4 февруари — Ќе го издржиш ли искушението?

Мараната — Господ доаѓа
Ќе го издржиш ли искушението?
4 февруари
„И помни го целиот пат, по кој те водеше Господ, твојот Бог, по пустината еве веќе четириесет години, за да те искуша и да дознае што е во срцето твое, дали ги почитуваш заповедите Негови, или, пак, не.“ (Второзаконие 8:2) {МАР 43.1}
„Бог ќе го провери Својот народ. … Доколку објавувањето на пораката траеше толку кратко како што мнозина од нас претпоставуваа, немаше да има време одредени поединци да го развијат својот карактер. Мнозина од оние што оваа свечена и застрашувачка порака ги поттикна се раководеа од чувствата, а не од начелата и верата. Таа делуваше на нивните чувства и пробуди страв во нив, но не ја оствари својата од Бога одредена цел. … {МАР 43.2}
Бог ги води припадниците на Својот народ, чекор по чекор. Тој ги доведува во различни положби и околности за да се покаже што им е во срцето. Таквата проверка некои успешно ја издржуваат во еден поглед, но паѓаат на друго место. При следната проверка срцето се изложува на посериозен испит. Но припадниците на Божјиот народ чувствуваат отпор во своето срце кон овој сосем оправдан процес, што треба да ги осведочи дека во тој поглед мора да извршат одлучна промена … Некои со задоволство прифаќаат една работа, но кога Бог ќе ги стави на проверка во нешто друго, тие застануваат и се враќаат назад, бидејќи тоа го погодува некој нивен омилен идол. Овде им се дава можност да увидат што е тоа во нивното срце што му ја затвора вратата на Исус. Тие нешто друго ценат повеќе од вистината, и не се подготвени да го примат Христос во своето срце. Поединци долго се испитуваат и се проверуваат за да се види дали ќе ги жртвуваат своите идоли и дали ќе го послушаат советот на Вистинскиот Сведок. … Оние што успешно ќе ги поминат сите проверки, и ќе излезат како победници, без оглед на цената, значи дека го послушале советот на Вистинскиот Сведок, па ќе го примат позниот дожд и така ќе бидат подготвени за преобразување. {МАР 43.3}
Бог го проверува Својот народ во овој свет. … Овде, на овој свет, секој поединец во овие последни денови покажува која сила делува на неговото срце и ги контролира неговите постапки. Ако е тоа силата на Божјата вистина, таа го поттикнува секој човек што ќе ја прими да прави добри дела, го воздигнува и го прави благороден и великодушен каков што бил и неговиот божествен Учител. … {МАР 43.4}
Млади и стари, Бог ве проверува сега, во овој живот. Сега носите одлука за вашата вечна судбина.“ (1. Сведоштво, стр. 186–189) {МАР 43.5}
