14 март — Телесно здравје и благородни мисли

Мараната — Господ доаѓа
Телесно здравје и благородни мисли
14 март
„Возљубени, ве молам, како придојдени и гости, да се пазите од телесните похоти што војуваат против душата.“ (1 Петрово 2:11) {МАР 81.1}
„Мнозина го сфаќаат овој текст само како предупредување против разузданоста, но тој има пошироко значење. Тој го забранува секое штетно попуштање на апетитот и страстите. Секој изопачен апетит станува похота. Апетитот ни е даден за добра цел, а не, изопачен, да стане орудие на смртта и да се изроди во ’телесните похоти‘ што ’војуваат против душата‘. Петровиот совет е непосредно и силно предупредување против употребата на сите средства за надразнување и наркотици. Овие попуштања сосема оправдано можат да се вбројат меѓу желбите што штетно влијаат врз карактерот.“ (Христијанска умереност и библиска хигиена, стр. 54) {МАР 81.2}
„Никој што тврди дека е побожен нека не биде рамнодушен кон телесното здравје, залажувајќи се дека неумереноста не е грев и дека нема да влијае врз неговата духовност. Телесната и моралната природа се тесно поврзани. Мерилото на доблеста или се издигнува или се снижува преку телесните навики. Претерувањето дури и во најдобрата храна предизвикува нездрава состојба на моралните чувства. Последиците од јадењето нездрава храна ќе бидат уште поштетни. Секоја навика што не придонесува за здравјето на човечкиот организам ги намалува повисоките и поблагородните способности. … Попуштањето на апетитот ги зајакнува животинските нагони, давајќи им предност над душевните и духовните сили.“ (Counsels on Health, стр. 67) {МАР 81.3}
„Силата на искушението да му се попушти на апетитот може да се мери само со неискажливото страдање на нашиот Спасител за време на тој долг пост во пустината. Тој знаеше дека попуштањето на изопачениот апетит така ќе ја умртви човековата моќ за сфаќање што нема да биде во состојба да го воочи она што е свето. … Доколку силата за попуштање на апетитот била толку несовладлива за човештвото, така што со цел да го скрши нејзиното упориште, Синот Божји, во полза на човекот, морал да издржи пост од скоро шест седмици, какво ли дело тогаш лежи пред христијанинот! Сепак, колку и да е голема борбата, тој може да победи. Со помош на таа божествена сила која што им се спротивставила на најжешките искушенија, кои што сатаната можел да ги смисли, така и христијанинот може да биде целосно успешен во борбата со злото, и на крајот ќе може да го носи победничкиот венец во Божјото царство.“ (Совети за животот и исхраната, стр. 167) {МАР 81.4}
