17 мај — Глетки, звуци и злосторства

Мараната — Господ доаѓа

Глетки, звуци и злосторства

17 мај

„Нема да ставам пред очите мои ништо пакосно; ги мразам делата на отпадниците – тие нема да се прилепат за мене. Развратно срце нема да се прилепи до мене; за лукавиот не сакам да знам.“ (Псалми 101:3,4) {МАР 145.1}

„Имаме причина да бидеме длабоко загрижени за нашите деца, кои на секој чекор се соочуваат со искушенија. За нив е невозможно да ја избегнат средбата со лошото друштво… Тие гледаат сцени, слушаат звуци и се изложуваат на влијанија кои го расипуваат моралот и кои ако сериозно не им се спротивстават, незабележително, но сигурно ќе го расипат срцето и ќе го упропастат карактерот. … {МАР 145.2}

Некои родители се толку рамнодушни, толку невнимателни, што им е сеедно во кое училиште одат нивните деца. Тие велат: ’Ние сме во светот и не можеме да го напуштиме‘. Но родители, ние можеме делумно да излеземе од светот, ако така одлучиме. Ние можеме да избегнеме да видиме многу зла кои толку брзо се множат во овие последни денови. … {МАР 145.3}

Во живиот ум на децата и младите глетките прикажани во измислени откритија за иднината изгледаат како реалност. Претскажувањето на насилствата и опишувањето на постапките кои ги рушат оградите на законот и на самосовладувањето, влијаат на нивниот дух. Така се наведени да направат злосторства, кои често се поужасни од оние кои овие писатели ги прикажале. Со такво влијание се расипува општеството. Со голем замав се сее семето на беззаконијата. Никој не треба да се чуди што последица на ова е жетва на злосторствата. … {МАР 145.4}

Одлучно кажи: ’Нема да поминам ниту еден скапоцен момент во читање на она што нема да ми користи, а што само ќе ме онеспособи да им служам на другите. Своето време и своите мисли ќе ги посветам на оспособување за служба на Бога. Ќе ги затворам очите за она што е лесноумно и грешно. Моите уши му припаѓаат на Господа и нема да ги слушам лукавите непријателски дошепнувања. Мојот глас во ништо нема да се покорува на волјата која не е под влијание на Божјиот Дух. Моето тело е храм на Светиот Дух и сите сили на своето битие ќе ги посветам на чесните настојувања‘.“ (Адвентен дом, стр. 406–409) {МАР 145.5}