6 август — Како да се достигне висината на христијанското совршенство

Мараната — Господ доаѓа

Како да се достигне висината на христијанското совршенство

6 август

„А на Оној Кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши изобилно сѐ што ќе побараме или помислиме,“ (Ефесјаните 3:20) {МАР 226.1}

„Ако извор на својата сила најдете во Бога, ќе можете и под околности кои најмногу обесхрабруваат да се издигнете до онаа висина на христијанскиот карактер за која сте мислеле дека е недостижна. Вашите мисли ќе станат возвишени, желбите благородни, сфаќањето на вистината јасно и во побудите кои ве поттикнуваат нешто да направите нема да има ништо што е ниско и нечисто. {МАР 226.2}

За да се постигне совршенство на карактерот потребно е да се мисли на тоа, но и да се работи на тоа. Бидејќи сте во постојан контакт со луѓето од овој свет, морате да внимавате да не копнеете премногу за нивното одобрување и да не живеете за тоа тие да ве фалат и издигнуваат. … негувајте во себе особина на понизност и секогаш во беспомошноста на својата душа со вера потпирајте се на Христа. … Сред конфузијата и искушенијата кои владеат во светот, вие можете во совршена смиреност да ја сочувате потполната независност на својата душа. {МАР 226.3}

Ако секој ден во молитва одржувате врска со Бога ќе научите и да ги цените луѓето и со задоволство ќе одговорите на секој повик да ги ублажите страдањата на болните и унесреќените. Вие не сте само свои; вашиот Господ со право ги бара вашите најсветли чувства и највозвишената служба на вашиот живот. Тој со полно право очекува целото свое битие: духот, душата и телото во потполност да ги посветите на слава и чест на Неговото име. Колку и да е тежок крстот кој треба да го носите, … сето тоа треба да го прифатите без мрморење. … {МАР 226.4}

Многумина на овој свет се без Бога и без никаква надеж. Тие се грешни, изопачени и понижени, немоќни робови на сатанското лукавство. Сепак и поради нив Христос се симнал од небото за да ги откупи. Токму таквите треба да бидат предмет на најнежно сочувство, љубов и неуморни напори, бидејќи се наоѓаат на самиот раб на пропаста. Тие страдаат поради неостварените желби, неконтролираните страсти и осудите на својата сопствена совест; тие се несреќни во полна смисла на тој збор, бидејќи им се чини дека изгубиле сè и дека немаат никаква надеж ниту за овој ниту за идниот живот. {МАР 226.5}

Пред вас е многу значајно поле на работа и вие морате да бидете исклучително активни и будни, одѕивајќи се со задоволство и без никаков приговор на повикот на својот Учител.“ (4. Сведоштво, стр. 567,568) {МАР 226.6}