17 август — Значењето на обратувањето

Мараната — Господ доаѓа
Значењето на обратувањето
17 август
„И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото.“ (2 Коринтјаните 5:17) {МАР 237.1}
„Старата природа, родена од крв и од волјата на телото, не може да го наследи Божјото царство. Старите патишта, наследените склоности и поранешните навики мора да се отфрлат, зашто Божјата благодат не се стекнува со наследство. Новото раѓање се покажува во нови побуди, нов вкус и нови склоности. Оние што преку Светиот Дух се преродени за нов живот стануваат учесници во божествената природа и во сите свои навики и постапки даваат очигледни докази за својата жива поврзаност со Христа. Ако оние што тврдат дека се христијани ги задржат сите свои мани и склоности, по што тогаш се разликуваат од светот? Тие не ја прифатиле вистината како нешто што ја посветува и облагородува душата. Не се родени повторно. … {МАР 237.2}
Вистинското обратување ги менува вродените и стекнатите склоности кон злото. Божјата вера е како цврста ткаенина составена од безброј вешто испреплетени нишки. Само мудроста што доаѓа од Бога го прави ова дело толку целосно. Има многу видови ткаенини што на прв поглед изгледаат многу убави, но не можат да го издржат испитот. При перењето се покажува дека нивните бои не се постојани. На летната горештина бледеат и го губат својот изглед. Таквите ткаенини не можат да издржат грубо ракување. {МАР 237.3}
Така е и со верата на мнозина. Кога основата и јатокот на карактерот не можат да го издржат испитот на искушението, материјалот од кој се направени се покажува безвреден. Напорите на старата ткаенина да се стават нови закрпи ќе бидат неуспешни, зашто старата, излижана ткаенина се кине од новата и отворот станува уште поголем. Крпењето нема да помогне. Единствен начин е старото целосно да се отфрли и да се замени со сосема ново. {МАР 237.4}
Христовиот план е единствениот сигурен. Тој изјавува: ’Ете, сѐ ново создавам‘. ’Кој е во Христос, тој е ново создание‘. … Крпената вера нема ни најмала вредност пред Бога. Тој го бара целото срце.“ (The SDA Bible Commentary, том 6, стр. 1101) {МАР 237.5}
„Исус го дал Својот живот … за нас. Зар ние нема да Му ги дадеме своите најдобри чувства, најсветите желби, најцелосната служба?“ (In Heavenly Places, стр. 350) {МАР 237.6}
