17 февруари — Последната стража

Мараната — Господ доаѓа

Последната стража

17 февруари

„Бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата, приквечер ли, или на полноќ, или петлите кога ќе пропеат, или наутро, па да не дојде ненадејно и да ве затече како спиете.“ (Марко 13:35,36) {МАР 56.1}

„Ми беше покажана една група. … Нивните очи биле вперени кон небото, а на усните им беа зборовите на нивниот господар: ’Што ви зборувам вам, им го зборувам на сите: Бидете будни!‘. … Господ најавил одолжување пред зори. Меѓутоа, Тој не сака тие да попуштат пред заморот или да престанат со сесрдното стражарење затоа што утрото не осамнало тогаш кога очекувале. … {МАР 56.2}

Видов дека е невозможно да се подарува љубов и внимание на овоземските работи, да се зголемува земското богатство, а воедно да се чека и да се бдее како што наложил Спасителот. Ангелот рече: ’Тие можат да задобијат само еден свет. Ако сакаат да стекнат небесно богатство, мора да го жртвуваат земното. Тие не можат да ги имаат обата света‘. … {МАР 56.3}

Видов како во минатото една стража менувала друга. Дали заради тоа денес треба да постои недостаток во будноста? О, не! Сега има уште поголема потреба за непрекината будност, бидејќи има уште помалку време отколку пред поминувањето на првата стража. Кога тогаш толку неуморно стражаревме, колку повеќе тоа е потребно во оваа последна стража! Поминала втората стража, дошла третата и би било непростливо ако сега попуштиме во својата ревност. Третата стража бара трипати поголема сесрдност. Сега да се биде нетрпелив би значело да се изгуби сè она што е постигнато со истрајноста од претходните стражарења. Долгата ноќ на стражарење е полна со неволји; но Бог во Својата милост го одложил доаѓањето на утрото, бидејќи кога би дошол сега, многумина би биле неподготвени. Причината за одложување е тоа што Бог не сака Неговиот народ да пропадне. … {МАР 56.4}

Разликата помеѓу оние што го сакаат светот и помеѓу оние кои Го љубат Христа е јасна и непогрешлива. Додека суетните луѓе се трудат да стекнат земно богатство, Божјиот народ сè повеќе се одвојува од светот и покажува со своето сесрдно чекање и стражарење дека се обратил и дека овој свет не е негов дом, бидејќи копнее по подобрата земја, небесната.“ (2. Сведоштво, стр. 192–194) {МАР 56.5}