18 февруари — Единствениот сигурен пат

Мараната — Господ доаѓа

Единствениот сигурен пат

18 февруари

„Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“ (Матеј 26:41) {МАР 57.1}

„Што треба да кажам за да го пробудам остатокот од Божјиот народ? … Ги предупредувам сите што го исповедаат Христовото име темелно да се испитаат и целосно да ги признаат сите свои гревови, за да можат да опстанат во денот на судот и ангелот што го води извештајот да може покрај нивното име да напише: простено. Брате мој, сестро моја, ако не ги искористите овие драгоцени мигови на милост, ќе бидете без изговор. Ако не вложите посебен напор да се издигнете, ако не покажете желба да се покаете, овие златни мигови наскоро ќе поминат и ќе бидете измерени на мерилото и ќе се најдете лесни.“ (1. Сведоштво, стр. 263) {МАР 57.2}

„Со опомената ’бидете будни и молете се‘, Исус означил еден сигурен пат. Неопходно е да бдееме. Нашите срца се измамливи; ние сме подложни на човечките слабости и мани, а сатаната се напрегнал да уништува. Нашата будност понекогаш може да попушти, но нашиот непријател никогаш не мирува. Знаејќи за неговите неуморни напори, не смееме да спиеме како и останатите, туку треба ’да бидеме будни и трезни‘. Мораме да му се спротивставиме на духот и на влијанието на светот и не смееме да дозволиме да завладеат со нашиот ум и нашето срце.“ (5. Сведоштво, стр. 409) {МАР 57.3}

„Испитувај го внимателно своето срце во светлина на вечноста. Не криј ништо од себе. Истражувај, испитувај, како да ти е во прашање животот, пресуди си самата, а потоа во вера побарај ја Христовата крв која ќе ги исчисти дамките од твојот христијански карактер. Немој да си ласкаш, немој да се оправдуваш, биди строга кон својата душа. И кога ќе увидиш колку голем грешник си, тогаш понизно клекни пред крстот. Исус ќе те прими, колку и да си нечиста, и ќе те испере со Својата крв, ќе ја исчисти секоја нечистотија од тебе и ќе те направи подобна за друштвото на светите ангели во чистото небо кое е исполнето со слога и хармонија. Таму нема никаков раздор и неслога. Има само здравје, среќа и радост.“ (2. Сведоштво, стр. 81) {МАР 57.4}

„Овој свет е училиште во кое се подготвуваме за повозвишеното училиште, овој живот е подготовка за идниот живот. Овде мораме да се подготвуваме за влегување во небесните дворови. Овде мораме да ја примиме вистината, да веруваме во неа и да ја спроведуваме во дело, сè додека не станеме подготвени за домот со светиите во светлината.“ (8. Сведоштво, стр. 200) {МАР 57.5}