден е денот што Бог го избрал. Бог не го оставил ова прашање да го преиначуваат свештеници или владетели. Тоа е премногу значајно за да му биде препуштено на човечкото расудување. Бог видел дека луѓето ќе ја бараат својата корист и удобност и ќе изберат ден што најмногу ќе им одговара на нивните желби, ден што нема да има божествен авторитет, па затоа јасно објавил дека седмиот ден е Господовата сабота. {МАР 238.3}
Секој човек во светот што Бог го создал е под законите на Неговото владеење. Бог ја поставил саботата во средиштето на Десетте заповеди и ја направил мерило за послушноста. Преку неа можеме да учиме за Неговата моќ што се покажува во Неговите дела и е откриена во Неговото слово. … {МАР 238.4}
Луѓето не можеле поочигледно да им се спротивстават на Божјото дело и Неговиот закон отколку со тоа што поддржале ден за кој нема ниеден доказ дека е свет и објавиле дека Бог треба да се слави во тој ден. Оние што го измениле Законот заменувајќи ја Божјата света сабота со лажна сабота и што го наметнале празнувањето на оваа лажна сабота, се издигнале себеси над Бога и го величаат лажното наместо вистинското. {МАР 238.5}
Оние што го отфрлаат Божјиот свет ден за одмор поради лажната сабота, тие наводни христијани, зборуваат за посветување. Но Бог изјавува дека ги посветува само оние што Му оддаваат чест единствено Нему со тоа што ги пазат Неговите заповеди. Посветувањето за кое зборуваат оние што и понатаму упорно грешат е лажно посветување. Така светот, кога станува збор за верата, е измамен од непријателот на Бога и на човекот. … {МАР 238.6}
Луѓето трагаат по нови откритија. Зеле обичен ден што Бог не го посветил ниту го благословил. Го прогласиле за свет ден, но со тоа не му се дава ни најмалку светост. Го навредуваат Бога прифаќајќи човечки установи и прикажувајќи му на светот како христијанска сабота ден за кој не постои ’Така вели Господ‘.“ (Signs of the Times, 31. март 1898.) {МАР 238.7}
