3 февруари — Време на испитување

Мараната — Господ доаѓа
Време на испитување
3 февруари
„Не зборувајте повеќе толку горделиво! Зборови дрски нека не излегуваат од вашата уста; зашто Господ е Бог на знаењето, и постапките Негови се одмерени.“ (1 Царства 2:3) {МАР 42.1}
„Видов еден ангел како во своите раце држи вага, мерејќи ја тежината на мислите и интересите на Божјиот народ, посебно на младите. На едниот тас на вагата беа мислите и стремежите насочени кон небото, а на другиот мислите и интересите насочени кон земјата. На тој тас беше ставено читање на секакви книги, мисли за облекувањето, фалбаџиско истакнување, раскош, суета, гордост, и слично на тоа. О, колку сериозен миг беше тоа! Божјите ангели ги одмеруваат мислите и интересите на оние што за себе кажуваат дека се Божји деца, кои тврдат дека се мртви за светот и дека живеат само за Бога. Тасот на кој беа ставени овоземните мисли, суетата и гордоста нагло се спушти. Тасот на кој беа ставени мислите насочени кон небото нагло се подигна горе со иста брзина со која другиот се спушти; и, леле, колку беше лесен! Можам ова да го пренесам онака како што можев да го видам, но сериозноста и незаборавниот впечаток што таа глетка го остави на мојата душа – додека го посматрав ангелот со вагата како ги мери мислите и интересите на Божјиот народ – никогаш не ќе можам да го опишам. Ангелот рече: ’Можат ли ваквите да влезат во небото? Не, не, никогаш! Кажи им дека надежта што сега ја имаат е потполно напразна, и ако со неодложно покајание не го задобијат спасението, тие ќе мора да пропаднат‘. … {МАР 42.2}
Видов дека мнозина се споредуваат меѓу себе и својот живот го споредуваат со животот на другите. Тоа не треба да се прави. Никој освен Христос не може во сѐ да ни биде пример. Тој е нашиот вистински Пример и сите треба да се трудиме што посовесно да се угледаме на Него. … {МАР 42.3}
Покажано ми е дека некои сѐ уште немаат никаков поим што значи тоа самоодрекување и жртва, и што значи да се страда поради вистината. Меѓутоа, никој нема да влезе во небото, ако не поднел некоја жртва. Духот на самоодрекување и пожртвуваност треба да се негува. Некои не се спремни со целото свое битие да се жртвуваат на Божјиот жртвеник. Тие подлегнуваат на својот избувлив и непостојан темперамент, го задоволуваат својот апетит и себично гледаат само на своите лични интереси, не обрнувајќи внимание на потребите на Божјото дело. Вечниот живот ќе го наследат само оние кои поради тоа се спремни на секоја жртва; за тоа навистина вреди да се страда, да се распне сопственото ’јас‘ и да се жртвува секој идол. Вечната и од сѐ попретежна слава на Новата земја надминува сѐ друго и ги става во сенка сите овоземни задоволства.“ (1. Сведоштво, стр. 124–126) {МАР 42.4}
