8 мај — Времиња и прилики

Мараната — Господ доаѓа

Времиња и прилики

8 мај

„И Тој им одговори: ’Не е ваше да ги знаете времињата или часот што Отецот ги поставил во Своја власт;‘“ (Дела 1:7) {МАР 136.1}

„Бог ги држи времињата и приликите во Својата власт. Зошто не ни дал да ги знаеме? Затоа што не би го употребиле тоа знаење на правилен начин. Кога би знаеле кога ќе биде тоа, меѓу нашиот народ би завладеала состојба што значително би го забавила Божјото дело на подготвување на народот да опстане во големиот ден што доаѓа. … Исус им рекол на Своите ученици да ’бдеат‘, но не за некое определено време. Неговите следбеници треба да бидат како оние што ги слушаат заповедите на својот Поглавар. Треба да бдеат, да чекаат, да се молат и да работат додека се приближуваат кон времето на Господовото доаѓање. Но никој не ќе може да предвиди точно кога ќе се случи тоа, зашто ’за тој ден и час никој не знае‘. Не ќе можете да кажете дека Тој ќе дојде за една, две или пет години, ниту смеете да го одложувате Неговото доаѓање тврдејќи дека нема да дојде за десет или дваесет години. … Не е наше да го знаеме точното време на излевањето на Светиот Дух или на Христовото доаѓање.“ (Evangelism, стр. 221) {МАР 136.2}

„Потоа ми беше укажано на поединци кои се наоѓаат во голема заблуда верувајќи дека им е должност да одат во стариот Ерусалим*, мислејќи дека таму имаат задача која мора да се изврши пред да дојде Господ. Таквото сфаќање е сведено на тоа мислите и интересирањето да се одвратат од сегашното Божјо дело и објавувањето на веста на Третиот ангел; затоа што оние кои ќе сметаат дека треба да се оди во Ерусалим постојано ќе мислат само на тоа па своите средства ќе ги ускратат за делото на сегашната вистина за да обезбедат едно такво патување за себе и другите. Видов дека таквата мисија не би постигнала никакво вистинско добро, дека би требало многу време за само некои од Евреите да можат да поверуваат во првото Христово доаѓање, а колку би требало време и труд да се вложат за тие да се уверат во Неговото второ доаѓање.“ (Рани списи, стр. 75) {МАР 136.3}

* Ова е напишано во почетокот на педесеттите години на деветнаесеттиот век, кога поборниците на таканареченото „време што доаѓа“ учеле дека стариот Ерусалим ќе биде изграден како средиште на христијанско сведочење, со што ќе се исполнат некои пророштва од Стариот завет.