12 август — Лажно посветување

Мараната — Господ доаѓа

Лажно посветување

12 август

„Кој вели: ’Го познав‘, а заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина; а кој го пази словото Негово, во него Божјата љубов навистина е совршена: по тоа знаеме дека сме во Него.“ (1 Јованово 2:4,5) {МАР 232.1}

„Посветувањето што денес се истакнува во религиозниот свет носи во себе дух на самовозвишување и непочитување на Божјиот закон, што го прави туѓо во однос на библиската религија. Застапниците на оваа теорија учат дека посветувањето е дело со кое, единствено со вера, одеднаш, се постигнува совршена светост. ’Само верувај‘, велат тие, ’и ќе примиш благослов‘. Не се потребни никакви натамошни напори од оној што ги прима благословите. Тие во исто време ја негираат важноста на Божјиот закон и тврдат дека се ослободени од обврските да ги држат заповедите. Но, зарем е можно луѓето да станат свети и да бидат во склад со волјата и карактерот Божји без да се усогласат со начелата што се израз на Божјата природа и волја и кои покажуваат што Му е Нему угодно? … {МАР 232.2}

Заради желбата за една лесна религија, која не бара никаков напор, самосовладување ниту напуштање на лудостите на светот, доктрината за вера, и само вера, станала многу популарна. Но што вели Божјото слово? Апостол Јаков вели: ’Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси?‘ ’Не сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е мртва?‘ {МАР 232.3}

Сведоштвото на Божјото слово се противи на ова лажно учење за вера без дела. Да се бара небесна наклоност, а да не се исполнуваат условите под кои милоста се одобрува, тоа не е вера туку дрска претпоставка; зашто вистинската вера има свој темел во ветувањата и во прописите на Светото писмо. {МАР 232.4}

Никој нека не се лаже верувајќи дека може да стане свет додека намерно престапува некоја Божја заповед. Гревот што свесно го правиме го замолкнува гласот на Светиот Дух и ја одвојува душата од Бога…. ’Кој вели: ‘Го познав’, а заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина; а кој го пази словото Негово, во него Божјата љубов навистина е совршена: по тоа знаеме дека сме во Него‘ (1 Јованово 2:4,5).“ (Revival and Beyond, стр. 15—17) {МАР 232.5}