16 август — Спасение од ден на ден

Мараната — Господ доаѓа

Спасение од ден на ден

16 август

„Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне.“ (1 Коринтјаните 10:12) {МАР 236.1}

„Падот на Петар не настанал одненадеж и наеднаш, туку постепено. Самоувереноста кај него создала сигурност дека е спасен, па тој чекор по чекор тргнал по удолница, сѐ додека не се откажал од својот Учител. Никогаш не можеме без опасност да се потпреме врз себе, ниту да помислиме, додека сме уште на оваа земја, оти сме сигурни од искушенијата. Сите што ќе го прифатат Спасителот, колку и да е искрено нивното преобратување, никогаш не смеат да тврдат или да мислат дека се спасени. Тоа може да ги заведе од вистинскиот пат. Секој треба да биде поучуван да не губи надеж и вера; но дури и тогаш, кога себеси ќе му се предадеме на Христа и кога знаеме дека Тој нѐ прифатил, не сме надвор од досегот на искушенијата. … Само оној што ќе го издржи искушението ќе го добие венецот на животот (Јаков 1,12). {МАР 236.2}

Оние што Го прифаќаат Христа и во својата прва љубов велат: ’Спасен сум‘, се во опасност да се потпрат на себеси. … Зборовите во 1. Коринтјаните 10,12 нè советуваат: ’Кој мисли дека стои, нека гледа да не падне!‘ Наша единствена сигурност е непрекинатата недоверба во себе и постојаното потпирање врз Христа. {МАР 236.3}

Има многу такви што Го проповедаат Христа, но никогаш не станале зрели христијани. Тие признаваат дека човекот паднал, дека неговите способности ослабеле и дека не е способен за морални достигнувања; меѓутоа, велат дека Христос го понел целиот товар, сите страдања и самооткажување и сакаат Нему да Му остават и понатаму да ги носи. Велат дека тие не треба да прават ништо освен да веруваат; но Христос рекол: ’Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи‘ (Матеј 16,24) … {МАР 236.4}

Никогаш не смееме да си дозволиме состојба на самозадоволство и опуштеност, ниту да престанеме да напредуваме велејќи: ’Спасен сум‘. Кога ја негуваме оваа мисла, престануваат да постојат причините за бдеење, молитва и сериозно настојување кон повисоки достигнувања. Ниеден посветен јазик нема да ги изговори овие зборови сè додека Христос не дојде и не влеземе низ портите во Божјиот град. Тогаш, сосема соодветно, ќе можеме да Му оддадеме слава на Бога и на Јагнето за вечното спасение.“ (Revival and Beyond, стр. 42,43) {МАР 236.5}